„Рубедо“ од Андреј Ал-Асади
- Култура β

- Oct 15
- 1 min read
РУБЕДО
Ти дадов леб,
Ми даде камен.
Ти дадов риба,
Ми даде змија.
Ти дадов жолчка
Ми даде скорпија.
Зар Велзевул зел везен вел
И врел во твоите очи се внел,
Па, оттаму зел
Да копа пат бел
Во срцето на мигот
– Изнудена цел.
А некои нешта се тука за да нѐ потсетат
Дека никогаш не можеме да ги поседуваме.
И некои луѓе се тука за да нѐ потсетат
Дека понекогаш не простуваме.
Но џинијата ко џинка
Однатре џишка
Дур во амбисот се џарам
Ко џембосан џан
И по џаде внатре чаре барам.
А ти камен од леб правиш,
Змија од риба, јајце во скорпија.
Но двајца слепи в јама одат
Двајца глуви тишина плодат.
Велзевул влеал в секој збор реа,
Наврзалки врзал
Што в ум сласт сеат,
Само за да ја совладам
Уметноста на откажувањето
Само за да го надраснам колебањето.
И така
Ти ми зборуваш за тоа што останува,
А јас тебе за тоа што минува.
И така сѐ останува,
А ништо не минува.
И така:
Аџиб ја Абаа Михроз ал Ахмар
Аџиб ја Абаа Михроз ал Ахмар!




Comments