top of page

Песни од „Времето пред јазикот“ од Моника Херцег

  • Writer: Култура β
    Култура β
  • Dec 11
  • 2 min read

Теорема за воздухот


Кога ќе ѝ здодееш, љубовта се упатува

кон сообраќајниот метеж

за на случајните птици да им прераскажува

како сте простирале мрежа чекори

за во прегратка да го фатите она што испаѓа

кога сонцето ќе ја отвори устата


Тие ги оптегнуваат облаците како и вчера,

им го разнесуваат семето

уверени дека е можно

да се засади атмосфера на местата

каде што цвеќето овенало од мраз


Бидејќи знаат да сакаат од далечина,

за птиците прашањето за патувањето

е она што за нас е прашањето за срцето


Ни се потсмеваат од вртоглави височини

гледајќи нѐ како се мачиме да најдеме зборови

несвесни дека првата лекција за летање

е да не прашаш колку метри има до тлото

ниту што воопшто е тло.



Хипотези за површината на почетокот


Моите родители знаеја дека пренесувам топлина

па ме изолираа со простор

Бев писок, бев загриз,

бев празник и преселба,

килограмите растеа во мене, и децибелите

Еден ден, децата ќе никнат на хоризонтот на тупаницата,

ќе ги изедат пцовките и барем половина автобус

што одвезува и довезува извонредно важни луѓе

за да молчат во мене како риби

и да набљудуваат од каде доаѓа мојот бес,

а јас сум претежно обилни врнежи:

возвраќам


Ништо за љубовта не знаеја моите родители,

освен дека се случило празнење на животот во нив,

и требаше да се стане, да се извлече мислата

како бело влакно и да се почне

истиот редослед на настани

И гледав и учев

мимикрија од тенките ѕидови

и удирав и гризев додека не ја

прифатив кожата како површината

на она што не може да се допре


Кога чукна ти

внатре гореше огниште на пространа куќа

Ја повикував твојата самотија

да изнесеме голема маса и да ја поставиме

како што гозба поставуваат

оние што знаат сè за чекањето



Исказ за птиците


Пред нас е тоа запуштено поле:

самракот мрзливо ни го препушта

патот по кој секојдневно се враќа, и тоа би бил крајот

ако тврдоглавиот пат не ги управуваше чекорите

расправaјќи се во уверувањето дека камен

е само она што се тркала по него


А ние, со чевлите цврсто над таа расправија,

со умни ластари се ракуваме со дрвјата,

воздухот со нас е несклон на промени на притисокот,

а во тишините на птиците изгледаме

како доброќудна самотија

составена од два падa


Вечерта наскоро ќе нè пресретне зад првиот даб

Дотогаш го повторуваме наученото: алергии,

долги кадри на гласното сонце над заливот

во кој се удвоивме по две лета,

весници свиткани наместо мачка под креветот

и сите оние години претходно збиени во нашите мајки


Никој не зборува за птиците во кои се вселуваат луѓе;

пред нас е само таа нива обрасната во почетокот на шумјакот,

учењето како правилно да се држи јазикот над браздите

Криењето на сталоженоста во циклусот на впишаното срце




Comments


bottom of page