Поезија од Макрина Јорданова
- Култура β

- 32 minutes ago
- 2 min read
***
уморот и во сонот те стигнал
во ниедна доба
ти тежи на капаците,
очите суви и неми
ти натежнале,
не можам да се огледам во нив
а не можеш ни ти,
не можеш ни со двете очи
ни со срце да ме погледнеш
а еве сум- стојам пред тебе
не ме гледаш,
не ја сеќаваш отсутноста
на моето присуство - не се сеќаваш
не ме сеќаваш,
ни кога со образ стојам-пред тебе,
рамо до рамо-со тебе
срце на срце-под тебе
гради над колкови-врз тебе
и пак, не ме гледаш
дал видот си поигрува со тебе,
дал умот ти се мати,
ил јас ти го заматувам?
уморот и во сонот те стигнал
и пак до ниедна доба,
капаците повеќе не ти тежат,
ме секаваш,
се сеќаваш.
но не можеш да ме видиш.
***
пуштив корени
пуштив пусти корени
за да се приземјам
при тебе,
за да ме видиш
до тебе,
навидум да ме храниш,
да ми долеваш кобна вода
да го впијам црнилото
во белите ми корени
пуштив корени
и цврсто стебло,
но те плаши мојата големина
не те освежува мојата сенка,
околу мене садиш бршлени
зелени големи бршлени
да го штитат
цврстото ми стебло,
се вртка,
се плетка бршленот
потајно ко крадливец
ми ја зема водата
ненаситно се сити на мене
ме заплеткува
ме гуши
сум пуштила корени
во проколната почва,
во жив песок
кој се глода самиот себе
но дрвото навидум мртво, повторно ќе живне
***
насликај ме на
бело платно
веќе пожолтено
од чадот кој ни го заматува видот,
со четката
нежно,
одболувај ги моите болови,
заобили ги сите мои облини,
започни од двете дамки
вдлабнати во половината,
со усните изброј ми ги пршлените,
наброј ми ги ребрата,
и меѓуребрените мускули,
одмори се
на раскрсницата
каде срцето два плода го чуваат,
сити се на нив
се дур не созреат,
и портите не се отворат,
одрони си парче
од моево тело,
засити го своето кревко
гости се,
земи си го ветеното.
Макрина Јорданова (2004, Штип) е млада поетеса и студентка на Факултетот за општествени науки во Љубљана, Словенија. Има учествувано на повеќе поетски читања, меѓу кои „Поетска епизода“ и „Отскочна даска“ во рамки на Скопскиот поетски фестивал. Таа се занимава со пишување поезија, а голем дел од своето детство го има поминато во театар.




Comments