Режија и сценарио: Nathalie Álvarez Mesén
Улоги: Wendy Chinchilla Araya, Ana Julia Porras Espinoza, Daniel Castañeda Rincón
Кинематографија: Sophie Winqvist
Времетраење: 106’
Година: 2021
Земја на потекло: Шведска, Коста Рика
Жанр: Драма
Природата не само што лечи, исцелува тука и помага некој да се пронајде себеси. Тоа се случува во ,,Клара Сола’’. Топла приказна која што се случува во мало селце во Коста Рика.
,,Клара Сола’’ е дебитантско остварување на костариканско – шведската режисерка Натали Алварез Месен. Премиерно е прикажан во програмата ,,Кензен’’ на Канскиот филмски фестивал во 2021 година. Македонската премиера ја имаше на дванаесетото издание на Филозофскиот филмски фестивал, а воедно и ја доби главната награда ,,Златен Був’’ за најдобар долгометражен филм од страна на жирито.
Филмот е и поетичен, но и суптилен, светол, покажувајќи доста природа, зеленило, дожд. Дождливо и магловито, некаде помеѓу јаве и сон. Доста бистрина и движење на сликата, крупни кадри со експресиите на ликовите, скоро војаеристички настроен, некаде од страна ги гледаме деталите, ентериерот, религиските, христијански орнаменти. Статичноста ги покажува преубавите костарикански пејзажи, флората и фауната, клариниот коњ Јука, кој е метафора и олицетворение на слободниот дух. Фолклорното и религиското го потпомагаат магискиот реализам.
Говорењето на Клара со Јука и неговото хранење е интимен момент за главниот лик, но и интимен момент за целиот филм, на повисоко ниво ги поврзува човекот и природата, публиката и природата, можеби и повеќе од тоа кога Клара се капе во реката или се валка во калта. Филмот следејќи ја одблизу Клара, со крупни кадри, фокусирајќи ја во широк простор, ја става на пиедесталот, го слушаме тивкиот внатрешен свет на Клара, инаетот и наивниот поглед на светот.
Клара е 40 годишна жена која боледува од болест на ‘рбетот. Живее во матријахално семејство, со мајка ѝ и внуката. Претставена е пред луѓето од селото како исцелител, некој кој лекува неизлечливи болести, жена која ја видела Богородица или можеби таа е следната Богородица. Меѓутоа иако на почетокот филмот сака да мислиме дека таа е можеби светец, на крајот дознаваме дека всушност вистината и не е далеку од привидноста. Наивноста и го додава детинестиот нарав, болеста од која што боледува, а тоа секако додава доста на ликот, можеби и без тоа ликот не би бил ефективен.
Матријахатот налага одредени правила на однесување, а посебно е тешко кога си ,,поразличен’’ од другите. Иако не гледаме отфрлување, туку напротив разбирање и прифаќање, посветена грижа и неизмерна љубов од страна на семејството, подеднакво од мајката и внуката, некаде измеѓу доаѓаме до отпорот и нервозата која ги создава Клара околу себе. Прави што таа самата сака и не дозволува Јука да биде продаден и постојано бара начини да го врати. На свој начин ја изразува љубовта, не разбирајќи ги општоприфатените форми и норми на комуникација. Така обидувајќи се да ја искаже својата сексуалност и љубов или да дојде до свое задоволство, таа е казнувана, ,,исцелувана’’ со молитва. Потребата од физичко задоволство го преживува или канализира преку љубовната врска на нејзината внука и нејзиното момче, а на тој начин учи. Сепак можеби тие забрани и табуа и даваат дополнителен мотив таа да го истражува внатрешниот (својот) и надворешниот свет, осознавајќи сè повеќе за тоа што се случува. Учењето, трагањето, осознавањето се главните ,,потпори’’ на филмот.
Традицијата која можеби ограничува, сепак во случајов го носи главниот лик на друго животно ниво. Така традиционалната и религиозна средина, иако можеби мистифицирана, мора во филмот да служи како основа за објаснување на збиднувањата, мотивите на ликовите, нивните желби, потреби, односно целиот начин на живот. Без тие елементи приказната не би можела да создава одредени конфликти, иако конфликтите се исто така често помеѓу клариниот свет и светот на своите најблиски. Но, она што е интересно е што Клара целосно ужива во својот свет, знае што прави, лекува, предвидува, носи што сака, го кине роденденскиот фустан на својата помала внука, само затоа што сака таков син фустан. Иако надворешните дразби, опомени и ,,пресечувања’’ донекаде поттикнуваат иницијатива за ,,промена’’ кај Клара и ја придвижуваат приказната напред, таа во реалноста ужива таму каде што е, затоа што и навистина нејзиниот свет и однесување и помагаат да биде таа која што е и специфично не создава некој поголем проблем. Клара и нема проблем со себе, ниту сериозен и реален проблем со другите ликови, туку има само одреден процес на учење, па оттука доаѓа веројатно конфликтот кој би се перцепирал надворешно, од перспектива на другите ликови, од перспектива на публиката. Клара чувствува помали немири, а тие надворешно се преувеличуваат, всушност хиперболизирањето на проблемот, го носи филмот до крајот, но донекаде очекувано, можеби и поради поврзувањето на магиското и реалното, така и завршува.
Сексуалниот проблем избива на површина, се заплетува од почетокот, зоврива и на крајот кога Клара стапува во сексуален контакт, сиот потиснат бес, немир и самоконтрола експлодируваат, а со тоа навидум филмот сака да каже дека сега Клара е целосно ослободена, потресувајќи го важниот момент кој се спрема од почетокот, а тоа е роденденот на нејзината внука. Всушност го потресува детството и настапува зрелоста, настапува мајчиниот глас, молбата за повторна смиреност и воздржаност, но овој пат на повисоко духовно и зрело ниво. Така Клара расте и го дооформува својот свет, ја нема повеќе дуалноста на мајката и внуката, на младоста и зрелоста, туку ја има синтезата на тоа што е таа, тоа што го поседува и што сега го осознала целосно или го ослободила.
Таква е природата, таква е и човековата природа, а Клара успешно се сместува таму каде што треба и да биде. Заедно со природата, помагајќи си и себеси. Клара е ,,сола’’.
Commenti