top of page
Writer's pictureЛеонид Велковски

Филмска анализа: ,,Претпоследниот’’ (Den næstsidste)

Режија и сценарио: Jonas Kærup Hjort

Улоги: Joen Højerslev, Anne Fletting, Anders & Niels Plougman, Jonas Munck Hansen

Кинематографија: Jacob Sofussen

Времетраење: 120’

Година: 2021

Земја на потекло: Данска

Жанр: Драма

Kинотечната сала. Жешко попладне. ,,Претпоследниот’’. Смеење. Силни звуци.

По гледањето на ,,Претпоследниот’’ чувствував нервоза. Едноставно не знаев од каде доаѓа, но мислам дека главната причина е барањето на објаснувања за двочасовниот притисок кој го чувствував.


,,Претпоследниот’’ е дебитантско остварување на данскиот режисер Јонас Керуп Хјорт. Македонската премиера беше на дванаесетото издание на ,,Филозофскиот филмски фестивал’’.


Визуелно пресиметричниот и мрачен ,,Претпоследниот’’, како намерно да бара напрегање од гледачот, не само поради необјаснивиот крај, туку и поради темнината и сенките кои преовладуваат со филмот. Симетријата е постојана, перфектна слика, честа длабочина, перспектива, во композицијата е запазено сè до детал, долги статични кадри, светлото го дефинира просторот, ја дооформува приказната. Она што визуелно не го разбиравме, го разбиравме подоцна, од играта на ликовите. Очекувано ,,скандинавски’’ и очекувано ,,ладен’’, можеби и малку бергмански, очигледно надреален.


Прво нешто што се забележува во филмот е театралниот момент, можеби на тоа придонесува и просторот во кое се одвива дејствието. Скоро е неодреден, нелогичен, минималистичко сив, бетонски, со прашина, песок, ограничена светлина која влегува од одредени отвори, разбираме дека има соби, во кои живеат посебно ликовите, простор во кој се собираат сите, просторот каде што е ,,домарот’’, односно водомерот, лифт, некое ниво подолу во зградата и надворешниот простор, пејзажи и липата со скелетот од мртвото магаре.


Филмот е бетонски, клаустрофобичен. Се чувствува инспирацијата од театарот на апсурдот, го чувствуваме Бекет, филмот често е опишан како кафкијански, што е точно, главниот лик лута низ лавиринт, ја чувствуваме литературната паралела. Всушност ликовите изгледаат изгубено во тој огромен простор.


Приказната почнува во моментот кога инспекторот за вода, влегува во еден сив објект, зграда, кој поради маглата или можеби неговата должина, големина, не може добро да се види. Разни крици, минималистичка музика, која го одредува дејствието, тоест еден постојан звук, кој се појавува по тропање на вратите од страна на инспекторот за вода. Звук на црцорење на птици. Птиците не ги гледаме, само еднаш и тоа една птица како е брутално нападната и изедена. Двајца мажи, кои изгледаат скоро идентично, на близнаци, постојано го следат главниот лик, инспекторот. Понатаму во филмот, главниот лик е во заблуда, односно тој и публиката се во заблуда, сè додека не ја откриеме ,,вистината’’, односно тоа е кулминацијата, па потоа приказната се расплетува.


Иако филмот се движи на тенка линија помеѓу она што значи главни и споредни ликови, сепак ја следиме борбата на инспекторот за вода, кој можеби е режисерот. Другите ликови веројатно се луѓе од животот на режисерот, кои вистински постојат, можеби се неговите внатрешни ликови. Без тие ликови филмот не би функционирал, но едноставно целосно му помагаат на главниот лик. Ликовите се меланхолични, тажни, специфично и метафорично поради својата возраст или визуелен изглед, потсетуваат на некого од вистинскиот свет, не знаат каде се наоѓаат и оттаму нема излез. Тие некако се нашле во зградата и вршат одредена функција: шијат, водат евиденција за финансиите...


Актерите целосно одговараат на своите ликови, ги дефинира самиот физички изглед, односно тие ги дефинираат. Секој лик е важен за дејствието, мора да е таму, ако не е, тогаш филмот би бил покус или едноставно само би ги немало ликовите, би ја изгубил смислата? Глумата е донекаде театрална и повеќе издава физикусот, гримасите и движењата, играта со телото, отколку самиот дијалог.


Филмот е поделен во четири поглавја (дела) (четири етапи од нашиот живот, според режисерот) и можеби така сака да се перцепира, сепак неминовно се забележуваат главните драмски етапи. Времето е непознато, тоа се чувствува, но филмот се доживува хронолошки, сепак и самата форма е хронолошка.


Мора да се потенцира дека филмот од својата апсурдност, на моменти станува смешен, црниот хумор ја раздвижува приказната и тоа можеби е еден од најдобрите атрибути на филмот. Тоа посебно е нагласено во сцената кога девојката на 6500 јазици се обидува да го изговори зборот ,,ананас’’ или кога сите му помагаат на главниот лик да го поправи пиштолот за да се убие.


Според режисерот на филмот, Јонас Керуп Хјорт, додека го гледаме филмот, треба да се опуштиме и тој да нè води, да не се обидуваме веднаш да ја откриеме суштината. Но, скоро е невозможно целосно да се опуштиш бидејќи цело време ја чекаш разрешницата на судењето и разрешницата на самото бегство на главниот лик. Некаде пред крајот, филмот станува уште повеќе симболички, метафората се задлабочува и можеби дава некоја динамика, но повеќе збунува. Сепак и не би можел да заврши поедноставно, тогаш би ни било прелесно за разбирање или самиот филм би ја изгубил самата задлабоченост, алегоријата?


Филмот во текот на гледањето не ни може да се перцепира на друг начин од она што го гледаме пред нас, всушност зад едноставната приказна, режисерот скрил нешто подлабоко за размислување, но повеќе би рекол дека откривањето на суштината на филмот лежи во прашување на режисерот и што сакал тој со тоа да каже. Ако не го прашуваме режисерот, тогаш филмот е оставен на целосно слободно толкување. Така според моето толкување, филмот е една алегорија на животот на еден човек, тоа може да биде секој и како тој човек преживува во општесвото, како се справува со нормите и притисокот на општеството, а по долгите препреки, успева да стигне до ,,клучот’’ на нештата, на своето јас , можеби и успева да се издели, да побегне од стегите на општеството и да се вброи во оние кои успеале тоа да го направат. Според режисерот, тоа е смртта, а тоа е доста песимистички, но за некој и доста реално.


Филмот може да се гледа и како една лична психоанализа или егзистенцијална криза, со поентирање на одредени важности, но со надеж дека и некој во публиката ќе се пронајде во истото. Внатрешното и надворешното се испреплетуваат, толку колку што и ликовите се внатре во него и надвор со него. Се испреплетуваат и детството и зрелоста. Раѓањето и смртта. Според режисерот, водата за него претставува симбол на животот, а главниот лик стигнува до него, тоа значи дека се преродува или дека умира?


Ако ја изгребеме метафората, под неа ќе ја добиеме само приказната, а ако ја изгребеме и приказната повторно ќе стигнеме до неодговорени прашања. Колку метафоричноста додава или одзема во филмот? Филмот без аудиовизуелната перфектност и метафора и без содржинската метафора не би можел да постои. Тоа го одредува.

 

Оваа филмска анализа е објавена како дел од соработката на Култрура Бета и Филозофски филмски фестивал. Филмот „Претпоследниот“ беше прикажан како дел од Официјалната селекција на долгометражни филмови со компетитивен карактер, а режисерот Јонас Керуп Хјорт, на 3 јуни, гостуваше во кинотечната сала на Кинотеката на Македонија.

留言


bottom of page