top of page
  • Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

Во „Песнило“ песните се побеснети од беснило 

кон „Песнило“ на Ива Петреска


И, конечно, првата дебитантска збирка на Ива Петреска е пред нас. Насловена како „Песнило“, во издание на издавачката куќа „ПНВ Публикации“, со 44 песни поделени во 8 циклуси, во џебен формат со корица изработена од самата авторка. И, навистина, може да се рече конечно за излегувањето на оваа збирка во етерот, бидејќи Петреска со своите впечатливи настапи на повеќе поетски читања и фестивали како „Поетска епизода“, „Клинци“, „Отскочна даска“ во рамки на Скопскиот поетски фестивал, „Добри гости“, си создаде круг на читатели и читателки кои со нетрпение ја очекувавме првообјавата на Ива Петреска.



1.Жена на трон. Жената на трон: Феминистичкиот наратив во „Песнило“


Кога ја почнувате „Песнило“ јасно е дека читате стихови на нов, силен, женски глас. Тој глас прекорува и укорува, многу вешто го критикува патријархатот, јасно кажува што е тоа што пречи, што е гнило и што смрди. Низ речиси целата збирка провејува суптилниот феминистички израз каде што низ рима, низ игра, низ скоро певливи стихови се кажуваат јасните пораки на лирското јас. Најеклатантни примери за оваа констатација се песните „Верник“ и „Обична жена“. Во завршната строфа на „Верник“ низ иронија и цинични дихотомии се портретира патријархалниот однос кон жената која во песната иронично е поставена наспроти мирниот и стамен маж кој е верник (ем верник ем пие ко стока) и секако тука се чита критиката кон тој однос:


Тој бил верник,

таа била вештица,

тој бил чесен,

таа лисица.

Тој бил столбот, главата,

зборот и карактер.

Таа била ороспија и неверница

што еднаш му кажа

„Пичка ти матер“.


Слична ситуација има и во песната „Обична жена“ каде што повторно има иронизација на патријархалниот однос кон жената како Неверница, љубовница, / проколната маѓепсница, што продолжува со Божица на плодноста / примарен непријател на верноста. / Извртена ѝ е вредноста., каде што во само три стиха можеме да читаме еден историски однос кон жената. Оваа песна завршува со Жена на трон. / Жената на трон. со што јасно се испраќа феминистичката и антипатријархалната порака и е место каде што може да се чита силниот феминистички наратив во оваа стихозбирка.


Дека тоа е така потврда е и честото опевање на женските фигури од минатото на лирското јас како истакнувањето на некои ситуации со бабата и со мајката како ликови во оваа поезија, а и со истакнувањето на неколку концепти како женственоста, мајчинската љубов, женскиот род итн. Покрај ова, често низ песните од „Песнило“ силни се поетските слики на девојчинскиот колектив кој е присутен во неколку песни на различни начини како што е во „Изгореници“ со Девојки во цветни фустани / ти се смешкаат зад завесата на свеста. Ваквиот девојчински колектив чија слика често е претставена навидум орото на Музите и Афродита или слика со трите Грации е најприсутна во песните за т.н. женско пријателство кое што Петреска во песните го негува.


2.Грешно ли е што низ врвулица од напатени наоѓам причини да уживам: Медицинскиот наратив во „Песнило“


Со оглед на тоа што Петреска е студентка на Медицинскиот факултет во Скопје, медицината и медицинската терминологија се неизбежен дел од нејзината поезија. Во повеќе наврати низ стихозбирката можеме да воочиме видно присуство на таа нејзина стручна преокупација која видно предизвикува и поетски рефлекции. Во песната „Само болни и бели“, авторката поставува едно тешко прашање за светот каде што се мешаат инстинктите за таму каде што не смееле да се замешаат емоциите. Имено, песната завршува со:


(...)

во овој свет на полуживите,

ја наоѓам радоста

и поривот да живеам до здивот последен.

Ја вадам маската, мантилот го соблекувам,

Насмевката срамежливо ја откривам.

Грешно ли е што низ врвулица од напатени

наоѓам причина да уживам?


Ова силно прашање на крајот го потврдува дражот за медицината, но и како тој драж и тој порив се преточува во поетското на Ива Петреска. Медицината е пристуна и низ други песни како „Anamnesis vitae“ каде што авторката прави една игра со медицинската постапка на анамнеза и неа ја поставува како прашалник за начинот на живеење на животот: кога плачеш дали тагата / ја распоредуваш низ дома / подеднакво низ соби? или Кога те допираат прсти дали целиот се превиткуваш? / И дали веруваш во божји сили, адети и клетви? или само болеста е света, / минлива, освен кога не е, / настаната од непознати причини. / Така ти било чкртнато, / господ чкртки некогаш си цртка и од досада. Уште едно место каде што медицината може да се чита како иманентна во самата поезија, но овојпат поставена преку нејзината морбидна, грозна и гадна страна е песната „Во патолошка сала“ каде што  поетесата пее за мирисот на трулеж, за мртвите одори, за остатоциоте од искасапените човечки мевца и за специјалната корпа каде што се собира целото ѓубре од човековото тело. 


3.Ама кому му е грижа за страдањето ако доаѓа по примамливоста на заљубувањето: Љубовниот наратив во „Песнило“


Љубовниот слој во „Песнило“ е уште еден неизбежен дискурс што не е можно да се одбегне особено поради романтичарскиот однос кон љубовта кој авторката во оваа стихозбирка го има. Во „Песнило“ љубовта е често врзана со страдањето, со разочарувањето, со чудните прашања. Во оваа стихозбирка немаме патетична љубов, немаме фина, мила и милна љубов, туку напротив можеме да ја најдеме во жесток судир со реалноста, во соништата или, пак, само мигновно кога се појавува и веднаш исчезнува.


(...)

да те растурам како

подредена низа, шпил од карти,

да те истурам како

сируп од капини врз бело платно,

да те запечатам како

восок на љубовно писмо,

да те провејам како

свилена крпа на разигран ветер.


Оваа слика од песната „Плетка“ од циклусот „Љубовни писма (обраќање 2)“ е една од најтипичните примери за односот на лирското јас кон концептот за љубов. Љубовта е поствена во дихотомијата ред - хаос токму затоа е се поставени и спротивностите растурениот шпил наспроти подредениот шпил од карти или чистото бело платно наспроти исфлеканото со сок од капини за кој знаеме дека тешко ќе се исчисти. Ваквите спротивности доминираат низ мноштвото љубовни песни во „Песнило“, а циклуси од љубовни песни има дури цели три од вкупно осум, а и уште по некоја љубовна песна низ останатите пет циклуси од стихозбирката. Па така, во песната „Дамка меѓу редови“ се вели: На љубовта ѝ прославиле / неколку задушници, потоа во „Двосмислена“: Ама кому му е грижа за страдањето, / ако доаѓа по примамливоста на заљубувањето? или во „Твоето место не е тука“: Ние сме различни утра, / нашето во сјај, твоето во гроб. Ваквиот романтичарски однос кон саканиот субјект кој секогаш е врзан со болката, страдањето, морбидното внесува една нова слика во младинската македонска поезија каде што наспроти од клишеата, Петреска нема наивна љубовна поезија.   


***


„Песнило“ ќе ви ги отвори очите, ќе ве разбесни, ќе ве насмее, ќе ве налути, ќе ве праша дали сте здрави и ќе ве прекори. Стиховите меѓу кориците на ова џебно издание зборуваат и укоруваат многу. Затоа е и џебно издание за да оди секаде и постојано да прашува и потпрашува, да ни ја зема анамнезата редовно. Тие стихови не може, а да не се читаат на глас, повеќепати, често и како доза медикаменти редовно. Оваа збирка треба да се чита и препрочитува оти со секое читање ѝ се откриваат нови димензии, се добиваат нови прашања и уште повеќе одговори. Се радувам што конечно кругот на верни следбеници на Ива Петреска на нејзините вешти поетски настапи сега ја добија нејзината поезија во вид на книга. И тоа одлична книга! Посакувам „Песнило“ да беснее на сцената. Како што и заслужува!


bottom of page