top of page

Го зборевме ова? :: Прво писмо

  • Writer: Ангела Бошкоска
    Ангела Бошкоска
  • 5 days ago
  • 8 min read

Идејата за рубриката „Го зборевме ова?“, која излегува од денес (28.1.2026) ја добивме од муабетите кои кружат околу и меѓу нас, младите, кои (многу) често коментираме што се случува околу нас. Затоа, од протести и забави, решивме муабетот да го пренесеме и онлајн, на дигиталните платформи кои (ни) се чини сѐ повеќе го заземаат просторот на јавните дискусии (што не нужно значи дека е лошо). Главниот фокус е да отвориме дискусија за работите што се случуваат во македонското општество, кои пред сѐ ги засегаат младите во него. Во рубриката секоја среда ќе читаме преписка меѓу нашите членови Калина Качоровска и Ангела Бошкоска кои, неретко, дискусијата ќе ја прошируваат и вон границите на Македонија, но и кон хоризонти на лични фасцинации од уметност, политика и активизам.


Рубриката исто така е инспирирана од сличните „Nikad bolje“, „Jesi li video ovo“ и  „Jesi li snimio ovo“ кои се објавуваат на неделно ниво на платформата Velike Priče: https://velikeprice.com/

 

Јануари е голем месец. Долг. Од сѐ што се испослучи до овој 22. ден, сфатив дека не го разбирам македонското општество, а ми се чини недостижно да го разберам народов. Но, она што го сфатив е дека дефинитивно, ниту општеството, ниту луѓето, како негова основна компонента, не се ни апатични. Напротив, сите читаат и слушаат што се случува во Македонија и светот, а некои и коментираат. Се разбира, на Фејсбук, Инстаграм и преку маски, на карневал. Како и каде инаку?

 

 

Драга моја Калина,

 

Поминаа неколку месеци откако зборувавме да ја почнеме рубрикава, и оттогаш се случија многу нешта на кои сигурно ќе се навратиме некогаш. Сега, сакам да ти пишам за она што се случува периодов овде, низ Македонија.


За мене, секоја година почнува на 6. јануари, кога се случува првиот карневал, ноќ под маски – како и да го наречеме она што секако нема официјален назив, а кое се случува во Тетово. Меѓу тетовци маскенбалот е познат како Б’дња баба и, бидејќи, за овој да го наречам, прв карневал во низата македонски што се случуваат на зима, многу помалку се репортира во јавноста, ќе кажам збор-два повеќе овде.  


Имено, во 1990 година, друштво млади, поттикнати од најмладите б’дњици (во Тетово нема Коледе туку најмалечките вечерта на Бадник маскирани пеат по куќи и тоа е традиција стара со векови) за првпат изглегува под маски во локалните кафичи. Според кажувањата на мајка ми, биле облечени во кожуви и крзна со стап во рака, обидувајќи се да претстават мечки, волци, и други плашила или животни, а на нив ги носеле традиционалните ѕвонци кои ги гледаме на маските во Вевчани и кај џоломарите. (Иако на едно место прочитав дека околу врат носеле низа кромид или пиперки). Следната година, тетовци од сите генерации ги полнат кафичите, овој пат маскирани – облечени секој како што успеал, (првите маски биле вампири, шеици и медицински сестри), но битно во маска. Денес важи дека треба да те „изеде“ тетовски срам ако на 6. јануари вечерта одиш на забава немаскиран. Во последниве години, да не кажам по кобната 2001, Бадник во Тетово е денот кој ги враќа сите раселени (а, ги има многу, еве, пример речиси цела моја школска генерација е во Скопје). Тоа е интересно поради две причини: прво, на овој ден се гледаш со луѓе кои, инаку, се расштракни по Скопје или надвор од земјава; второ, тоа го правите кога не сте тие што сте, туку во костими на кловн, вештер, дух, киндер јајце, дрег-кралица, пират, Мадуро, Трамп, Филипче, Мицкоски... Вториот аспект е интересен токму поради последниве „маски“ кои ги споменав: се прави пародија од политичарите и со тоа и на актуелните случувања, било на домашната или на светската сцена. Во најмала рака, тоа покажува дека луѓето следат што се случува и без оглед на идеолошкоиот став, одлучуваат да изразат политички став додавајќи му друга димензија на она што требало да е забавен маскенбал. Инаку, карнeвалот во Тетово нема официјално дефиле, не е препознен од ниту една локална или државна институција, ниту пак има правила на маскирање до кои учесниците треба да се придржуваат. Сѐ е оставено на граѓаните, а граѓаните од година в година сѐ повеќе се будат. Тоа, се разбира, е далеку од активизам, но дава искра на бунт. Во погани денови.


Кога сме кај поганите денови, кои само што завршија (некои ќе речат фала Богу, јас ќе речам, дај уште карневалски ноќи!), не може да не се спомне Вевчани. За разлика од Тетово, 14-вековната традиција овој карневал го оформила во она што е – пародично, иронично, гротескно и, пред сѐ, критичко дефиле кое без цензура „ги напаѓа“ најмногу политичарите, а потоа и сѐ друго што оставило доволно силен впечаток за да се најде таму. Покрај традиционалните маски, „зет и невеста“, „Глупи Август“ и музичари (ова го ископав од официјалниот веб-сајт за карневалот), годинава, како што сум сигурна веќе виде и ти, „на тапет“ се најде актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски. Или, диџејот, околу кого ечеше песната meme што произлезе од прославувањето на победата во првиот круг на локалните избори лани во октомври. Песната, инаку, се најде на прво место на една листа за т.н. топ „brain rot“ („гниење на мозокот“ - на македонски; колку лошоо звучи! Но, тоа е тема за другпат!) македонски песни. Па да, прославата на неговата победа очигледно требаше да се повтори на карневалот за и тој да види како сето тоа изгледаше.


На дефилето видовме и кутија „Марлборо црвено“ претставувајќи го „отпорот“ кон Новиот закон за заштита од пушењето, можеби законот со најсмешното име досега. Но, за тоа веќе има доволно Фејзбук-анализи, па нема да навлегувам. Немам проблем со донесување нов, како што милуваат да речат, европски закон, што се практикува во многу земји во Европа. Сметам дека е страшно што толкав процент од населението пуши, но дали навистина со ваков закон ќе се намали бројката на пушачи? Пушачите дома ќе си пушат, ако не смеат внатре ќе излезат на балкон или ќе постојат пред кафуле (имено, како што и беше досега во многу кафулиња и угостителски објекти низ државата!).


Меѓу главните аргументи во сите поплаки за законот е дека пушењето е многу помал проблем во однос на сето она што треба да го направиме како држава за да се приближиме до ЕУ-стандардите. Точно, имено и Законов се појави во време кога зачестува прашањето до каде сме со процесот за ЕУ и зошто не сме мрднати ниту чекор напред од смената на власта, пред година и пол. Од друга страна, Законов освен што е осмислен, како што вели и самото име: да штити од пушењето, удира директно по грбот на угостителите. Тие се оние кои најмногу ќе загубат, а ќе видиме и кои од нив. Ми доаѓа да направам паралела со пробниот период на сејф сити. Сите сме свесни дека колку и да го почитуваш, некој секогаш „лета на Партизанска“, и прашање е дали и колку од казната што треба да му стигне ќе ја плати. На крајот на краиштата, закон како закон ќе се донесе и некои ќе го почитуваат, други не. Но, смешно ми е што без оглед на превирања по Фејсбук и поплаки, на крајот изгледа сите и пушачи и непушачи ќе замолчиме заедно, и ќе го прифатиме донесувањето на Законов како и многу нешта досега. 


Пред некој ден за време на блокадата организирана од иницијативата Стоп за Усје, се читаше поезија. Дел од една песна звучеше вака некако (ќе парафразирам):


„ќе дојдат политичарите и ќе речат

не за цигари

да за инвестиции.“


Откако го чув ова, првата мисла ми беше: да! Ние ќе го прифатиме и тоа. На блокада против толку сериозен загадувач на воздухот во главниот град стана збор за цигарите и новиот Закон за заштита од пушењето, што уште повеќе придонесува за гротеската во која нѐ вклештуваат: замисли ја големината на една цигара наспроти Титанот Усје! Впечатокот ми е дека коментарите и статусите на Фејзбук беа далеку побројни од луѓето што се појавија на блокадата, а ете, и таму можеа да си го изразат незадоволството и кон предлог-законот...


Она што сакав да ти го кажам е дека на блокадата имаше луѓе и тажно е што и јас, и повеќето со кои зборував, мислевме дека ќе има многу помалку. Но, бројката ни одблизу не беше солидна. Најтажното секако е што не доаѓаат ниту луѓето кои живеат околу цементарницата, а камо ли некој од подалечните населби. Јасно ми е дека не е едноставно да се стигне до раскрсницата меѓу булеварот Србија и Борис Трајковски. Организаторите најавија да се избегнуваат автобусите 4 и 41, а јасна ни е ситуацијата со јавниот превоз во Скопје. Но, прашањето е што кому му е поважно, и додека го барам одговорот не се снаоѓам… не ги разбирам. Не сфаќам како може во град во кој живее пола од државата да не се соберат ни 5000 луѓе на блокада што се случила еднаш во месецот?


Во последно време сѐ повеќе размислувам дали се претвораме во земја на градови-држави. Ова со Усје ме води до некое следно ниво: Скопје е поделено на општини меѓу кои се кине врската, општиот став е нешто како: ако Усје е во Кисела Вода и во близина на Аеродром, тогаш е нивен проблем.


Од друга страна, ако за тетовскиот карневал не се знае или се знае малку; онака кој чул – чул, а вевчанци прогласија уште одамна „независност“ од нас другите, што би требало да очекуваме за Кочани? Барем солидарност од другите градови, но еве и по 10 месеци, ја нема. Се однесуваме како да не ни се случи најголемата трагедија во историјата туку дека тоа им се случи ним, таму, далеку од нас. Во однос на карневалите по ова, не велам дека не треба да се случуваат забави или карневали, но факт е дека покрај Максим, новиот Закон за пушење, смената на власт во САД, и тоа се случи минатата година: 62 млади луѓе го загубија животот и уште 200 беа повредени.


Уште нешто врзано со поганите денови и празниците се сликите што кружеа по социјалните мрежи од прославувањето на Водици од разни места и, се разбира, од Охрид. На нив видовме неколку работи: бројност, сплотеност и надеж. На сликите од маршот на ангелите во Кочани гледаме: црнило, тага и многу помала бројност. Што ќе беше ако барем една сабота, се појавеа толку луѓе во Кочани колку што се појавија на сите места каде имаше традиционално фрлање на крстот на 19. јануари годинава? Не го кажувам ова бидејќи имам нешто против религијата, но не разбирам ни како никој никогаш не најде време да отиде во Кочани, да даде поддршка која е многу попотребна отколку таму каде што се фрлаат по крстот.


Од друга страна, периодов речиси и да не се случи прослава без да се пушти песна од ДНК (и тоа, верувам, во цела држава). Верувам дека сите во просторијата кога ќе ја слушнеме, без разлика на поводот за забава, за момент имаме грутка во грлото. Не е исто да ги пееш нивните стихови како претходно. Остануваме со грутка во грло и после се менува песната, и после не останува ништо. Но, што да очекуваме, кога ниту македонските музичари не истапија да им оддадат заедничка почит или да кажат јавно колку е страшно тоа што се случи? Наместо тоа, во емисии ги слушаме како не знаат да кажат што значи поимот глобализација и како некој друг (исто, јавна личност) на тоа им вика: „динги-динги со Пелистеркава ќе те акнам по главата“.


На ваквите содржини секако дека има коментари и реакции. Како што има на сѐ друго што споменав претходно. Јануари дава простор коментарите да се пренесат и преку телото кое буквално станува коментар и со тоа да се искаже ако не незадовлство, барем свест дека сме тука, знаеме, читаме и следиме што се случува. Е сега, замисли кога коментарите би се претвориле во дефиле, ама без маски? Би го разбрала ли тогаш општествово? Не знам, но сигурно би бил убав прв чекор. Или некаков прв чекор.

Веројатно. 


Веројатно, кога знаеме дека има некаква емоција меѓу луѓето, останува да се надеваме дека нешто ќе биде различно до следната блокада. Или до следниот карневал (во Прилеп). Или до следниот пат кога ќе ти пишам. 



Дотогаш, поздрави ми го Сараево и се читаме!


А.


Comments


bottom of page