Го зборевме ова? :: РЕАЛНО, ни требаат подобри поткасти
- Калина Качоровска

- 3 days ago
- 7 min read
Драга моја Ангела,
Кога последен пат си слушала асален македонски поткаст?
Деновиве на Инстаграм кружи исечок од епизода на поткастот „Next Gen“, во кој гостува манекенката Елена Реи. Во краткиот исечок, водителот ја прашува гостинката за фајловите на Епстин, а таа вели дека насилното однесување и непристојните понуди зависат од тоа „каква енергија шириш“, односно, доколку се однесуваш провокативно и неприбрано не треба да се чудиш ако некој те искористи, затоа што, како што вели таа, „РЕАЛНО, што очекувате кога одите на афтер-парти?“. Овој одвратен став не остана без соодветна реакција, така што во ниеден случај не сакам ова да биде тема на денешното писмо. Особено, не сакам затоа што знам точно каква ќе биде реакцијата доколку им посветам цел текст ним– „ете, имаме хејтери, опседнати сте со нас затоа што сме најјакиииии“. На пример, слично на ова, единствениот коментар што е директна поддршка на гостинката, од страна на нејзината бизнис-партнерка, воопшто не е одбрана на ставот што другарка ѝ го изнесува, туку е навреда за физички изглед на една од девојките што се спротиставуваат со кажаното – „види си го челото 😆”. И тука ќе престанам со ова, затоа што навистина не мислам дека овие класични средношколски mean girls заслужуваат повеќе внимание.
Ситуацијава ме натера да размислувам за состојбата на поткастите во Македонија. Еве, ќе почнам токму со гореспоменатиот. „Next Gen“ е емисија за, како што велат тие, „лидери, креативци и претприемачи“, односно, спаѓа во најпопуларниот жанр поткасти на глобално ниво, а тоа се поткасти за мотивација, претприемаштво и пат кон успехот. Па така, Елена Реи е поканета како успешна македонска манекенка со меѓународно искуство и кариера, која неодамна основала агенција за модели, заедно со својата колешка Ивана Караџова, бизнис-партнерката од погоре. Со други зборови, совршен избор на гостин за подкаст од овој калибар. Меѓутоа, првиот исечок што е објавен од оваа епизода е токму претходниот, кој во суштина нема никаква врска со водечката тема. Причината за ова е јасна, доколку ги видиш бројките. Исечокот за афтер-парти има 130000 прегледа, 2500 споделувања и 140 коментара, додека исечоците за успех и кариера, како тој за искуството во Кина и Њујорк или за заработувачката на моделите, теми што се директно поврзани со идејата зад поткастот, имаат по 30000, 25000 и помалку од 10000 прегледа.
Собирање прегледи преку контроверзии и скандали е стар и, искрено, веќе досаден и излитен маркетиншки трик. Сепак, како да доживува ренесанса токму преку поткастот како медиум. Ова е толку предвидливо и очигледно, што во нормални услови не би ни пишувала за тоа, меѓутоа, кога малку посериозно размислив за тоа што се случува кај нас, сфатив дека ситуацијата е многу загрижувачка. Секаде низ светот clickbaitот е главна стратегија за поткастот да е слушан, но ми се чини дека кај нас тоа не само што е главната, туку е единствената стратегија.
Знаеш, сакам да верувам дека не ме интересираат глупости и дека не потпаѓам лесно на евтини маркетиншки трикови. Како што знаеме сите, алгоритмот е совршено направен за нашите интереси, па така, на Инстаграм најчесто ми се појавуваат рилови за Киргистан, мимови за перформативни диџеи во Варшава, Србинката што зборува за специфичноста на словенските јазици, дечкото што наоѓа чудна музика од светот, љубовни цитати и плави женски со шишки какви што сакам да си направам. Но, ќе излажам ако кажам дека меѓу сево ова, никогаш не ми се појавуваат исечоци од поткастот на Боки 13 или од DAVIDOVSKI ICON SHOW. На секое такво видео, ми се руши илузијата дека сè што ме интересира е преинтелектуално, ама, секако, се оддалечувам со тоа што ќе го споделам во некој групен чат и ќе пишам „леле, како може да се волку глупи“.
Сигурно ти текнува кога пред месец-два кружеше исечок од поткастот на Боки 13 со Антонија Гиговска и уште дваjца гости, каде Боки ги прашува за значењето на некои „компликувани“ зборови. Компликуваните зборови во прашање беа: хипотеза, глобализација, дискурс, идеологија, субјективитет. Секако, никој не знаеше да каже што значат овие зборови, така што, на пример, одговорите за што значи хипотеза беа „тоа нешто со биологија беше, така?“ и „хиптотетички, тоа ти е нешто како благоречено, така?“. Боки им се дере и ги навредува, додека гостите се кинат од смеење, затоа што е пресмешно што не знаат што е тоа дискурс и затоа што е пресмешно што знаат дека и покрај тоа што ќе има илјадници навредливи коментари, ќе си добијат уште толку прегледи и нови следбеници.
Интересно е како Боки 13, главно преку новиот поткаст и неговата претходна соработка со Стефан Лазаров, многу успешно ја натера јавноста да заборави дека до многу скоро тој беше (праведно или неправедно) во затвор и беше заплеткан во еден од најголемите политички скандали во последните години. Но тоа веќе не е интересно, пројде фамата, сега е многу поинтересно што ќе каже Јелена Карлеуша и каков исечок за рил може да се направи од тоа.
Просто, не ми ни вреди да ги споменувам поткастите на Сергеј Варошлија, Стефан Лазаров или Давид Давидовски, не само затоа што не се вредни за коментар, туку затоа што ако зборуваш за едниот, исто како да зборуваш за сите. Некои од нив се дури и раскарани меѓу себе, па, демек, нивниот поткаст ќе биде поразличен од другите, но во суштина нема буквално ниедна разлика меѓу нив, освен што се снимани во друга соба. Гостите се исти, темите се исти, тактиката е иста – викаат познати личности или прости луѓе (а најчесто двете во едно), им поставуваат провокативни прашања, овие кажуваат или нешто преглупаво, или нешто преконтроверзно, па од тоа се прави исечок, оди на Инстаграм, луѓето се нервираат, чудат, смеат, коментираат, споделуваат, оговараат. Споделуваатво групен чат, исто како што правам и јас, за да искажат фрустрација за тоа какви простачки работи има низ интернетов и со тоа им ја исполнуваат целта на овие „креатори на содржина“ – се зборува за нив. Како што правам и сега, упс.
Реков дека нема да го споменувам Стефан Лазаров, но во текст за поткасти, не можам да не кажам ништо за него, затоа што тој беше првиот кој го популаризираше овој жанр поткасти кај нас. Случајот со Латас што се случи кај него во емисија е уште еден пример за сето она што го зборував досега. Тоа не само што не му ја уништи кариерата, туку, напротив, го направи уште попопуларен и уште порелевантен, затоа што токму скандалите се најдоброто нешто што може да им се случи на овие инфлуенсери. Дури и кога скандалите се поврзани со нешто толку големо како силувањето.
Кога станува збор за другите поткасти кај нас, најголем дел припаѓаат на претходно споменатиот жанр на мотивациски емисии. Другите, меѓу кои спаѓаат и некои од тие што ги слушам/гледам, се поткасти со уметници, културни работници или инспиративни личности, со кои водителот разговара за нивниот животен пат, кариера и ставови. Многу од овие поткасти се супер, особено доколу водителот е доволно начитан и доволно информиран за својот гостин, и, секако, доколку гостинот е доволно речит и забавен. Навистина, кај нас има супер емисии и епизоди кои спаѓаат во овој тип, меѓу кои, мора да ги споменам „Умно.мк“, „Анекта“, „Дебели Гикови“ и „Како си?“. Ова се поткасти кои ги исполнуваат двата критериума – одлични водители и одлични гости.
Меѓутоа, мора да признаам дека сум изморена од овој формат на поткаст. Односно, изморена сум од форматот водител-гостин, каде гостинот раскажува за сопствените успеси и падови, па најинтересните делчиња се издвојуваат и одат како рил. Секако, во времето кога царува алгоритмот и нема друг избор за промовирање на својата содржина,во ниеден случај не го осудувам ова. Меѓутоа, кога ова е единствениот формат на кој се потпираме, дури и кога зборуваме за поткасти кои се квалитетни и кои ни се допаѓаат, многу често доаѓа до преклопување на гостите, темите и приказните.
Имено, кај нас, речиси и целосно отсуствува еден жанр на подкаст што е прилично популарен и успешен, меѓу другото, во Полска, а тоа е научен поткаст. Ова е тренд во полето на поткасти веќе подолго време, каде емисиите се за одредена тема, наука или дисциплина, па или водителот зборува за различните аспекти на таа тема, на некој начин „држи лекција“, или кани гости кои се експерти во тоа поле да зборуваат за тоа. Па така, одговорот на „од каде го знаеш ова?“, на пример, тука, во Полска, многу често е „го слушнав на поткаст“. За разлика од тоа, кај нас многу ретко има поткасти кои се на одредена тема. Ние не слушаме поткасти за историја, политика, уметност, театар, физика, храна, патување, туку слушаме поткасти со Атанас и Тино, Игор Џамбазов, Дина Јашари, Венко Филипче или членовите на Корпорација Вагина. Не слушаме подкасти за теми, туку подкасти со луѓе.
Додека истражував, наидов на „Наука за сите“, поткаст за различни научни теми, методи и научници. За жал, последната епизода е од далечната 2020. Уште еден поткаст што се издвојува од оваа традиционална формула, кој е истовремено и несомнено мој омилен македонски подкаст, е „Обични луѓе“ воден од Илина Јакимовска, професорка на Институтот за етнологија и антропологија. Форматот е архивски етнографски записи и интервјуа, и иако е водител-гостин, гостите се, како што наведува името, (не)обични луѓе, кои раскажуваат многу специфични, (не)обични приказни, а не за својот пат кон успехот.
Во ниеден случај не сакам да го критикувам форматот на водител-гостин, затоа што, како што кажувам и погоре, сметам дека кај нас има многу добри поткасти што спаѓаат токму во овој жанр. Меѓутоа, сметам дека ова не треба и не смее да биде единствениот тип поткаст што го слушаме и создаваме, особено не во време кога е толку лесно секој да сними барем една епизода. Дури и неколкуте обиди на „Култура Бета“ за правење поткаст беа во истиот формат. Зошто да не седнеме и да направиме нешто ново? Можеби не ние, можеби не јас и ти или Бета, но зошто сите овие паметни и квалитетни луѓе не можат (и не можеме) да се оттргнат од овој класичен шаблон на снимање аудиоемисии и не пробаат малку да ескпериментираат со формата?
Сакав писмово да го именувам „РЕАЛНО, ни требаат помалку поткасти“, но накрај се одлучив за „РЕАЛНО, ни требаат подобри поткасти“. Да, сметам дека нема потреба да има илјадници поткасти за контроверзии и скандали меѓу Антонија Гиговска и Варошлија и Ритко, исто како што мислам дека нема потреба од илјадници поткасти во кои гостуваат истите уметници и културни работници. Но, повеќе од тоа, ИМА потреба од подобри поткасти, од поразлични поткасти, од поткасти кои ќе си дозволат да бидат попаметни, подлабоки, потемелни и пообразовни.
Можеби овие поткасти постојат, но не објавиле исечок на Инстаграм на кој сум наишла меѓу риловите за Киргистан. Можеби постојат, но не се доволно контроверзни и скандалозни за да бидат препратени во групен чат. Не знам.
Знаеш ли ти нешто за ова? Кој ти е тебе омилен македонски поткаст?
Едвај чекам да ми одговориш. До тогаш, се гледаме во Скопје!
Со љубов,
Калина





Comments