top of page

За да нема ниту една повеќе, треба нас да нѐ има повеќе

  • Writer: Марија Велинова
    Марија Велинова
  • 6 days ago
  • 4 min read

Во последно време сѐ повеќе мислам како треба да се живее во ваков свет, што треба да се прави и на што треба да се мисли кога сѐ околу тебе се распаѓа и се заканува да те убие. Се обидувам да ги минувам своите денови како и секој млад човек, се спремам за испити и излегувам навечер, но како да му се посветам целосно на тоа што треба да биде моја окупација во моментот? Дали треба и дали воопшто можам да ги ставам розовите очила за да не го гледам црниот облак кој постојано ни виси над глава? Тоа не смее да биде единственото решение за преживување.


Овие мисли константно ми се вртеа во глава додека читав за авангардните уметнички движења настанати на почетокот на ХХ век, за тоа како сите најпровокативни, најбучни, најхаотични и политички ангажирани движења се јавиле поради кризниот период на Европа. И, секако, не можев а да не направам паралела со почетокот на овој век во кој живееме и очигледната криза во која се наоѓа Европа, а би рекла и целиот свет. Првин, се почувствував лично засегната од оваа компарација што ми се јави в глава, бидејќи што јас како уметник правам за општеството и што треба да правам? Дали е возможно да се дојде до вистинскиот одговор на тоа што треба да испратат современите уметници назад до светот, а притоа тоа не само да биде соодветно на духот на времето туку да биде и слушнато од доволно голем број на луѓе? Понатаму, оваа паралела ме допре како студент по книжевност кој треба да размислува, да зборува, да ја коментира, на пример, поезијата на Аполинер, да го окупира својот мозок со различни поетики и естетики додека градот и светот околу него се рушат. Излегувам навечер и не можам да ја споделам мојата инспирираност од стихот којшто сум го прочитала денес, бидејќи тој веќе испарил од мојот ум поради смрдеата што се шири од пожарите кои нѐ трујат.


Така влегувам од една мисловна спирала во друга, додека со чувство на беспомошност одам на протест за третата голема трагедија што се случи годинава. Трета по ред што уби млад човек. Трета по ред што можеше да биде спречена. Трета по ред за која главен виновник е нефункционалниот систем.


Овие денови постојан придружник ми е стравот кој се јавува неочекувано и во различни моменти од денот. Впрочем, цела година ми поминува во страв за мене и за луѓето околу мене. Првите неколку месеци од годината сите пешачки премини го будеа сеќавањето за Фросина Кулакова која на 29. јануари беше прегазена додека светеше црвеното светло за автомобили. Пред проаѓање на улица се сепнував и се враќав еден чекор назад. Потоа дојде 16. март кој ја одзема секоја надеж што ја имаа граѓаните на оваа држава. Емоционалните и психички траги ќе останат врежани во сите што продолживме да живееме по тој ден и секогаш кога ќе влеземе во клуб или ќе отидеме на концерт, ќе се прашуваме каде се наоѓа излезот и дали навреме ќе почнеме да излегуваме. Еден ден пред да навршат шест месеци од трагедијата во Кочани изгубивме уште два живота кои не беа заштитени од надлежните: на 15. септември беше извршен фемицидот врз Росица Коцева, а беше убиен и нејзиниот татко. Сторителот се самоуби. И повторно истата атмосфера го исполни воздухот. Единственото нешто за кое можевме да размислуваме е, пред сѐ, зошто никој не ја заштитил и дали ова е доказ дека доколку некој се решил да изврши убиство ќе го стори тоа без никакви пречки? Заедно со тагата, повторно се јавија стравот и прашањата: како да препознаеш убиец, како да се заштитиш себеси и своите пријателки, како да се запознаеш со потенцијален партнер без да избегаш од него поради траумата која ја имаш?


Стварноста која нѐ опкружува не дозволува и не нуди никаков простор да се почувствуваш дека некој те штити, ниту, пак, постои ден во кој можеш да се опуштиш целосно без да бидеш на штрек и да ја очекуваш новата трагедија. И кои мерки беа преземени? Сега го добивме законот кој забранува зборување на телефон и слушање музика на слушалки кога преминуваме улица, но како да им кажеме на оние што го донеле законот дека зборуваме на телефон за да се почувствуваме побезбедно додека се враќаме дома навечер, како да им објасниме дека слушаме музика за да не ги слушнеме сексуализирачките и навредувачки довикувања отсрана? По пожарот во Кочани не ги закопавме само младите од еден град, ја закопавме и целата младост во државата. Беа затворени сите клубови без лиценца, но зошто тие воопшто биле отворени на тој начин? Да беше сѐ во ред, немаше ниту да бидат отворени, но немаше да постои ниту Пулс таков каков што беше и, најважно, немаше да умрат шеесет и двајца млади луѓе. Ѝ ставивме пепел на секоја форма на забава и опуштање, зашто, нели, не смееме ниту за миг да заборавиме во какво општество живееме. Зашто овде и сега се дозволени само тага и страв.


И дали и третата трагедија што ни се случи годинава ќе ја пуштиме да се заборави и да биде заменета со друга? Дали ќе дозволиме очите да ни бидат замачкани и дали воопшто некој ќе се обиде да го стори тоа или само ќе се крие додека не се случи нешто следно? Не смееме да влеземе во 2026 непроменети и облечени во црно, напротив, треба да бидеме на улица, да бидеме пред Собрание, пред Влада, кога системот молчи. За да нема ниту една повеќе, ниту трагедија, ниту жртва, треба нас да нѐ има повеќе.


Comments


bottom of page