top of page

„Како што треба да биде“ од Јосип Коцев

  • Writer: Култура β
    Култура β
  • Jan 21
  • 1 min read

На мојот јазик, зборот „смрт“ нема множина.

Како што треба да биде.

Твојата смрт ќе се случи само еднаш,

твојата смрт ќе ти долета само тебе.

На мојот јазик, зборот „смрт“ има само еднина.

Како што треба да биде.

Не можеш да ја умножиш, ниту да ја поделиш

како лебот, како љубовта, како стихот.

На мојот јазик, зборот „смрт“ нема самогласки.

Како што треба да биде.

Никој не ја довикува со полни гради,

со отворени и кружни бранувања на усните.

На мојот јазик, зборот „смрт“ има

четири строги, безвоздушни согласки.

Како што треба да биде.

Се прос’скува со кратко, нечујно чкрипење

меѓу горната и долната вилица.

Понекогаш се спомнува

со една кревка надеж „само нека е со ред“.

Понекогаш се премолчува,

како во епизодата „С“ на Бушавата азбука,

зашто децата се доволно големи да дознаат за С- судбина,

и премногу мали да разберат што е С - смрт.



Јосип Коцев (Скопје, 1985) завршил правни студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Автор е на поетските книги: „Јас, Квентин Скриблер“ (2015), „Напишана тишина“ (2016), „Сега е најдолгото никогаш“ (2018), „Музеј на чувствата“ (2019) и „Две мориња“ (2023). Во 2025, неговата збирка „Две мориња“ беше објавена на шпански јазик. Учествувал на неколку домашни и меѓународни поетски фестивали. Член е на Европската поетска мрежа „Версополис“. Неговата поезија е застапена во книжевни списанија и антологии во земјата и во странство.


Фото: Надица Манева Ангеловски

Comments


bottom of page