top of page

ТЕХНА И ЕПИСТЕМА: Песни од избраните поети од сите пет изданија на „Отскочна даска“

  • Writer: Култура β
    Култура β
  • 1 day ago
  • 4 min read

По повод читачката промоција на панорамата на поезија пишувана од млади „Техна и Епистам: 5 годни Отскочна даска“ која што ќе се одржи на 7 мај (четврток) од 18 часот како преднастан на отворањето на 6. Скопски поетски фестивал споделуваме 5 песни од петмината избрани поети на минатите пет изданија на „Отскочна даска“.


Со ова издание Скопскиот поетски фестивал го одбележува овој мал јубилеј на „Отскочна даска“, настанот посветен на млади што се одржува во рамки на Скопскиот поетски фестивал. Во продолжение може да ги прочитате песните на Марија Велинова, Дарија Јовановска, Андреј Анѓеловиќ, Ана Шапкарова и Деспина Сиљаноска.


МАРИЈА ВЕЛИНОВА

омарнина што омалаксува


среде пустелија во сушни предели

низ од жега црвени денови,

стои стомна земјена

стои – опстојува,

пука – напукнува.

намини шутни ја,

велат среќа било,

пројди, помини,

поздрави ловџија.


(пукна!)


среде воденица во влажни предели

низ од облаци бели денови,

виси една каленица,

виси − надвисува над глави,

се ниша − нишани во глави.

протни се под неа

велат среќа било,

пројди, помини,

поздрави воденичар.


(падна!)


и пустина и ловџија

и воденица и воденичар,

бараат спасенија,

секој ден брканица.

и стомна и пукнатини

и каленица и вдлабнатини,

стојат се поздравуваат,

нишанат настрана.

кога ловџијата не е веќе човек?

и кога човекот станува воденичар?

зошто стомната стои?

зошто каленицата се ниша?

од кога се тие нешто друго

освен земја изложена на суша?



ДАРИЈА ЈОВАНОВСКА

(Не)постоење


Кога бев дете,

мислев дека секој човек сонува.

Но, ми кажаа, дека децата некогаш растат

и забораваат да сонуваат.


Кога бев дете,

мислев дека секој сон

живее некаде во нас

и по некој свој, чудесен пат,

нѐ води и nѐ приближува кон него.

Но, ми кажаа дека има и сонови,

што некогаш згаснале

и луѓе што некаде се изгубиле.


Кога бев дете,

мислев дека очите на сите луѓе светат

и образите им се црвенеат.

Но, ми кажаа, дека има и такви,

што одамна го изгубиле жарот и срамот.


Кога бев дете,

мислев дека секој човек е слободен.

Но, ми кажаа, дека има некои,

што чуваат птица во кафез

и градат ѕидови.


Кога бев дете,

видов деца,

што ги излажаа да пораснат.

Но, видов и такви,

што засекогаш останаа деца.


Јас пораснав,

а вчера бев дете.

Вчера сонував,

денес ме нема...



АНДРЕЈ АНЃЕЛОВИЌ

отаде стравот.


од пукнатината на ѕидот

соѕидан од калфа, мајстори

од тули и сув малтер

тропаше и одекнуваше стравот.


навираше во ноќта

разјадувајќи ги борците

тргнати во поход да му се спротивстават,

со безбожни утехи и распарани амајлии.


тогаш,

темнината сокриена меѓу вкрстени дланки

на најгоркиот верник

паднат в молитва,

успеваше да ја затне пукнатината.

но навиреше ли гласот

таа се разлеваше

низ коските.

провејуваше длабоко

низ горчлив ветер

за да ја распостела во градите чумата темна.


длабоко кога ќе пуштеа луѓето рака

да продрат низ пукнатината

таа гризеше со својата утаеност.


велат, била тоа тишината.

сокриена од калфа, мајстори

меѓу соѕидани тули

закопана била длабоко

во девствени бунари.


а стравот чиниш темнина

а темнината чиниш огледало

а огледалото измама на стравот.

сето говореше

сето врескаше

во умората на тишината

онаму, во пукнатината.


таму,

од пукнатината на ѕидот

соѕидан од калфа, мајстори

од тули и сув малтер

тропаше и одекнуваше стравот.



АНА ШАПКАРОВА

РАСЧЕРЕЧЕНОСТ


Кога станавме толку скршени?

Испиени, испукани.


Кога му ја препуштивме контролата на животов?

Та нели само ние постоевме за нас?


Од кога си поставуваме реторички прашања,

та да не мораме да добиеме одговор?


Во кој момент пишувам поезија?

Чекав да дојде кризата на мојте црни, сакати мисли,

та да ги испуштам гадниве труења.


Ах, Константине... требаше цел век да мине,

та да те сфатам и да согледам.


Крилја на вистинска слобода,

как’ да си

метнех и в своето

срце на детство

да си прелетнех...



ДЕСПИНА СИЉАНОСКА

Беседа


О јас, кој се бев родил во кората на светот.

Да сум место кај мовта залепена се раѓа

како на родилка вода, низ уста што ѝ поминува.

О јас, кој се бев родил во дупката на молкот

и мислата фатена во движење.

Не сум човек трагач, сум сетило скриено.

О јас, кој бев ремен на луѓе врзани во бегство,

со темели на неспокојство во духот.

О јас, алга во водата,

плисок на камен

и жабјо мочуриште.

Да сум прекор на зборот.

Да сум камин за огнот.

Да сум тула и темел.

Да сум граница и карпа.

Да сум дрво и гранка.

Да сум човек и око.

За накрај да бидам солза и сон.

О јас, кој без раце роден го ѕидав животот туѓ.

Кој молкум лелекав за спасот на дивината човечка.

Кој тажев по долините срушени во матнина и мачнина.

Кој талкав по улици, за ноќе да среќавам таги,

за дење да бегам од очи и заби стегнати.

Со туѓи перја да прелетам, своите да ги пресечам.

О јас, кој не бев ни таму кај што сонував,

ни таму кај што живеев.

Јас кој паднав во замка на лагата

дека светот не е лош, та верував во човека.

Јас, кој темнината ја туркав,

убедувајќи го светот дека не постои мракот.

Јас го прелажав

и детето уплашено

и среќата.


И така кажав дека родив песна,

за утре друг да ја чувствува.


bottom of page