top of page

Го зборевме ова? :: Служев во Босна, во Сараево

  • Writer: Калина Качоровска
    Калина Качоровска
  • 11 hours ago
  • 6 min read

Драга моја Ангела,


Првото писмо го завршуваш со „Поздрави ми го Сараево“. И, еве, го поздравив во саботата сабајле. Со оглед на тоа што сум едвај во состојба да размислувам на што било друго деновиве, однапред ти се извинувам што голем дел од писмово ќе биде токму за Сараево. 


Не сум сигурна од каде да почнам да ја раскажувам мојата сараевска приказна, зашто таа е премногу долга, но и премногу интимна за да остане само на писмо, па ќе си зборуваме кога ќе се видиме. Но, ќе ти раскажам малку за мојата зграда, затоа што мислам дека токму мојата зграда е Сараево во мало. 


Откако ги поминав празниците во Скопје, се вратив во Сараево за моите три последни недели таму. Во тие три недели, како за беља, значително ми се продлабочи односот и со луѓето, и со градот, таман да ми биде уште потешко да си одам. Голем дел од причината зошто уште толку го засакав тоа место е поради новиот стан во којшто почнав да живеам. Се преселив во собата на другар ми Мојмир од Чешка, кој требаше да се отсели кога јас ќе се вселам. Но, тој сепак остана да живее на каучот најголем дел од времето, а покрај него живеевме со уште двајца цимера, и двајцата Еразмус-студенти. За тоа колку е убаво да се живее со цимери ќе пишувам другпат. Сега, да се навратам на самата зграда, која, како што сфатив едно утро додека одев накај факултет, е своевиден симбол за сараевското поствоено општество. Зградата се наоѓа во Центар, на улица Сутјеска, на почетокот на населбата Кошево, во близина на Велики Парк, како и елитната амбасадорска населба Џиџиковац. Според моите претпоставки, објектот веројатно постои уште од почетокот на 20. век, односно од австро-унгарско време. Она што ја прави оваа зграда позната меѓу сарајлиите е тоа што најголемиот воен злосторник од Босанската војна, Радован Караџиќ, има живеено токму таму речиси 30 години. 


Но, демографскиот состав на зградата оттогаш се има сменето, па, еве, кој живее таму денес: На долниот спрат има стан со врата зад решетки, каде живее брачен пар дилери. Двајцата се исклучително љубезни и топли, иако мажот на прва не изгледа така, бидејќи е висок можеби два метра и има голема рана на лицето. Секое излегување или влегување од/во зградата, пред нивната врата има луѓе кои чекаат, луѓе кои се, очигледно, зависници, но и тие, секојпат ме поздравуваат, иако (или можеби затоа што?) знаат дека знам. Не ги знам луѓето од другите два спрата, освен оние што живеат зад една голема врата, исто така со решетки, за кои ми кажаа дека се некои богаташи. Но, најинтересниот спрат во зградата на Сутјеска е несомнено нашиот, последниот спрат. На спратот има три стана. Од левата страна живееме ние, млади Еразмус-студенти, дојдени во Сараево да истражуваме, да учиме и, секако, да му се чудиме на овој град на кој толку долго време му се чудат толку многу странци и туристи. Во станот правиме журки од кои соседите не се жалат, зашто имаат поголеми проблеми. Од десната страна живее брачен пар, не сум сигурна што работи сопругата, но мажот е на висока позиција во канцеларијата на ЕУ во Босна и Херцеговина. Тој е еден од оние ретки луѓе кои веруваат дека со доволно напор, може да помогне неговата држава да стане членка на Европската Унија (па, ако може Црна Гора до 2030, зошто па не и БиХ?). Во средина на спратот живее Дадо. Дадо е човек од околу 50-60 години, иако изгледа како да има 70-80. Живее сам во голем неред, со многу натрупани работи, а ова го знам затоа што неговата врата е постојано отворена, а тој е речиси постојано на скалите, така што секое враќање дома, се гледаме на скали. Кога не се гледаме на скали, тој ни ѕвони на врата (2-3 пати на ден), или за да си помуабетиме, или за да ни побара помош со некои секојдневни обврски, или (ретко) за да ни побара да му купиме лекови, цигари или да му пратиме пари на телефонска сметка. Дадо зборува многу за војната и за тоа што таа му одземала.  Неговата состојба е, според моето нестручно сфаќање, пример на посттрауматско стресно нарушување предизвикано од војната, иако тој веројатно не го знае тоа. На секое гледање (значи неколку пати дневно) ме прашува како сум, кога ме гледа дека излегувам навечер ми посакува убав помин, а следното утро секогаш прашува „како беше синоќа во град?“. Последните неколку дена во Сараево беше и татко ми, па кога се сретнаа на скали со Дадо, покрај срдечниот муабет и коментарот на татко ми „Дадо, како Дадо Топиќ!“, мојот комшија го заврши разговорот со: „Добра е Калина, една од оние добри луѓе, како Мојмир!“. Тоа ми беше последен пат да го видам. 


Следниот ден, по прекрасната последна ноќ со три часа спиење, го напуштив Сараево и тргнав за Скопје. Се враќавме со татко ми со кола и сами одлучивме да одиме по подолг пат за да наминеме на неколку места. Но, и покрај тоа, ужасната поврзаност меѓу овие два главни града, кои биле дел од иста држава, ме шокираше по којзнае кој пат. Ова ми беше првпат оваа релaција да ја поминам со кола, па беше за нијанса попријатно, но поврзаноста со јавен превоз не е ништо помалку од скандалозна. Имено, директен автобус од Скопје до Сараево има само еднаш неделно, во недела навечер. Автобусот трга од Скопје во 20 часот, а пристигнува во Сараево околу пладне, што значи дека пат од 600 км, се вози цели 16 часа, од кои околу 7-8 се во Босна и Херцеговина. И во обратен правец има само еден автобус неделно, така што двапати во Скопје се враќав менувајќи три автобуса: Сараево - Нови Пазар, Нови Пазар - Приштина и Приштина - Скопје. Возевме по мрачни патишта и брутални гранични премини, а патот сепак излегуваше вкупно 12 часа, односно, само 4 часа помалку од директниот автобус. Па, Ангела, знаеш и ти самата, кога дојде во Сараево есента, зарем не патуваше со два авиона и потроши еден куп време? 


За жал, оваа катастрофална поврзаност на патиштата се пресликува и во секојдневието. Да почнеме со тоа што тука, во Скопје, кога првпат споменав дека ќе се селам за Сараево, прашањето на речиси сите им беше „Што бараш таму, од Полска се селиш за Босна???“ Секако, не дека не разбирам од каде потекнува таа реакција, веројатно до пред некое време и јас така би изреагирала. Но, еве, помисли на просечниот човек кај нас – колку тој знае за Сараево или за БиХ? Секако, сите знаат за војната, Гаврило Принцип и по некоја песна од Халид Бешлиќ и Дино Мерлин, но тоа е отприлика тоа. А, и Дубиоза Колектив, зашто, нели, I am from Bosnia, take me to Americaaaaa. Но, што реално знаеме за нив што не е од времето на Југославија? Секако, ситуацијата е иста и од другата страна. Секој 40+ годишен човек има супер приказна за Македонија, секој таксист некогаш имал женска Македонка што му го скршила срцето и секој дедо служел војска тука, сите реагираат со голема топлина кога ќе им кажам од каде сум. Но младите луѓе, луѓето со кои бев опкружена, го знаат Тоше и знаат дека сега сме Северна и тоа е отприлика тоа. Целосниот недостаток на комуникација и каква било размена на идеи, луѓе и знаење помеѓу Скопје и Сараево за мене беше најпоразителното сознание во овие неколку месеци. Сепак, таму толку брзо се осетив како да сум дома, исто како што и Сараево ме прими како да сум нивна. Ми се наметнува прашањето – дали е ова изолиран случај или е тренд низ целиот постјугословенски простор? Не можам истото да го кажам за Скопје – Белград, на пример. А, што со Загреб? Ти помина цел семестар таму, мислиш ли дека се познаваме меѓу себе? 


Не знам, Ангела, ме мачи овој Балкан, а толку го сакам. И, леле, колку клише звучам! Но, враќајќи се дома поминавме низ четири држави и еден куп градови и села и во глава ми се вртеа две мисли: од една страна не можев да си поверувам колку ги сакам овие места, овие луѓе, колку ми се сите блиски; од друга страна, не можев да престанам да споредувам сè што гледам по патот со Македонија – овие се во ова подобри, оние се во она полоши, овие нè престигнаа во сè, оние се сè уште зад нас. И така натаму и така натаму, бесцелни споредби правев до бескрај. Нејсе, ова беше нашата рута: Во БиХ се возевме низ Република Српска, низ Источна Херцеговина, застанавме на Тјентиште, потоа влеговме во Црна Гора, бевме во манастирот Острог, преспавме во Подгорица (која долго време мислев дека е најдосадниот екс-ју град, но пријатно ме изненади), поминавме низ Беране и Режаје (населени главно од етнички Албанци), на границата со Косово едвај го преживеавме планинскиот пат и снежната бура, бевме во Пеќ (Пеја), Дечани, и накрај, веќе во темници, влеговме во Македонија. Овде возевме уште повнимателно и поспоро зашто минувавме низ снегот, а истиот тој ден во закон официјално стапи фамозниот Сејф сити за кој што зборуваше и ти. Ќути, среќа си дојдов во безбеден град со ред, дисциплина и железна рака, мирна сум.


Тоа што го научив во овие неколку месеци поминати во Сараево е истото она кое го забележав низ дводневното патување по балканските патишта. Тука сме, блиску сме и во километри и на ниво на чувства, јазик, секојдневие, но сме подалечни од кога било во однос на граници, држави, ентитети, патишта, институции, веќе немаме ни заедничка сегашност, а не пак заедничка иднина. Освен во зградата на Сутјеска. Таму сите општествени слоеви сè уште живеат заедно. 


Тука сум овие две недели, се гледаме и си раскажуваме!

Калина


Comments


bottom of page