top of page

Го зборевме ова? :: Институциите се криви, несомено, но што правиме како поединци?

  • Writer: Ангела Бошкоска
    Ангела Бошкоска
  • 1 day ago
  • 5 min read

Драга моја Калина,

 

Често збориме за културата кај нас, но она за што често мислам деновиве е каква култура на однесување имаме, овде, кај нас? Не кон посетување настани и негување културни традиции, туку на најбазично ниво – каков ни е односот кон средината, градот, природата. Како и колку се грижиме за она што го оставаме зад себе, било тоа да е простор во кој сме биле или сопственото ѓубре?


Викендов на посета ни беше дојдена пријателка од Америка и, се разбира, уште следниот ден ја однесовме во чаршија да ја прошетаме. Кога сакавме да седнеме во едно од (бројните ТикТок популарни!) кафулињата, крај нас помина дете на, отприлика, десетгодишна возраст. Само што ја допи лименката со енергетски пијалак ја пушти на земјата и таа остана на патот каде што другарка ми требаше да го помести столчето за да седне. Се заврте и со загрижен израз и ме праша: Зошто го направи тоа? Јас се засрамив и ѝ реков: затоа што му се може. Ова не е никаква новост кај нас, но секојпат кога си во ситуација да објасниш нечиво (не)однесување те обвива ново чувство на срам. Затоа, не верувам дека некогаш ќе се навикнам кога ќе видам дека некој на плажа оставил полна пелена, или како што ни се случи на Козјак – употребен памперс на сред масата на која требаше да јадеме, измет што келнерот требаше со раце да го фати за да го фрли.

Една толку несекојдневна и банална ситуација те тера да сфатиш дека животот овде не го отежнува само институционалната негрижа, туку и луѓето со своите нехумани постапки  кон другите луѓе.


Ваквите примери не се само моментална фрустрација или разочарување туку се и причина некои да си речат: „Не ја бива оваа држава, едвај чекам да си одам“. За жал, за тие што (сѐ уште) не сакаме да заминеме, значат и дека идејата за рециклирање на отпад останува светлосни години далеку од нас. Со евтините летови и олеснетите начини за патување, денес, речиси секој барем на еден викенд годишно тркнува до некоја развиена европска земја. А таму треба да се рециклира, отпадот да се дели во разнобојни ќеси и да се внимава каде се фрла. Дури и да не го практикува тоа, сигурна сум дека едно македонско семејство не остава полни пелени на плажа во Грција или Италија, како што се прави тоа во Охрид.


„Пакомак“, како компанија што се занимава со управување со отпадот од пакување, освен тоа што постави бројни вендинг-машини и контејнери за селектирање отпад низ државата, пред неколку години постави и железни конструкции за собирање капачиња. Мислам дека контејнерите за рециклирање во некоја нормална состојба, значи без да бидат пренатрупани со сѐ и сешто – од облека до иверици, ги имам видено во Крушево и во уште некој помал град. По неколку демолирања на конструкциите за капачиња, на пример во Тетово, од компанијата, веројатно, кренаа раце, па година и пол се полнат со сѐ, освен со капачиња. И, овде не е фер прстот да се впери кон единствената фирма што се труди да стори нешто околу отпадот, туку кон луѓето што ги полнат. Замисли, колку треба да си неосвестен за цела амбалажа од наполитанки да напикаш во отвор голем колку за едно капаче?


Откако си отиде, Калина, контејнерите во Скопје се преполни. Градот изгледа слично како во времето на поранешната градоначалничка. Сигурно не мириса на шампон. Всушност, замириса ли некогаш, како што ветуваа? Ова веќе не е аларамнтно или екстремно, туку полека-полека станува секојдневие и тоа е страшно. Уште пострашно е што кај и да се свртиш гледаш во туѓ отпад: облека, тоалетна школка, а, понекогаш, има и цел шкаф. Мислат ли овие луѓе за тоа дека понекогаш мебелот не го земаат други, ниту комунална, туку останува да ги „краси“ контејнерите и да скапува под секакви временски услови?


Иако, можеби во 2020 година, сепак ЈП Комунална хигиена воведе бесплатна телефонска линија за подигнување кабаст отпад од дома. Услугата се плаќа и тоа го раслојува проблемот. Точно е дека не секој има да плати за да се ослободи од мебелот што не му треба. Но, затоа низ годините се појавија и бројни други иницијативи и организации (Спин студио, РЕДИ, Еко-живот Кавадарци…) за реставрирање, рециклирање или, едноставно, донирање стар мебел. Од друга страна, како и за сѐ друго, постојат и Фејзбук групи што формираат цели мрежи низ кои може да патува стариот мебел. Одлични примери се и некои од (по)новите кафулиња и барови целосно опремени со реставриран, веќе употребуван мебел; Комбо, Култура160...


Оттаму, не знам дали е до незнаење начин или, едноставно, „не ми се замара И со тоа“. Изгледа ќе да е второво.


Во однос на облеката, состојбата е уште позасрамувачка. Освен отсекогаш постоечката можност старата облека да заврши во хуманитарни цели наместо во преполн контејнер, во последно време особено е активна една многу креативна заедница на општествено одговорни луѓе. Овде ги подразбирам сите Инстаграм и Фејзбук профили кои продаваат и популаризираат продажба на облека на втора рака и профилите кои се вмрежуваат за организирање продажба во живо, како @second_hand_faves, меѓу другите.


Мислам дека ни Скопје, а ни Македонија, не доживеале период кога повеќе се промовира одржлив начин на купување облека, се популаризира облека на втора рака што поминува под етикетата на „винтиџ“ и „кул“. Како што запролети, речиси секој викенд некаде има базар, бувљак или настан на кој се продава и облека. Меѓу најчестите организатори се, се разбира, „Комбо“, потоа „Мака бар“, „Дневна“, „Љубов“...сите овие места се наоѓаат на различни локации и општини – што во град со нефункционален јавен превоз е многу важно. За да бидеш изложувач на некое од овие места можеш лесно да се пријавиш во порака, а облеката и обувките треба да се чисти, во пристојна состојба и тоа е отприлика тоа.


Друго позитивно нешто што се појави во последно време се контејнерите за облека, засега достпани во моловите. Парадоксално, нели? Сепак, наместо да навлегувам во проблемот на консумеризмот чие јадро глоблано се токму моловите ќе се фокусирам на она од што локално може да имаме бенефит. Од она што го имам забележано, покрај еден од влезовите во „Дајмонд“ има огромен контејнер за облека, а во повеќето продавници на „Sinsay“ до касата се наоѓа метална кутија за оставање стара облека, што потоа ќе се рециклира како текстилен отпад. Истата компанија, „Еко-текс груп“, вакви кутии има оставено и во некои маркети. За жал, во еден таков маркет (да, погледнав внатре!) имаше и друго ѓубре како фискални сметки и пластични шишиња. И тоа ме враќа на почетокот на писмово.


Живееме во општество со институции на кои не можеш да се потпреш. Кој порано, кој подоцна, сите учиме дека тие нема да бидат овде за нас, уште помалку за нашиот отпад. Но, живееме и во средина каде непрестајно, па и пркосно никнуваат ентузијасти кои се трудат да ни биде почисто и подобро на сите. Меѓу нас, живеат и луѓе без чувство за колективна хигиена. Затоа, не се надевам дека Комунална хигиена или друга установа, во догледна иднина ќе излезе со соопштение за селектирање и рециклирање отпад според долгорочен план, туку дека овие луѓе ќе ги извлечеме од паразитското лежиште во кое потонале. Дека следниот пат нема да мора да се расправам зошто пикавецот не треба да се фрли под клупа, туку во канта. Основни работи, знаеш.


Како е во Варшава по ова прашање? Ти се случило ли да влезеш во дискусија со некого зошто амбалажата од сокчето треба да оди во најблиската канта? Или таму се дискутира за тоа во кој отвор оди сламката, во кој кутијата?

 

Веќе недостигаш овде

Многу љубов,

А


Comments


bottom of page