top of page

„Како кентаурите носат панталони“ од Ненад Костиќ (избор)

  • Writer: Андреј Медиќ Лазаревски
    Андреј Медиќ Лазаревски
  • 3 hours ago
  • 3 min read

Како кентаурите носат панталони


Тој требаше да постои наместо мене


мразот беше соучесник

во убивањето на другиот јас

кој би шетал и би мастурбирал

на самиот себе


според замисленото на блиските

би бил далеку поважен маж

би клоцал во гениталии

би јадел супа од конзерва и би го пцуел бога


би свиркал по здолништа

во шеесетите би бркал сенки

и би собирал долгови


никогаш нема да бидам тој


се радувам на отстранувањето

на мразулците од настрешницата

јас сум маж кој се прашува

како кентаурите носат панталони.



Летни ритуали


Планот беше вака

се качувам на дрво

ти фрлам цреши

ги фаќаш со маичката


заедно бегаме

преку дрвени огради

добивам пцовки

за влегување на туѓ имот


на скалите

во училиштниот двор

се натпреваруваме

кој подалеку ќе ја плукне семката


во шорцеви

со фламинга

со изгорени грбови

се враќаме дома


после петнаесет години

се враќам во училиштниот двор

и понатаму голтам семки поради тебе.



Во темната комора


Вињетите го заземаа

поголемиот дел од просторот

фокусното растојание е

вон видикот


текстурата на кожата

тенок слој емулзија

контрастот меѓу нас

длабока темнина


сатурацијата на блискоста

многу заситена

живоста на љубомората се бранува

во невротични тонови


должината на бакнежот

еднаква на отворот на блендата

оргазмот е

крајната точка на фокусот


филмот се развива

на дваесет степени

потребни се четири минути

за негативот да добие боја


јас сум фотографски филм

чувствителен на светлина



Утринска пасторала


Се будам

во туѓ стан

со кентаурски копита


ме гледаат

искезени коњски вилици

се присетувам

на нашите жешки преписки


закованите шајки

на црвените кожни ѕидови

ме потсеќаат на тореадори


човек со глава на бик

ми кажува да седнам на масата

ги готви своите рогови


ми ги врзува рацете

ми става превез на очите

не мислам на тебе


на појадок

не ти прераскажувам

што сум сонувал.



Кентаурско прашање


Носталгичен сум

се присетувам

како дете како се

плашев да му пријдам на црниот коњ

и да му покажам нежност


измислив нов град

и себе во него

родители, браќа, љубовници

стан во кој сум се вселив

минато и сегашност


крвта ми

станува топла

грбот цврст

видот монокуларен


ми израснуваат

копитни коски

станувам Квотер

добивам потреба 

за атлетскo бегство


сите мои верзии

ги поминуваат деновите во оргии

што завршуваат со

шепотење стихови


секој ден се прашувам

како да облечам панталони

се барам по познати улици

никој не ме помни

со човечко тело


на излезот од градот

се слуша бесно рикање

и се крева прашина.


Препев од српски на македонски јазик:

Андреј Медиќ Лазаревски

„Како кентаурите носат панталони“ од Ненад Костиќ главно се занимава со прашањето на младешкиот идентитет, машкоста и каква таа може и (не) треба да биде, темите на различноста и, повторно како и во претходните две книги, во фокус доаѓа настраноста. Уште со прашањето во насловот и изборот на кентаурот се инсистира различноста, а преку носењето на панталоните се додава иронија и комичност, кои во песните се појавуваат токму при проблематизирање на конвенционалната и општествено наметната машкост. 


Во збирката е искористена митолошка предлошка и кентауромахија за да се претстави борбата на младиот човек со општествените стеги. Оваа борба е ненаметливо и полека прикажана низ песните и многу усетно и добро, авторот го отвора проблемот во првите песни (се радувам на отстранувањето / на мразулците од настрешницата / јас сум маж кој се прашува / како кентаурите носат панталони). Потоа тој проблем се развива, анализира и воскликнува до крајот на збирката прикажувајќи разни ситуации од животот на лирскиот субјект додека го користи митот како наратив. Во песните често се реферира на машките предци (татко и дедо) кои се земени како парадигмата што се руши со што се креира судир меѓу минатотo и сегашноста, но и меѓу традицијата и современиот живот (измислив нов град / и себе во него / родители, браќа, љубовници / стан во кој сум се вселив / минато и сегашност). На крај, прашањето за носењето панталони целосно се ништи со тоа што се ништи и самата човекова форма. Со тоа настраноста се носи на општо ниво пришто лирскиот субјект целосно се претвора во кентаур, па не е ни важно носењето панталони. Преку ова патријархалните принципи целосно ја губат својата функција.


Ненад Костиќ (1996, Лесковац) студира србистика на Филозофскиот факултет во Ниш Пишува поезија, кратки раскази, есеи и книжевна критика. Има објавувано поезија во електронски и во книжевни списанија. Добитник е на наградата „Студентско перо“ 2022/23 година. Живее и работи во Ниш.

Comments


bottom of page