Светски ден на поезија: Нема друг начин освен преку слобода
- Култура β

- 24 hours ago
- 3 min read
Пишува: Ивана Јовановска
Се обидувам да стојам цврсто на земја во време кога тоа е малку можно и овде пред вас на глас да кажам: После сѐ, мора да дојде време и за поезијата.
Додека сведочиме како се уништува човечкото, солидарното, заедничкото, сѐ уште непоколебливо верувам во моќта на стихот, во магијата на поезијата, во вистината на поетите. Сѐ уште неуморно тврдам дека светот кој другите генерации поети ни го откриваат нам може да е волшебен, возбудлив, по малку уморен, но, сепак, ведар и упорен. Поетите се ретките маѓепсници кои и денес се занимаваат со ваков тип магии. Сакаме да ги носиме нивните капи и плаштови да нè допре, само за миг, нивната магија.
Поезијата е еден од тие светови поради кои во моментов не губиме надеж. Историјата на поетскиот израз ни покажува различни струи и влијанија кои ја менувале и ја афирмирале улогата на поетот и поезијата, кои биле слика на духот на времето. Но, низ различни војни и неправди, низ различни болки и историски настани – не се менувала жедта и потребата да се пишува поезија, да се чита поезија, да се зборува за поезијата.
Денес, многу од работите кои го одредуваат нашето постоење се променети. Но, сакам да верувам дека она што не е променето е токму тој прекрасен инает, кој го споменува професорот Влада Урошевиќ, за пишувањето поезија. И после сѐ, сакам да мислам, дека како никогаш претходно, таа ни е потребна да ни го поткрене духот, да ни ги исправи главите, да ни ја изостри ведрината, да ни ја одржи човечноста, да ни покаже како се споделува заедничката грижа и слобода. Поезијата ни е потребна за откривање нови креативни полиња преку кои засекогаш ќе растеме.
За првпат, поезијата нѐ крепи, нѐ ослободува, нѐ будии ја имаа таа моќ да го разгорува гласот кој неуморно ја следи стварноста и смело игра со неа. Оттаму, пишувањето и читањето поезија не претставува само културолошки зададен чин или нешто чие изведување се подразбира. Тоа е акт преку кој личниот израз добива смисла, важност и најважно од сè – остава длабока трага во односите околу нас.
Живееме критични времиња во кои е нужно да преиспитуваме како нашите дела и позиции ги креираат врските, заедниците, динамиките, но и уметноста. Поетот не е и никогаш нема да биде исклучен од овие процеси. Токму поради поезијата, неговата улога се издигнува од правта на ужасите кои ги следиме секојдневно и нè потсетува дека поезијата е и соочување, неудобност, истражување. Но поезијата е ангажман и активирање на сиот креативен потенцијал и величественост на тоа што го нарекуваме уметност, за да потсетиме дека се бориме и залагаме за секого кој веќе не може да го прави тоа, за сите луѓе што веќе ги нема.
Не може да се прослави Светскиот ден на поезијата во изолација од времињата кои ги живееме и затоа силно верувам дека нашата поезија денес повеќе од кога било мора да биде слободна, нашите срца мора да бидат слободни, нашиот авторски дух мора да бара мир како единствено можно решение за сите луѓе, секаде.
Нема друг начин, освен преку слобода, овој и сите други денови кога ќе ја славиме поезијата. Токму преку неа, ние не молчиме и не вртиме глава, туку сочувствуваме и се солидаризираме. Поезијата секогаш била во првите редови на борбите за човечност, за општеството кое се гради со љубов, за заедништвото. Нека секогаш биде токму и таму, тоа ни епотребно на сите.
Нека ни е честит Светскиот ден на поезијата!





Comments