top of page

Добитници на Енхалон (Дел 2)

  • Writer: Култура β
    Култура β
  • 2 days ago
  • 3 min read

2018 - Митко Гогов: [само малку молитва]


кога си тивок тогаш најмногу зборуваш,

кога сонуваш тогаш најмногу гледаш.


се будат слоновите со оркестарoт во тебе

—ловџиите за прв пат се плашат од сопствените труби.


гледај во себе додека внимаваш да не ја настапнеш тревата.


во собата мирисаат сите ноќи

кои не успеавме да ги создадеме. ѕвездите заспаа чекајќи

на подот. по извалканите плочки сѐ уште траги, маленкоста

како сенка се крие помеѓу фугите.


ќе си заминеме без да се лутиме на

цвеќињата, на танцот кој го претворил виолетовото во жолто.

во вентилаторот на ноќта испуштаме уште една молитва

—ментална прашина


што во космосот го игра најтажниот сон.



2019 - Ненад Јолдески: ТИ


ти човеку си ги искубал сите влакна од телото

и во прамени си ги насадил во сува земја


можеби ќе се роди нешто еден ден си велиш

ќе биде тоа бавно и милно како кога вода бруси камен


додека вистински светот покрај тебе врви брзо ко светлина

и ветрот уште вчера ја однесе мртвата коса која му ја принесе


а утре земјата ќе биде рамна и тебе прв ќе те одведат до работ

и првата будала ќе те оттурне надвор од овој свет студен


а тогаш Бог можеби конечно ќе се смилува и ќе те целува

и ќе те прегрне и ќе те смири за вечност со блажено бело слепило


а тука кај нас уште ќе паѓаат истите бомби и диви ѓаволи ќе јаваат врз нив

а синовите твои ќе бидат првите жртви на новиот оган што го остави по тебе


додека ти гол и здрвен и со златна утроба во која се чува мочката на светот

ќе скапуваш во заносни пируети низ темната вселена – немоќен ниту да се покаеш



2023 - Стефан Костоски: ДЕНУВАЊЕ


Песот го душка денот.

Од исток се слушаат гласови на деца

а јас ги премерувам четирите ѕида

врз кои паѓа светлината новородена.


Му се смееме на сонцето

додека едното око го гледа

а другото му намига.

Раката е задоволна со бисерите во снегот.


Сенката нема каде да оди

освен во своето тело.

Така чекорите се враќаат сами


додека мракот паѓа како застрелан војник.



2025 - Гала Матевска: СТУД


Сребрести месечини висат од моите прсти

слечени од кожа,

напукнати коски се тријат едни од други,

наслаги собрани под очите

се везат како цвеќиња во пролет,

осветени од априлски снег послужен на полноќ.

Се отскрива облак 

од котелот на планинскиот венец,

лебдејќи,

вревејќи тишина,

врвејќи под мојот мир ‒ се прелева во

некоја стара вечност веќе завршена.


Во некое друго време 

шетав по овие планини боса,

денес наоблечена со стравови, 

од подножјето не се поместувам

и врвовите секој ден ги премерувам:

седум дена поголема,

три месеци поплитка,

шест зајдисонца подебела,

девет генерации повисока,

една тага зголемена.

Една тага нараснува.


Вистината се рефлектира од коската

директно на мојата пресечна точка,

се среќава со океани од плисокот на моите очи,

притисокот на моите стеги што вешто ги скроив,

блесокот на опсесивната снага 

да се поткренам со нив на себе.

Океани бели,

погледнуваат назад кон претходните денови,

се брануваат со годините во тандем,

танго со првиот ден од крајот – кроток, 

кршлив и неподготвен за сите следни денови.


Повторно сите зборови се исти и исто кажуваат,

сите стихови лежат во еден момент 

избришан од заборав,

стежнат како маглата на врвот

каде што студот на твоето лице ‒ студи на моето.



Comments


bottom of page