top of page

„Можеби“ од Лира Бојку

  • Writer: Култура β
    Култура β
  • 1 day ago
  • 2 min read

МОЖЕБИ


Можеби сум таму

Во неасфалтираните уличиња на твоето срце

Се движам боса, со пети облеани во крв

Барам две очи како твоите

Да ме погледнат од некој полусрушен прозорец

И јас да заборавам за миг

Дека си ме заборавил…


Можеби сум изморена од одење

Во напукнатите соби на твоето срце

Со врати што не се отвораат

И необоени ѕидови

Гледам избледени спомени насобрани по ќошови

А на ѕидовите висат некои слики на разочарување


Можеби ќе дојдеш со мене во светот од недопишани песни,

Од фрагменти оставени недовршени,

Од нераскажани приказни,

Од угаснати сништа,

Од неостварени чувства 

Можеби те чекам во пристаништето на бродовите што не отпловија

Таму каде љубовниците не заминуваа во неврат, за да ги напуштат своите сакани

Таму каде „Збогум“ никогаш не било кажано…


*Објавено во книгата „Сакав да ти кажам“

Препев: Саранда Мехмеди


**Песната ја објавуваме како продолжение на настанот „Меѓу два стиха“ којшто се случи на 24 март во Europe House Skopje по повод Светскиот ден на поезијата. На поетското читање настапија македонски и албански поети од земјава кои ги прочитаат своите песни на мајчиниот јазик, а потоа беа прочитани и препевите на нивните песни на албански и на македонски јазик.

Лира Бојку по вокација е судијка, но нејзината силна и долготрајна поврзаност со литературата и сликарството потекнува од рана возраст.  Нејзиното прво книжевно дело е „Црвените чевли“ (2015), збирка со раскази и поетска проза, со кое го означува својот влез во литературата. Во 2017 година ја објавува „Љубов во машина за перење“, второ прозно дело со љубовна тематика. Во 2018 се објавува нејзината прва книга на македонски јазик „Љубовта на генералот Ш“, збирка раскази. Подоцна ја објавува и двојазичната книга „Сакав да ти кажам“, на македонски и албански јазик. Дел од нејзиното творештво е преведено и објавено на турски и унгарски јазик, а нејзините дела се застапени во повеќе литературни антологии. Меѓу нив е и „Антологија на копнежот“ (2024), антологија на современата македонска поезија.  Добитничка е на повеќе награди на книжевни конкурси во Македонија и Албанија, меѓу кои втори и трети награди за поезија и проза.



Comments


bottom of page