top of page
  • Марија Јаќовска

Автобиографската приказна на Фрида Кало во сликите „Автопортрет како Тeхуана“ и „Диего и јас“

Сликите „Автопортрет како Техуана“ (1943) и понатамошната „Диего и Јас“ (1949) на Фрида Кало, делат тематска и емотивна тежина.  Овие две слики нудат фасцинантен и интимен поглед во развивањето на динамиката помеѓу Кало и нејзиниот сопруг Диего Ривера. Овие слики создадени во опсег од шест години, служат како визуелни глави во автобиографската приказна на Кало, доловувајќи различни аспекти од нејзината љубов, болка и отпор.


Фрида Кало и Диего Ривера имале прилично комплексна врска, исполнета со љубов, страв, болка и предизвици. Парот мексикански уметници се запознале во 1928 година и се венчале во 1934 година. Во текот на нивниот брак, Ривера бил познат по своите бурни афери кои предизвикувале длабока емотивна болка кај Кало. Во нејзините творби, таа го истражувала влијанието на бракот и неверството на Ривера, што резултирало со некои од најемоционално опојните автопортрети во историјата на уметноста. Имено, Кало го користела своето творештво како начин за изразување на душевната болка, физичкото страдање и силата на нејзиниот идентитет. Нивниот брак преживеал многу предизвици, вклучувајќи неколку разделби, но Кало и Ривера останале заемно инспирирани еден од друг и останаа истакнати ликови во светот на уметноста и културата.


Во „Автопортрет како Техуана" создаден во време на бурен период во нивниот брак, Кало презема Техуанска облека како симбол на гордост и сила. Сликата одразува нејзин одговор на неверствата на Ривера и емотивните комплексности на нивната врска. Оваа слика е насликана во август 1940 година кога таа и Диего Ривера се развеле. Автопортретот го завршила дури во 1943 година. Позната е и со две други имиња: „Диего во моите мисли“ и „Размислување за Диего“. Ја изразува желбата на Фрида да го поседува Диего Ривера, кој продолжува да ја изневерува со неговите афери со други жени. Но, таа не може да престане да размислува за него. Насликан е негов минијатурен портрет на нејзиното чело, што укажува на опсесивната љубов што ја имала кон познатиот мексикански уметник. Техуанската носија ja овозможува истовремено да ги преживува предизвиците на физичката и емотивната болка, додека одржува чувство на идентитет и отпор. Овие два елемента укажуваат на борба што таа ја водела сама со себе, неговиот портрет како константно потсетување за нејзината љубов кон Ривера и носијата како штит кој го носи на себе за да си го одржи интегритетот.


Во следната слика, „Диего и Јас“, прикажана е големата болка на Кало поради Диего Ривера. Кога имал афера со Марија Феликс за малку ќе се развел од Фрида. Марија Феликс била прекрасна филмска ѕвезда, а исто така и блиска пријателка на Фрида. Иако Фрида се обидувала да се пошегува за таа афера, како што секогаш правела за другите афери на Ривера, „Диего и јас“ покажува дека таа е длабоко повредена. Во оваа слика таа има пуштена коса која се врти околу нејзиниот врат, што укажува на гушење. Ја губи маската на сталоженост. Очигледно е дека причината за нејзината вознемиреност е нејзиниот сопруг Диего, за кој нејзините веѓи служат како платформа. И третото око, кое алудира на распространетата ментална и визуелна острина на Ривера, се отвора во веѓата на неговата сопруга. Од пирамидата од пет очи што е прикажана во оваа слика, само на Фрида се среќаваат со нашите. Диего, чие присуство било сеопфатно и епско, гледа над главите на гледачите кон минатото.

 

Ривера секогаш бил во мислите на Фрида и тоа се открива и во нејзиниот дневник, од кој голем дел е љубовна песна за него: „ДИЕГО. Јас сум сама“. Потоа неколку страници подоцна: "Мој Диего. Јас веќе не сум сама. Ти ме придружуваш. Ме заспиваш и ме оживуваш". На друга страница таа нацртува две лица кои личат на вазни. „Не плачи по мене“, вели една од нив. Другата одговара: „Да, ќе плачам по тебе“. Во еден поромантичен момент таа пишува: „Диего: Ништо не е споредливо со твоите раце и ништо не е еднакво на златно-зеленото на твоите очи. Моето тело се исполнува со тебе со денови и денови. Ти си огледалото на ноќта. Силната светлина на молњата. Влагата на земјата. Твојот пазув е моето засолниште. Врвовите на моите прсти ја допираат твојата крв. Целата моја радост е да почувствувам дека твојот живот пука од твојот цветен шадрван (fountain-flower) што го чува мојот за да ги исполни сите патеки на моите нерви кои ти припаѓаат на тебе“. 


Емотивната длабочина на „Диего и Јас" може да се гледа како продолжение на темите изложени во „Самопортрет како Техуана". Прикажувањето на Кало и Ривера физички поврзани, но уште различити, ехо на дихотомијата на нивната љубов и болка. Артеријата која ги поврзува, може да се толкува и како живост и како извор на емотивен напон. Таа предложува дека: независно од предизвиците, нивните животи и души остануваат поврзани. Освен тоа, во „Диего и Јас" погледот на Кало е повторно директен, но носи болка и размислување во споредба со нејзиниот пркосен поглед во „Самопортрет како Техуана." Еволуцијата во пристапот на Кало кон автопортретизмот одразува нејзин раст и отпор во текот на годините. Сликата станува размислување за трајната природа на нивната поврзаност, признавајќи ги комплексностите на љубовта и партнерството.


Заедно, овие две слики формираат визуелен диптих кој ги зафаќа различните аспекти од врската на Фрида Кало и Диего Ривера. Тие служат како емотивни снимки, фаќајќи ги подемите и падовите на љубовта, болката и идентитетот во животот на Фрида Кало. Техуанската облека во ‚‚Автопортрет како Техуана‘‘ и солзите во „Диего и Јас", стануваат симболи што се преплетуваат низ творештвото на Кало, илустрирајќи го нејзиното постојано истражување на себе, љубовта и комплексниот танц помеѓу независноста и опсесијата во нејзината врска со Ривера. Нејзиното творештво е еден аманет за универзалноста на женската тага и љубов, приказ на нештата кои сите ние сме некогаш премногу горди да си ги признаеме.



275 views
bottom of page