top of page

Го зборевме ова? :: Човечки е да продолжиш да се бориш

  • Writer: Калина Качоровска
    Калина Качоровска
  • 2 days ago
  • 5 min read

Updated: 18 hours ago

Драга моја Ангела,


Се навраќам на моето последно писмо во кое ти реков дека веќе не можам да се жалам, дека ќе ти раскажувам убави приказни. Навистина мислев дека тоа ќе ми биде тактика во овие писма, дека и покрај овој хаос околу нас ќе успеам да најдам убави приказни за раскажување. Но, како после она што се случуваше последнава недела да ти раскажам нешто убаво? 


Од каде да почнам, од војната или од фемицидот? Или можеби од сериските убиства? Може и од македонската надворешна политика, нели? Ако ништо друго, моменталната светска состојба е непресушен извор на теми. Но, еве, стојам пред лаптопот и се чувстувам целосно неспособна да напишам што било.  Не затоа што ништо не ме допира, ниту затоа што сум преплавена со емоции, зашто баш овие емоции кои ги чувствувам се обично тоа што ми дава поттик да зборувам, пишувам, викам. Ги гледам сите големи случувања пред моите очи и се чувстувам немоќно. Си велам, пред сѐ, дека повторно немам што ново да додадам, се прашувам што да кажам јас што не го кажале илјадници пред мене? Но, уште пострашно е тоа што навистина се чувствувам како што и да кажам, што и да направам, да нема никаков удел, како секоја борба да е бесполезна. Па така, се наоѓам во една за мене добропозната состојба. Почнувам да банализирам сѐ, да бидам цинична, да бидам сѐ она што го мразам, сѐ она што најмногу го презирам во нашето општество. 


Еве, да почнеме со фемицидите. Слободен печат објави имиња на неколку жени кои последниве години се убиени откако, во сите случаи, полицијата не реагирала на редовното пријавување на насилство: Танкица Младеновска, Емилија Пешева, Рамајана Асан, Росица Коцева, Марија Маринковска и, последно, Ивана и Кате Јовановски. Првичната рекација на овие вести ми е секогаш згрозеност, ми доаѓа да повратам. Гадењето многу брзо преминува во една длабока тага која никогаш не ме напушта, но која се трансформира во лутина, која ме носи до желба за рушење на сѐ, желба за промена, па така, се обидувам тој гнев да го пренасочам во некоја акција, без разлика дали е тоа пишување, протест или нешто трето. Токму тоа е моментот што секогаш ме носи до следната фаза, а тоа е разочарувањето. Разочарување дека моите дела и делата на моите, нашите соборнички и соборници, едноставно не помагаат, дека нема начин на кој нашиот гнев може да биде пренасочен во акција што ќе резултира со промена. Еве, што да кажам за она што се случи вчера? После години пријавувано насилство и закани, државата и институциите по којзнае кој пат потфрлаат и се директни соучесници на уште едно убиство. Па така, во однос на системските пропусти, што го издвојува овој случај од случаите на Танкица, Емилија, Рамајана, Росица, Марија, жените од кумановските села, меѓу кои и Росанка Трајковска? Во сите овие приказни, последиците за жените се исти - фатални. 


Како што пишувам, сфаќам дека кога велам дека сум разочарана, не мислам на тоа дека сум разочарана што бунтувањето нема плод, за протестирање веќе пишував во друга прилика. Мојата разочараност во никој случај не значи дека ќе престанам да се бунтувам, напротив! Разочарана сум, пред сѐ, од тоа што ниеден од овие бунтови немаат масивност?! И двете објави од Слободен печат што ги цитирав имаат еден куп лајкови и препраќања, а верувај ми, на осмомартовскиот протест во недела ќе се појави една десетина од тие луѓе, иако сите гледаат што се случува. Сите го критикуваат непостапувањето на полицијата, без да го доведат во прашање своето непостапување. Еве, јас не бев во Скопје, кажи ми за блокада-фест пред Усје. Вистина ли е дека и покрај квалитетната осумчасовна програма, посетеноста сепак беше оскудна? Како е можно?

 

Во момент на слабост и исцрпеност од хорор приказни, вчера на Борјан му реков: „Си ја трошиме младоста на мали борби кои не водат до ништо“. Колку банална реченица! Не! Не се согласувам со Калина од вчера, не се согласувам ниту со Калина од почетокот на ова писмо. Ја разбирам, исто како што го разбирам разочарувањето на луѓето кои не доаѓаат на протести зашто гледаат како упорно ништо не се менува, но не се согласувам! Зарем не е самиот живот збир на мали борби? Секако дека е! Па тогаш, ни останува ли нешто друго освен да се бориме, секојдневно? 


Како контраст на ова, ќе ја земам Полска како пример. Во претходното писмо пишуваш за другарка ти која после минатогодишните претседателски избори ви зборувала дека живеењето тука станува опасно. Вчера бевме излезени на пиво со другарка ми Јагода, која летово ја запозна во Скопје. Зборувавме за Иран (тема на која не ѝ место во ова писмо, но за која верувам дека ќе зборуваме во живо), за новата потенцијална мигрантска криза во Европа, за тоа кои ќе бидат следните чекори на Трамп и секако, за трета светска војна. Јагода рече нешто што ме стаписа, а тоа е дека според проценките на аналитичарите, поради блискоста до Русија и Украина, Полска е број 1 најопасна земја да се биде за трета светска војна. Секако, тука можеме да зборуваме за паранојата што се создава меѓу народот, наметната од власта, која во последните четири години опсесивно троши пари за воена опрема и подготовка за војна која не знаеме дали навистина ќе дојде и овде или е само тактика која нѐ држи заробени во страв. Но, поентата ми беше друга. Кога во секојдневното живеење најголем страв ти е војна, како можеш да се бунтуваш против тоа? Зарем полскиот народ (заедно со украинскиот, белорускиот, итн.) треба да излезе на улица со транспаренти „НЕ САКАМЕ ВОЈНА“? Или можеби Иранците треба да излезат и да речат „НЕ НЀ БОМБАРДИРАЈТЕ“? Двата случаи се надвор од контролата на обичниот народ, затоа што ни Трамп, ни Нетанјаху, ни Путин не прашуваат дали сакаат војна, интервенција, промена на режим или бомбардирање. Но, затворањето на Усје, на пример, кое иако несомнено зависи од властите, не е нешто кое е надвор од наша контрола, не е нешто за кое е невозможно да се избориме. 


Токму тука е разликата. Војната, дали светска или граѓанска, постоечка или потенцијална, можеби и не можеме да ја запреме. Но, она што можеме да го направиме е да одбиеме да останеме рамнодушни кон она што се случува пред наши очи, во нашиот локален контекст. Можеме да одбиеме да прифатиме дека фемицидот е статистика на која треба да се навикнеме. И не знам, можеби нема да добиеме некаков резултат. Можеби не треба да гледаме на борбата како средство кое ќе ни донесе победа, туку како нешто кое нѐ прави луѓе. Во очи на неправдата, најголем непријател е цинизмот. Во очи на неправдата, единствената човечка (ре)акција е борбата. 


Се надевам дека во следното писмо повторно ќе имам сила да пишувам за нешто убаво. До тогаш, се бориме!


Со љубов, 

Калина


Comments


bottom of page