top of page

Добитници на енхалон (дел 1)

  • Writer: Култура β
    Култура β
  • 18 minutes ago
  • 2 min read

Ги објавуваме песните од авторите и авторките добитнички на наградата „Енхалон“ за најдобра песна од млад автор прочитана на Струшките вечери на поезијата. Песните ги собра поетот Исток Ј. Улчар, а започнуваме со песната „Писмо дванаесето“ во чест на поетесата Славица Гаџова Свидерска која прерано почина годинава, а е прва која ја доби наградата во 2012 година. Во овој прв ден продолжуваме со Игор Крајчев (2016), Јосип Коцев (2017) и Андреј Ал-Асади (2022).


2012 - Славица Гаџова: ПИСМО ДВАНАЕСЕТТО


Најмил Блаже,


не е само Дојчин, не е само тој

расфрлен на тврда ледина

раскостен коска од коска

не му требаат само нему

триста лакти платно


Сега е поинаку, најмил Блаже

сами се повиваме со триста лакти платно

сами се составуваме секое утро

и одново учиме да одиме секој ден


После пак,

расфрлени на тврда ледина

раскостени коска од коска

се повиваме

се составуваме

се склопуваме

се разболуваме и оздравуваме

се цртаме, навечер ја вадиме шминката со влажно марамче

се облекуваме и соблекуваме

градиме тврдини околу себе и сами ги уриваме


Ангелина,

најмил Блаже,

сè уште ја повикуваме,

Дојчин не знаеше,

ние знаеме


дека нема да дојде.



2016 - Игор Крајчев: ПОЛНОЌНА


Ја оставам свеќата

да гори,

ме теши

додека разговарам

со својата сенка на ѕидот...

Учам да слушам

додека разговарам

со неа...

Светлината

преку мене

оцртува некој друг...

Се прашувам,

колку ли сенки живеат

во мене и

колку светлина треба

за да ги исцрта

на ѕидот...

Не зборувам,

слушам,

само тогаш

ќе чујам нешто што

не знам...

Ќе гледам

во формите

додека не се видам

себе...


2017 - Јосип Коцев: ЕТНА


Јас од моите години ти дадов денови,

да те згреат во староста,

да те разденат кога од изгрев до залез

само смртта ќе ти биде чекан гостин.

Јас од моите години ти дадов денови,

бескрајно долги летни денови,

денови од скротен океан и сончева жар,

часови меѓу корали и свилени песоци,

за да се најдеме на сите краеви од сите животи,

со млада кожа и срца збрчкани од погрешни љубови.


Јас од мојата младост ти дадов сокови,

за да ги испиеш со душата и

да ми изникнеш во идни времиња,

на почвата во која сите фрлаат отрови,

токму така како што си сега,

како да те одгледало небото,

како да те воспитале облаците,

како да те израснале планинските венци...

Да ме погледнеш со Етна во очите.

Јас - првата вода, ти - првиот оган

што некогаш се сплотиле...



2022 - Андреј Ал-Асади: КУКЛИЦИ


Кубури колани камени

В вериги ветрени врамени,

Барабан бијат бесно браќа,

Свекорот следи слепа сваќа.


Момата младич млако мами,

Сновејќи само страсно сами,

Пребрзо прсти в прстен пика,

Родната раја в радост рика.


Скриена стега срце сиво,

Дробејќи в дланки дева диво,

Кажува клетва кума кори,

Свекорот стена нек се стори.


Кубури колани камени

В вериги ветрени врамени,

Барабан бијат бесно браќа,

Свекорот следи слепа сваќа.


Заигран зетот заум зеде,

Бакнежи бегли бара беден,

Невеста нурна наспрем него,

Лапајќи леден лапор леко.


Наеднаш нозете негови,

Камени колумни кроени,

Пипало ползејќи пругоре,

Зграгори загриза загоре.


Кубури колани камени

В вериги ветрени врамени,

Барабан бијат бесно браќа,

Свекорот следи слепа сваќа.


Вкамени весели вресоци

В студени стенливи стисоци,

Девата длабоко дрмоли,

Морена в мраморот мрмори.


Кубури колани камени

В вериги ветрени врамени,

Барабан бијат бесно браќа,

Свекорот следи слепа сваќа.




Comments


bottom of page