Го зборевме ова? :: Квалитет VS Шљам
- Ангела Бошкоска

- 2 days ago
- 7 min read
Драга моја Калина,
Откако ми стигна твоето претходно писмо, му се навратив на исечокот со Елена Реи, како што претпоставувам направија и голем дел од читателите. Делот „Реално, што очекувате“ ми се вртеше толку низ глава што прво на шала го употребував наместо да одговорам на разни прашања во муабет. После почнав да мислам: реално, кога последно сум слушала добар подкаст?; Реално, кога последно сум гледала автентична македонска модна ревија?; Реално, кога последно сум гледала квалитетна емисија на телевизија?; Реално, кога сме имале издржан студентски протест?; Реално, кога последно сум отишла на настан на кој не ги знам 90% од луѓето? Реално, која е позицијата од која може да се критикува за сѐ од горенаведеното, па и за сѐ друго за што збориме?
Реално, делумно заради ова, а делумно и заради реакции од некои наши читател(к)и – дека писмава ни биле малку депресивни, овој пат ќе пробам да ти пишам за нешто поведро.
Не толку популарни како поткастите – иако ќе се навратам на тоа – во последно време светла точка ми се аудио книгите на македонски јазик, кои некако сега, иако можеби касно, конечно ги откривам. Секако, овде ќе ја спомнам „Самоглас“, иницијатива што веќе шест години активно создава содржина што не им помага само на лицата со оштетен вид, туку и на многу средношколци и читатели отворени за други начини на читање. Пристапот до овие аудио книги е мошне едноставен – со бесплатно регистрирање, а библиотеката ги содржи некои од драмите на Горан Стефановски, „Везилка“ на Конески, поезија и проза на современи македонски автор(к)и, но и дела од светската литература. Може да се најдат дела на Џојс, Орвел, Ман, Шели, Тургенев... Во делот „Едукација“ или „Стручна литература“ го има феминистичкиот зборник на „Медуза“ од 2020, „Информативна брошура за превенција, заштита и спречување на семејно насилство“ и „Моето сексуално здравје и ХИВ – водич за мажи“.
Иако, оваа исклучително потребна и важна и инклузивна платформа поминува како прва за аудио книги на македонски јазик, знаеш ли дека збирката на аудио книги на Сојузот на слепи е прилично богата и исто така дигитализирана, достапна на еден клик? Со ова ги добиваме книгите како „Злосторство и казна“ или „Мајсторот и Маргарита“ во одлична интерпретација снимени уште кон крајот на ’70-тите години. Педесетина години покасно, во збирката е додадена „Малиот принц“. За разлика од тогаш, аудио форматот на книгава од 2020 година почнува со дисклејмер дека е поддржан од Министерството за култура, а на телопот пишува „Finansiski Poddrzano Od Min Za Kultura“. Претходно, во 2015 година се промовира проектот „400 аудио книги за лицата со визуелен хендикеп“ во соработка меѓу Министерството за труд и социјална политика и Министерството за култура.
Архивата вести до денес открива дека во овој десетгодишен период освен проектот, институционално нема некои напори да се прошири фондот на аудио книги. Лани кон крајот на годината Националната и универзитетска библиотека објавила повик за снимање аудио книги за студенти на прв циклус студии. Сакаат да се сними „За македонцките работи“, а директорот во едно интервју изјавува дека листата на книги кои треба да добијат аудио формат уште не е дефинирана. Којзнае, можеби некогаш ќе се сними. Одовде, и јас бев зачудена кога сфатив колку многу (важни) книги од локални и странски автори ги имаме во аудио форма. Веројатно климата ни е толку негативна и разочарувачка на толку многу полиња, што повеќето (меѓу кои и универзитетска професорка) се зачуди дека истите ни се достапни само со еден клик. Бесплатно. Без да мора да се искачи планина полна непријатности.
Затоа, со актуелната светска статистика за растот на популарноста и приемчивоста на аудио книгите и оваа, благо кажано, солидна колекција што ја имаме на македонски јазик, сакам да верувам дека проектот на НУБ ќе успее. Сакам да верувам дека иако не толку популарни, квалитетни содржини со висока општествена вредност каква што се аудио книгите во најширока смисла, сѐ уште (ќе) се крерираат. Уште поважно, дека има креативни луѓе кои се настојчиви во идејата, највулгарно речена: квалитетот да го победи шљамот.
Кога веќе го употребувам зборов, ќе кажам дека реферирам на поткастите кои ги споменуваш во претходното писмо. За конкретната емисија од Боки 13 ти пишував уште во првото писмо каде ги критикував јавните и естрадни личности во однос на нивната неемпатичност за колегите од ДНК, токму преку содржината што ни ја пласираат. Сега, кога ме врати на ова, ќе додадам дека уште попроблематично од тоа што не знаеја да кажат што значат овие поими и што се смеат на навредите на водителот, е можеби токму неговата „рубрика“ да ги испрашува за вакви поими. Прво, затоа што поими како дискурс и субјективитет не можат да се објаснат туку-така, а потоа зашто им ги чита „дефинициите“ и притоа запира во читањето од нелогичниот текст понуден (најверојатно) од ВИ.
Се разбира, никој не нѐ тера да ги гледаме овие содржини, иако понекогаш влетуваат во алгоритмот, како што велиш. Но, зарем толку е глупава публиката во Македонија па да треба да ѝ се пласира ваква содржина? Уште полошо е што мислам дека поткастите се само рефлексија на она што доаѓа пред и што се емитува паралелно со нив.
Пред некоја недела случајно на телевизија налетав на емисијата „Нешто конкретно“ со Снеже Велков и одлучив да ја гледам! Темата беше „поставување граници“, а во воведното обраќање водителката рече: „Темата ќе ја разработиме со четири жени затоа што многу повеќе им се замерува кога тие ќе одлучат да постават граници. Па, затоа ќе прашам дали жена кога ќе каже не, ја доживуваме како безобразна, или всушност, тоа е повлекување на линија после која жената заслужува почит?“. Прво, дали едно вакво прашање треба да оди на попладневен термин на национална телевизија, а кога веќе некој го поставува зар воопшто е прашање тоа дали ќе се почитува кога жената ќе рече не??? За што излегуваме на протест и за каква институционална одговорност зборуваме кога нешто вакво е толку нормализирано во етерот?!
Ти кажав дека емисијата е насловена „Не ја фарбам косата! Ме гледаат... и коментираат“ – што произлегува од првото прашање што Велков ѝ го поставува на писателката Јана Петков: „Непристојно ли е прашањето да те прашам зошто не се фарбаш?“. Една од гостинките е и пратеничката на Левица, Јована Мојсоска која на прашањето зошто не е мажена одговори дека „уште не бил роден тој несреќник што треба да ја трпи“. Мислам дека овде некаде престанав да гледам. „Нешто конкретно“ не е единствена, емисии со слична содржина има и по другите канали. И, од тоа е составена забавно-културана програма на македонските телевизии. Патем, ти текнува кога пред претседателските избори во 2024 година од седумте кандидати, двете кандидатки (од кои едната стана Претседателка!) беа викнати на „Женски теми со женско кафе“, додека тоа никогаш немаше да им се случи на нивните машки колеги?
Од друга страна, како тотален опозит на конкретнава епизода од емисијава можам да го поставам поткастот „Радио Милева“. Да ти одговорам со ова и на прашањето кои македонски поткасти ги следам, ова е еден од нив и го слушам од првата епизода. Форматот е таков што три соговорнички разговараат, критички промислуваат и анализираат на најразлични теми: од актуелни политички и културни случувања во Македонија и светот до феминистичко и квир читање на македонската поп-култура од раните 2000-те. Поретко има гости. Кога се појави си реков: конечно! Подолго време ни требаше нешто вакво, и од овој поткаст имам многу научено. Не секогаш се согласувам со сѐ што кажуваат, но ме тера да размислувам подлабоко особено за тоа со кое не се сложувам. Ова е еден од тие поткасти што те турка да видиш до каде си, кои граници и позиции ги држиш во животот. Ова е поткаст кој за маж на годината (една од рубриките) избра жена, и тоа академик. Можеби затоа и некои луѓе ќе го сметаат за прерадикален. Па кога од една страна имаме нешто како „Нешто конкретно“ а од друга ваков поткаст, што е средината? Односно, каде се емитува пристојна, стимулативна емисија без да оди во еден или друг екстрем?
Го следам и обожавам и поткастот на „Медуза“, а како подраг би го издвоила и поткастот за хип-хоп култура „Pandamonium Radio Show“ (фала што се вратија!) кој ми прија за слушање некои новитети, искуства на водителите и нивни музички преференци. Друг поткаст што го имам следено додека траеше е „Филмофилос“ и „Збор – звук – сила“. Да не продолжувам со листа на згаснати, ќе го спомнам и „Видеологија“ што е повеќе емисија отколку поткаст, но е информативна за полето на филмот. Но, да, ни фалат едукативно-информативни содржини за да можеме да си речеме: „Еј! Ова го слушнав на поткаст“, особено за локални теми. Особено такви кои ќе бидат обработувани од некое неутрално гледиште без да влечат на една или друга страна.
Не е едноставно да се критикува, особено за поле во кое не си активен чинител. Но, понекогаш ми се чини, Калина, тешко да критикувам и во поле во кое сум. Сигурна сум го проследи понеделничкиот протест на студентите Албанци кои бараат правосудниот испит да го полагаат на албански јазик. Протестот кој беше најавен како студентски не само што го поддржаа активни членови на политички партии, туку на него се вееја знамиња на трети земји и се извикуваше „УЧК“ или на македонски „ОНА“. Од друга страна, студентите Македонци се соочуваат со даночење на нивната работа во Германија преку програмата Work&Travel. Меѓу нив сигурно има и студенти од другите етнички заедници, но факт е дека студентите се поделени: едните правото на протест го облекуваат во националистички и етнички симболи, другите уште не го искористиле. Не ли е малку лудо да се зборува за две групи студенти кои треба да сочинуваат една (идна) интелектуална заедница на оваа држава? Плус, сѐ ова ти се случува кога и ти си студент.
Паралелно, за споредба во соседна Србија каде студентите се најактивните критичари на системот во кој живеат и тоа гласно на улица, државата и годинава парично награди 1.111 најдобри студенти на додипломски и 500 студенти на магистерски студии. Но, која позиција да се фати попрво, кое право да се исполни: на протест против даночење, на полагање испит на албански јазик или на промена во финансирање и стипендирање на студенти? Додека државата тактизира и за едното и за другото прашање, „незасегнатите“ студенти бараат чаре некаде надвор или во своите балони.
Ако веќе ми е (по)тешко да ја одредам позицијата од која ќе критикувам, бегам во нешто од кое црпнам надеж. Така се најдов на концертот „Физика на радоста“ на Театар Пи. Во него учествуваа музичари со типичен и атипичен развој кои заедно се движеле низ процесот на учење едни на други, едни за други и едни со други, и ни отсвиреа заеднички нумери. Во неколку наврати чувството беше како да си дел од некоја тајна музичка алхемија достапна само во тој миг на тоа место и или ќе ја фатиш или веќе ти побегнала. Мислам дека ја фатив и не сакам да ме напушти.
Мислам дека тие кои беа дел од тој концерт, од фотографиите на изложбата и од целиот инклузивен процес се оние што повторно покажуваат дека квалитетот ќе победи. Мислам дека таквите вредности се оние кои уште се корени на ова општество и мислам дека македонската публика може да биде отворена за пласирање на повеќе ваква содржина, а помалку онаква каква што сакаат да ни наметнат.
Којзнае, можеби еден ден риловите ќе ми ги прекине реклама за нова аудио книга на македонски јазик. Или друга (по)квалитетна содржина. Што правиш ти кога станува неиздржливо да се критикува, во што се криеш? :)
Со многу љубов, А
P.S. Извини што издолжив олку, ќе се дозбориме и во живо уштее ;)





Comments