Која е таа потреба на човекот, толку да посакува нешто, да го има, да може да биде оргинално, негово, посебно? Зошто мора да нè задоволи некое видео од Јутјуб кое е едно од многуте кои ги гледаме секојдневно? Облеката која ја купуваме, која мора да биде бренд, таа облека која се менува секое годишно време, таа облека која ја прават слабо платени работници во Бангладеш за брендови како Зара, а нашите македонски работници за брендови како Шанел. Пред неколку години имаше некои гласини дека конфекции во Македонија шиеле за познати модни куќи, а работничките и работниците таму биле многу слабо платени. Која е потребата да го следиме трендот, да ги посакуваме и имаме модерните, новите дезени, дизјани, нели она што и другиот го има. Едноставно дали тоа ни е во природата, да посакуваме што другиот има, во краен случај, дали ние самите го сакаме тоа или некој не учи на тоа? Дали рекламите, маркетингот доволно успешно не примамува на сè тоа. Зошто нашите родители не не научиле или не ни кажале дека некои работи што ги имаме се доволни, доволно е тоа што го имам, зошто морам да имам како и другиот? Знам дека не морам, но како нешто да ме притиска, да ме примамува, а морам, дури и некогаш морам, затоа што сум принуден на пример да имам смартфон, морам да имам интернет да комуницирам, да имам Нетфликс за да видам што другите гледаат, како ќе испраќам домашни на професорите кога немам интернет, или, како ќе учам, како ќе прочитам за нешто што во моментот ме интересира, како воопшто ќе следев настава минатата година ако немав интернет и лаптоп или телефон? Едноставно бев приморан да имам затоа што ако немам, се двојам од другите и јас не успевам, тоа што некој нема доволно финансии го хендикепира од причина што е оневозможен да добива институционализирано образование, како другите што добиваат. Дискриминиран е од системот и од општеството, без разлика колку ќе научи од тие онлајн часови, сепак зборуваме за општество кое секаде бара правда, а кога најмногу треба да ја добие, тогаш молчи.
Зошто тие работници работат толку многу, добиваат малку, а некој како нас или некој милионер кој има вила на Француската ривиера, секој месец ќе купува различни панталони од Зара, различни капути од Гучи и тој милионер ќе оди на Париската модна недела на модно шоу на Баленсиага и ќе гледа креации кои постојано се вртат во круг, кои се рециклираат себеси, кои само се кријат позади тоа дека се уметнички дострел, ремек-дела кои треба окото на незадоволниот милионер да ги погледне и да ги оцени со тоа дали се во тренд или не. Дали ќе го купам тоа црно парче облека кое го носеше Ким Кардашијан на Мет Галата или ќе ја правам Ким луда и ќе купам очила за сонце кои ги носеше Гага на њујоршките улици. Без разлика дали ќе го купи црното парче облека кое ќе го прекрие милионерското лице или очилата за сонце кои ги носеше Гага, тој милионер секако ќе биде слеп за секојдневните маки на македонскиот работник кој можеби го сошил неговиот капут некаде во некоја фабрика во Штип. Ние, исто така не сме свесни за маката на некој работник од Бангладеш кој на машина работел можеби подолго и од македонскиот работник за да го направи твојот нов омилен џемпер, а тој сигурно е посиромашен и од македонскиот работник.
Ете, парите се илузија, која го движи светот, за јас да изгледам како некого, морам да чекам тоа да го создаде некој во Бангладеш, а некој во Шпанија да го нацрта, но сепак само нацртал еден обичен џемпер кој ќе го фрлам за три години, без да размислам дека можеби на некој му е потребен за да се стопли. Тука е проблемот, што ни треба емпатија, едно мало сожалување за другиот, зошто тој да работи повеќе од некој друг, а да не може да си го дозволи тоа што го направил или помогнал да се направи со своите сопствени раце. Што е тој милионер со вила на Француската ривиера поразличен од некој во Македонија или Бангладеш за да не може да го облече она што тој го создал?
Модата како мода се рециклира самата себеси, но не го рециклира тоа што ќе го произведе, ја уништува планетата Земја за да задоволи мал процент на луѓе, а уништува животи на луѓе и животни и ја уништува природата, кои веројатно се поважни од некоја чанта која некој само ќе ја купи, а нема ни да ја користи! Важен е индивидуализмот, важен и е колективизмот, но сепак има некои работи кои се поважни од другите (можеби благосостојбата на повеќето). Убаво е човек да се задоволува себеси, но кога тоа повредува некој друг, дали е оправдано? Дали може да се најде некое оправдание за болката и штетата која ќе се направи? Веројатно не е оправдано и сигурно има начини како штетата да се минимизира или целосно да се отстрани, а тоа некој го знае, но веројатно не сака да го имплементира бидејќи сигурно нема да профитира и да ужива во материјалните добра!
Повеќе останав во прашалници, отколку во одговори, но факт е дека добро е понекогаш да има прашалници, затоа што тоа значи дека сепак има што да се прашува и има за што да се размислува и има што да се менува.
Конзумеризмот (капитализмот) ни е длабоко всаден во психата уште од мали деца, ние сепак се раѓаме во претходно создаден систем кој веќе природно не вовлекува и нè прави негови послушници, ни влегува во психата и не учи дека што повеќе имаме дека тоа е подобро, не условува со нешто, мора нешто да имаш за другите те прифатат, за другите да те сфатат сериозно, мора да го имаш тоа за едноставно животот да ти има смисла. Мора да купиш за да јадеш, мора да платиш сметки за вода и струја за да прежвееш. Значи ти повторно си зависен од другите и за до го добиеш тоа што системот го произведува ти скапо плаќаш. Но, ако не можеш поскапо да платиш од другиот, а тој некој може, ти повторно остануваш недоволно најаден, недоволно облечен, незадоволен и повторно љубомориш и сакаш да имаш како тој другиот, без разлика дали ти повеќе си работел или повеќе си прочитал и видел или пропатил во животот од него.
Што би било кога ќе добијам онолку колку што сум сработил, ќе добијам онолку колку вистински ми треба, можам да уживам и без вила, ја имам природата, која е слободна, ничива, односно заедничка, која можам да ја користам доволно за да се задоволам. Не е лошо и да посвирам или да глумам, пеам, играм, сликам, фотографирам, да прочитам книга, но нели не ми се потребни сто џемпери? Секако дека не, потребно е само да се почитува она што досега се создало, а ние да создаваме поразумно и поцелно, односно иднината да ја насочиме кон создавање кое нема да штети на никому и нема да го притиска никој, туку секој ќе биде слободен да одлучува според својата волја, затоа што тоа и ни останува, да бидеме поддршка едни на други, а не да се бориме за нешто кое нема вредност, ама буквално. Да се обидеме да најдеме решение да се развиеме барем во полза на нас, ама и да ги заштитиме другите и она кое нас нè создало и нè оддржува во живот, природата, која може да ја замениме, но сега за сега уште сме зависни од неа, а сигурно ако ја напуштиме, ќе ни фали.
Comments