top of page

Го зборевме ова? :: На кој од овие простори најмногу би сакала да направиме настан? 

  • Writer: Калина Качоровска
    Калина Качоровска
  • 12 minutes ago
  • 6 min read

Драга моја Ангела,


Ќе почнам со тоа што ќе ти одговарам на прашањето што ми го постави на крајот од последното писмо - не, во Варшава никогаш не ми се случило со некого да влезам во дискусија за тоа зошто амбалажата од сокчето треба да оди во најблиската канта. Рециклирањето тука веќе одамна не е тема на муабет, затоа што е нешто што се подразбира, нешто што дури веќе се зема здраво за готово. Знаеш што друго не е тема на муабет? Децентрализацијата на културата.


Сакам да ти набројам во колку варшавски населби бев само во текот на викендов. Во петокот бев на концерт во Вола, а по концертот отидов на рејв во Бемово. Во саботата бев на две свирки, едната во населбата Прага, од другата страна на реката Висла, другата во Саска Кемпа. Во неделата бев на кино во Жолибож. Значи, тоа се пет населби во еден викенд! И, замисли, зборуваме за пет културни настана низ пет различни населби, а да не почнувам за тоа колку често одам на пијачка, кафе или прошетка низ маала надвор од Центар. И што е најдобро од сè? Тоа што најдолго што се возев со јавен превоз за да стигнам до местава беше 30 минути, и тоа до Бемово, кое е оддалечено повеќе од 10 километри од кај мене дома. 


Откако минатата недела конечно ја објавивме мапата на културни простори во Скопје, на која работевме јас и Хана со учесниците на работилницата која ја организиравме во февруари (на која присуствуваше и ти!), почнав уште толку да размислувам за тоа што сакаме да постигнеме со овој проект. Одговорот е токму ова за што ти зборувам, децентрализација на културата.


Кога зборуваме за децентрализација во Македонија, зборуваме за тоа како не треба и не смее да дозволиме сè што создаваме и сè што се случува, да се случува само во Скопје и како да ја прошириме културата која ја создаваме и во места надвор од главниот град. Впрочем, на оваа тема пишувам во една од моите први колумни за Култура Бета! Па така, веќе долго време во нашите кругови се зборува за ова, но не само што се зборува, туку во многу од поголемите градови низ земјава постојат локални иницијативи кои се занимаваат со организирање на настани и создавање на квалитетна култура во дадениот град. Секако, тука морам да ги спомнам „Пондер“ од Битола, културолошката иницијатива „5 до 12“ од Охрид, „Boiling Point“ од Куманово, кои низ годиниве неуморно работат на разубавување и збогатување на своите градови. Секако, веројатно оваа тема многу подлабоко ја чувствуваш ти, затоа што сепак роден град ти е Тетово. Каква е ситуацијата таму? Има ли локални иницијативи кои се занимаваат со ова прашање? 


Една многу убава иницијатива со слична цел која се појави неодамна е „Кино Круг“, младински филмски колектив кој се стреми кон носење на филмското платно во помали средини, локални заедници и простори. Нивниот прв настан се одржа месецов во Виница. Ова ме потсети и патувачкото кино на фестивалот „Македокс“, кое секоја година се движи низ и застанува во (најчесто, но не само) руралните македонски средини. 


Децентрализацијата на културата е главната цел и на караванот „Сепак се врти“, фестивалот организиран од „Гола планина“ и „Мртов коњ“, кој почнува токму викендов, трета година по ред. 


Меѓутоа, јас би сакала да отворам едно ново прашање – што со децентрализација на културата во Скопје? Кога последен пат си била на настан што не е во центарот на градот? Или во Карпош, најдалеку? Ако има настан во, на пример, Ново Лисиче, би се нафатила ли ти, од Влае, да менуваш два автобуса дотаму, кои не знаеш ни дали ќе пристигнат навреме, или дали воопшто ќе пристигнат? 


Ќе се навратам на мапата што ја направивме. Како што знаеш и самата, на работилницата бевме поделени според општини, затоа што целта ни беше да не изоставиме ниту еден дел од градот и да се обидиме да го мапираме потенцијалот на сите населби во Скопје. Колку го направивме тоа успешно е дискутабилно, со оглед на тоа што секако дека најголем дел од лоцираните простори се во централното градско подрачје. Но, сепак, она што можеме да го забележиме е дека во сите општини, простори со потенцијал (искористен или не) за организирање културни настани постојат. Ова е супер појдовна точка, но тешката работа доаѓа допрва, а тоа е вистинско искористување на местата кои сега можеме да видиме дека ги има насекаде низ Скопје. 


Каква е ситуацијата моментално? Генерално, тапа. Но, тоа не значи дека нема напредок, или дека нема луѓе и иницијативи кои се обидуваат работите да ги турнат напред. Па, наместо да зборувам колку е лошо, сакам да ги пофалам некои од оние кои се трудат да создаваат култура надвор од Центар и надвор од неколкуте кафулиња на кои сме навикнати. 


Први се, секако, „Комбо“. Како прво, постојаната локација на ова здружение, односно истоименото кафуле и библиотеката „Невенка“ се наоѓаат надвор од Центар, во населбата Железара во Гази Баба. Со тоа што редовно организираат културна содржина во нивните простори, работилници, свирки и читања, тие редовно придонесуваат кон децентрализација на културата во Скопје, бидејќи те тераат да се качиш во автобус и малку да мрднеш од Центар. Но, ова не е единствениот начин на кој тие работат на ова поле. „Комбо“ редовно организира базари под името „Маалски бувљак“, кои најчесто се случуваат во нивниот двор, но последниот базар, кој се одржа токму пред некој ден, беше во паркот Авионче во Аеродром. Овој парк е еден од многубројните јавни простори што ги има и на нашата мапа, и беше вистинско освежување да се види дека можеби навистина има потенцијал за организирање настани низ скопските паркови и плочници.


Од друга страна, кога мислам на децентрализација на културата во Скопје, не мислам само на организирање настани надвор од општина Центар, туку мислам и на создавање култура надвор од местата на кои сме навикнати - културните центри и неколкуте кафулиња и барови кои се познати по организирање настани. Покрај базарот во Авионче, викендов се случи уште еден настан во Скопје кој е за пофалбa - „Под Мост“. Станува збор за целодневен музички настан организиран од страна на „Котур“ (фестивал „Ѕирни“) и „Буги слајд“. Под мостот „Гоце Делчев“, покрај кејот на Вардар, овој фестивал се одржа втора година по ред на простор за кој со години им трубам на другарите дека мора да се користи за настани. Ова е втор фестивал на „Котур“ кој се стреми кон користење на неочекуваните градски површини за создавање култура. Фестивалот „Ѕирни“ секоја година организира филмски проекции и концерти на скопски плочници. Првите неколку изданија тоа го правеа на платото пред нивното кафуле, во 2024 на плочникот карши Влада, додека во 2025, барем на неколку дена, во живот го вратија еден од најубавите простори во Скопје, платото пред Дом на АРМ. Не знам дали годинава ќе останат таму или ќе се преместат на некој друг плочник, но што и да одлучат, едвај чекам. 


Морам уште еднаш да го спомнам фестивалот „Сепак се врти“, кој не само што ја децентрализира културата во Македонија, туку и во Скопје. Првото издание се одржа на сцената „Лепеза“ во Градскиот Парк, која не знам дали некогаш била користена освен за овој настан, додека втората година имаа уште поинтересно решение – платото кај куќата на Лазар Личеновски, на кеј, веднаш под Кале. Исто како и со „Ѕирни“, не можам да дочекам да видам што смислиле годинава. 


„Партизанска штампа“ и саемот „Фијук“ се уште еден пример на неуморни борци, кои не само што редовно го одржуваат овој саем низ повеќе градови во Македонија, туку во Скопје секогаш бираат нови, неочекувани локации - Даре Џамбаз, НУБ и Трн се само дел од овие места. 


Далеку сме од тоа во еден викенд да излезам на пет настана во пет различни општини, но мислам дека денес сме поблиску до идејата за децентализирана култура во Скопје од што бевме, на пример, пред една година. Патот е мноооооогу долг, но не значи дека не може да се изоди. Ќе се навратам и на твоето претходно писмо, па ќе кажам дека, да, како со сè друго кај нас, не можеме да се потпреме на институциите (во случајов на Град Скопје и општините), но можеме да се потпреме на нашата индивидуална волја и упорност и да научиме нешто од иницијатививе кои ги спомнав. 


Ги охрабрувам сите културни работници, но и љубители на културата, почнувајќи од нас самите, да бидеме похрабри кога одбираме простор за нашите настани. Замисли, свирка во парк во Топанско, поетско читање во Расадник, филмска проекција на игралиште во Хром… не е невозможно!


Драга моја Ангела, на кој од овие простори најмногу би сакала да направиме настан? 


Со љубов,

Калина


Comments


bottom of page