Поезија од Ана Пејчинова
- Култура β

- Nov 13
- 3 min read
Оваа тишина
Живеам со два јазика
и тешко ги разлачувам.
Така знам дека на ниеден не припаѓам.
Живеам без одек.
Живеам со живите и мртвите
и тешко ги разлачувам.
Така знам дека на ниедни не припаѓам.
Живеам без почеток.
Живеам со летови и падови,
и тешко ги разлачувам.
Така знам дека на ниедно не припаѓам.
Живеам без компас.
Живеам со себе и со други
и тешко нè разлачувам.
Така знам дека никому не припаѓам.
Живеам без одраз.
Живеам во свет без Ти и Јас,
во кој нештата се безимени.
Овој свет –
без одек, без одраз,
без компас и крај –
оваа тишина.
Овде живее стварноста.
Желче во дворот
Наоѓаш желче во дворот.
Заглавено, се мачи да прекачи куп камења.
Упорно, а безнадежно се труди.
А ти гледаш од повисоко –
препреката му брани
да излезе на улица, меѓу возила и луѓе
– ќе го смачкаат.
Препреката всушност го спасува од смрт.
Му велиш: „Каде, мило?
Не е добар тој пат за тебе.“
Нежно го поземаш
и го вртиш кон дрвја и грмушки.
„Еве ти поубав пат.“
Желчето не мрда.
Можеби се чуди:
одеднаш нема препрека,
туку друг поглед и пат.
Стои, се мисли.
Па поаѓа, храбро, полека ко желче што оди.
Нешто под сет тој оклоп верува во тебе.
Можеби така и ангелите со нас.
Нѐ гледаат како се мачиме во ќорсокаци,
се качуваме, паѓаме, се повредуваме,
упорни на погрешен пат,
заглавени со сета сила.
Не гледаме дека можеби
неможноста нѐ спасува од смрт.
Па некој ангел нежно ќе ни рече: „Каде, мило?“
и ќе нѐ заврти кон поблагородни места.
Ако му веруваме, под оклопот, и ќе појдеме.
Сигурно е подобро онаму
каде што нежноста нѐ насочува.
Чувари на малите нешта
Има високи чувари,
што од небесата ја чуваат Земјата.
Има и помали чувари,
што ги чуваат шумите од луѓето.
Јас сум од најмалите чувари.
Си седам крај едно гранче со зимски пупки
и со поглед ги чувам,
до напролет.
И на малите нешта им треба длабока нежност
и некој да верува во нив во зима.
Ана Пејчинова (1973) има разновидно творечко и професионално портфолио во областа на книжевноста, визуелните уметности, филозофијата, психологијата, политичките науки и меѓународниот развој и хуманитарната помош.
На македонски јазик, има објавено четири збирки поезија: Деогае (1995), Ѕверот и проѕирот (1997), Златните раце на демонот (1999) и Чувари на малите нешта (2025), како и збирка раскази Авгански дневници (2008). Избор на песни на англиски јазик е публикуван како дигитална книга на Kindle/Amazon Books под насловот Guardians of the Tiny and Tender (2025). Добитник е на наградата „Млада Струга“ (1995) и на други признанија. Чувари на малите нешта претставува избор од необјавени стихови напишани во периодот 2002 – 2025. Нејзини песни се преведени на полски, германски, англиски, француски, фински, српски и други јазици.
Како книжевен преведувач, има објавено препеви на значајни автори, главно од англиски: епот Четирите Зои од Вилијам Блејк (I изд. 2007, II изд. 2013, едиција „Ѕвезди на светската книжевност“), Светлини и сенки — поезија од Елен Дорион од француски јазик (СВП, едиција „Плејади“, 2003), стихови од Руми (вклучени во Класична персиска поезија, едиција „Ѕвезди на светската книжевност“ 2015) и Избрани песни од Радјард Киплинг (2024). Покрај книжевните текстови, Пејчинова има публикувано трудови од областа на политичките науки, психологијата и филозофијата. Се занимава и со визуелна уметност — графика и восочни минијатури. Нејзините дела се достапни на личната веб-страница anabluefeather.wordpress.com.
Родена е во Скопје, со повеќегодишни студии, работа и патувања во триесетина земји на пет континенти на светот. Дипломира Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (1995), докторира на Катедрата за компаратистика при Карловиот универзитет во Прага (2002), а магистрира политички науки на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта (2006). Работела како психолошки советник во Прага и Скопје, а речиси две децении делувала во рамките на Обединетите нации и УСАИД, најчесто во воени и кризни региони, како постар советник во меѓународен развој и хуманитарна помош.




Comments