Го зборевме ова? :: Држава што не знае да казни корупција, знае да казни забава
- Калина Качоровска

- 2 days ago
- 5 min read
Драга моја Ангела,
Како што знаеш и самата, последниве две недели ги поминав во Скопје. Откако сум отселена за факултет, секоја пролет се враќам на десетина дена околу Велигден и секоја година со секое враќање во овој период се чувствувам како Скопје да е најубавиот град на светот. Ми се чини како да не постои позелено и попријатно место никаде, како зеленилото и топлиот воздух целосно да ги бришат сивилото и смогот кои претходеле цела зима. Градскиот парк е преполн, сите седат надвор, а, најдобро од сè, има еден куп настани! Ми се чини дека во овие две недели, едвај имаше ден (освен Велигден) без да отидам на настан. Па, еве, размисли на колку настани бевме заедно! Со нас е дојден и дечкото на сестра ми од Полска, кој првпат доаѓа во Македонија и е целосно воодушевен од тоа колку многу работи се случуваат и од тоа колку убаво си поминува. Меѓутоа, и покрај бројот и квалитетот на настани што се нуди, се чувствувам како социјалниот и културен живот да е построго контролиран од кога било.
Првиот настан што го посетив откако се вратив, на кој исто така и учествував, беше „Скопје дебатира, па танцува“, одржан на 3. април во Лабораториум. Бев дел од дискусијата со којашто започна вечерта, односно, разговор за ноќниот живот во Скопје и за празнината што градот ја чувствува. Како што заклучивме за време на дискусијата, истиот ден (петок) имаше толку многу настани, што доколку не учествувавме на овој, немаше да можеме да се одлучиме каде попрво да одиме. Ситуацијата беше слична и во саботата, но искрено, дури и во текот на работната недела.
Знаеш, Ангела, често зборуваме за опстојувањето на сцената, но некако мислам дека треба да го смениме фокусот. Во Буква секоја недела има експериментален џез, претходниот понеделник (пази, во понеделник!) имаше слободна импровизација, комбинација на ambient drone, контрабас соло и електронски сет, во вторникот во Котур свиреше Richard Bishop, а истовремено во Франц имаше промоција на преводот на „Избришаното уживање: клиторисот и мислата“ (издание на Тиииит! Инк.), додека неделата претходно се промовираше зборник за род и сексуалност во македонската култура, во издание на Коалиција МАРГИНИ. И сето ова е само еден многу мал дел од сето она што се случуваше паралелно во последниве две недели. Значи, сцената си постои, сцената си твори, многу поактивно и поплодно од многу други места и градови низ Балканот, Европа, па и светот.
Супер што имаме фантастични млади музичари, журки на диџеи од Берлин и Амстердам и промоции на субверзивни изданија, но дали можеме да зборуваме за ноќен живот доколку тој постои само до полноќ? За време на дискусијата во Лабораториум, поставив слично прашање, односно дека одговорот на тоа дали кај нас постои ноќен живот зависи од тоа дали под ноќен живот подразбираме само после 12, или и пред. Особен впечаток ми остави реакцијата на Ведрана Ѓорѓевиќ, една од говорничките на панелот, која веќе долги години не живее во Скопје, но има големо искуство со менаџирање настани во Белград и Ибица. Имено, таа рече дека не ѝ се верува дека воопшто го поставувам тоа прашање, односно, дека нашата генерација се соочува со оваа поделба, затоа што кога таа живеела во Скопје, ноќниот живот не се делел на пред и по 12, туку секогаш траел до сабајле, и тоа секогаш било возбудливо искуство.
За жал, денес повторно не можеме да зборуваме за поделба на ноќниот живот пред и по полноќ, не затоа што секогаш се случува нешто, туку затоа што сега после 12 нема ништо. Дури и ретките ноќни клубови кои ги отворија после Кочани, повторно ги затворија, додека на некои од оние што повеќе од година дена се обидуваат да се вратат, не им е дозволено да добијат лиценца поради причини како тоа дека имаат еден тоалет плус од тоа што треба да има според закон. Значи, денес немаме ноќен живот зашто клубовите имаат премногу вециња!
За жал, во последнава година се навикнав да не очекувам дека по 12 или 1 ќе продолжам некаде, а тоа да не биде нечиј стан или парк. Меѓутоа, она што го забележувам оваа пролет е дека дури и настаните до полноќ се поконтролирани од кога било претходно. Секој викенд, полицијата се пушта низ скопските кафулиња и барови, кога тие според закон смеат да работат до еден часот по полноќ. Доаѓаат уште пред 12, не заради некаква реална заштита на граѓаните, туку заради „контрола“. Па така, го контролираат бројот на луѓе, нивото на звук, и секако, случајно на некој да не му се случи да пие пиво на тротоар. Многу од овие „контроли“ завршуваат или со пишување казни, или со краткотрајно затворање на локалот покрај плаќање парична казна, нормално.
Интересно е што сево ова се случува додека градот и државата се соочуваат со страшно зголемен број фемициди, дивоградби и добро познатата македонска корупција, но казнувањето на тој криминал е целосно непрофитабилно за полицијата и за државата. Зошто да казниш некој што си ја малтретира девојката, кога за тоа треба да го уапсиш, да отвориш цел случај во станица и процес во суд, кога можеш само да отидеш до град и да затвориш некој бар зашто во 01:07 луѓето уште стојат и си прават муабет? Сепак, многу полесно е да се казни забава, другарство и музика, отколку да се казни корупција.
Кога зборувам за овие теми, не можам да не зборувам за Кочани. За жал, она што следеше по таа трагедија, беше предвидливо, нешто што сме го виделе во многу други сценарија. Наместо сериозна реформа на системот за издавање дозволи, наместо сериозно судско процесирање на конкретните луѓе кои со години потпишувале документи за објекти кои не исполнувале никакви стандарди, наместо некаква суштинска промена на начинот на кој државата ги регулира просторите, што добивме? Добивме полициска рација. Држава што не може да си ги заштити своите жртви, решава да го заштити редот и дисциплината. Со железна рака.
За жал, ова не е нова приказна. Како што ми раскажуваат постарите од нас, наводно, законот за работење на угостителски објекти до 12 (и до 1 за време на викенди) се воведува кратко после убиство на млад човек на јавен простор во Скопје, некаде во доцните часови. И, секако, затоа што државата се покажува како катастрофално неспособна, со цел да се заштити себеси и својот углед, а не да го заштити народот, приредува перформанс на ред и контрола.
И што имаме денес? Ноќен живот по полноќ апсолутно не постои, додека забавата до 12 или до 1 е контролирана и тензична, угостителите и сопствениците се тресат и се потат цела ноќ, ја намалуваат музиката уште во 11, додека гостите цела вечер мислат во чиј стан ќе продолжат на афтер.
Поради многу причини, си одам од Скопје исполнета. Поради многу други причини, си одам исфрустрирана. И тоа е некако соодветен опис за животот тука, нели?
Утре летам за Варшава, па си пишуваме од таму!
Со љубов,
Калина





Comments