top of page

Млада словенечка поезија: „Мртовечки танц“ од Вид Карловшек

  • Writer: Култура β
    Култура β
  • 4 minutes ago
  • 2 min read

Овој месец, поетската рубрика на платформите на „Култура Бета“ ја посветуваме на новата генерација словенечки поети и поетеси чии песни се поместени во антологијата со песни за војна „Крвав шах“. Во текот на целиот месец јули објавуваме неколкумина од застапените автори и авторки, а препевот од словенечки на македонски јазик го направи Стефан Спасовски.


„Крвав шах: песни за војна од новата генерација словенечки поет(ес)и“ (2026) е антологија во која се застапени словенечки поети и поетеси родени по 1990 година. Книгата е во издание на Словенечкиот ПЕН и Словенечкиот младински ПЕН како дел од одбележувањето на 100 години од Словенечкиот ПЕН. Антологијата е преведена на англиски јазик од Пино Пограјц, кој исто така е и уредник на изданието. Застапени се 39 песни кои ја прикажуваат младата поетска сцена во Словенија, нејзината посебност во однос на тематиката и стилот на пишување, но и силната општетсвена ангажираност.


Продолжуваме со Вид Карловшек кој е поет, книжевен критичар и новинар. Тој е коприредувач на контроверзната антологија „Бог си го дрка на нас“ (Črna skrinjica, 2022).


мртовечки танц


се вртиме држејќи се за раце

зближени еден до друг се вртиме

прецизно научени по тактот во ритамот

на ветрот што фучи се нишаме бескрајно

и така вртејќи врескаме зборови гневни

недоразбрани светкаме во боите

на ужасот смртта ни ја дере кожата со

црните кљови дел по дел се вртиме

си ги вадиме очите се гледаме глодаме

го вртиме погледот од туѓата крв јазиците

ги плетеме во мрежа од молк се вртиме

ги газиме туѓите тела ги месиме со нашите нозе

река сме матна река од сенки и гадости

течеме без милост се вртложиме

поплавуваме брегови потопуваме со

мрачна сласт ги чекаме жедните ѕверови

со мака во очите чекаме лакомо да се

излие реката. да истече времето. да падне завесата.

аплаузот да стивне.

Comments


bottom of page