Млада словенечка поезија: „При еден површен скок полудувам“ од Матија Крупмак
- Стефан Спасовски

- 11 hours ago
- 2 min read
Овој месец, поетската рубрика на платформите на „Култура Бета“ ја посветуваме на новата генерација словенечки поети и поетеси чии песни се поместени во антологијата со песни за војна „Крвав шах“. Во текот на целиот месец јули објавуваме неколкумина од застапените автори и авторки, а препевот од словенечки на македонски јазик го направи Стефан Спасовски.
„Крвав шах: песни за војна од новата генерација словенечки поет(ес)и“ (2026) е антологија во која се застапени словенечки поети и поетеси родени по 1990 година. Книгата е во издание на Словенечкиот ПЕН и Словенечкиот младински ПЕН како дел од одбележувањето на 100 години од Словенечкиот ПЕН. Антологијата е преведена на англиски јазик од Пино Пограјц, кој исто така е и уредник на изданието. Застапени се 39 песни кои ја прикажуваат младата поетска сцена во Словенија, нејзината посебност во однос на тематиката и стилот на пишување, но и силната општетсвена ангажираност.
Циклусот го завршуваме со Матија Крупмак кој е поет и студент по Општа и компаративна книжевност, а досега има издадено осум стихозбирки.
***
При еден површен скок полудувам
Самооткривање на
деприсутноста
Само уште ридања за победа
Зашто пеналот не е кривица
Зашто судиите се без цени
(Па тие се сепак од друга општина)
Имате ли проблеми со смртта на татко ви?
(Си го посакувам)
(Си го посакувам)
„Боже мој, толку те посакувам…“
Можат ли твоите усни да бидат уште позбрчкани кога
објаснуваш за своите наклони?
Удирај ја мекоста на подот…
страв ти е?
Кога зборовите почнуваат да се топат. Исчезнуваат…
Ова не функционира.
Понекогаш топењето се враќа во барички. Но кога гангстерот го одбива секој приговор, настанува недостиг од структури.
Во нив требаше да живеат деца.
Во нив да спијат, јадат, мочаат,
да си играат надвор со пријателите, да си ги изгребаат колената на песокта и најголемата грижа требаше да им биде ноќниот час.
А вие ги затрупавте со нечовечност.





Comments