top of page
Writer's pictureКалина Качоровска

Македонија не е само Скопје

Во повеќе наврати, без разлика дали станува збор за јавно говорење и пишување или пак приватни разговори, сум забележала дека централизација на животот во Скопје е неисцрпна тема на која секој, директно затекнат или не,има што да каже. Затоа, ајде да кажам и јас по нешто.


Денес, повеќе од било кога, сум свесна за грешка која ја правам многу почесто од што се гордеам да кажам. Како скопјанка, кога и да зборувам за каква и да е појава во македонското општество, секој мој став и поглед кон ситуацијата се заснова на Скопје и ништо друго. Во суштина, јас ретко кога го земам останатиот дел од Македонија предвид при дискутирање на било која тема поврзана со живеењето во земјава. Ноќен живот? Топ! Природа? Нема! Институции? Милијарда! Згради? Аман веќе! Луѓе? Полно! Кафулиња? Секаде! Вклученост на младите? Добри сме!


Сево ова се разговори кои се водат на дневнa база и горе-долу секогаш се сведува на заедничко размислување, но можеби нештото кое ги поврзува овие нафрлени теми е тоа што ставовите се оформени врз основа на Скопје и тоа е тоа. Да, во Скопје има бурен ноќен живот, има многу згради, а малку природа, огромен број на население и урбани зони и браво за нас, во последниве години сме и модерни и напредни, па постои активизам како поим во секојдневото живеење. Јас, дете од Карпош 1, ова си го тврдам со сигурност. Но, што со било кое друго место надвор од овде? Дали е така и таму? Дали ако не е (а, не е), дали во тој случај е во ред кога зборуваме за Македонија во целост да ги занемаруваме очигледно драстичните разлики помеѓу главниот град и сите останати локации? Фер ли е?


Она кое најмногу нѐ кочи не е тоа што создаваме лажни слики и си ги прекажуваме едни меѓу други, туку фактот дека важни, па би рекла и клучни, државни одлуки се прават само и единствено врз основа на животниот стандард во Скопје. Секако дека сакаме да се модернизираме, да напредуваме, сакаме нови реформи. Време ни е! Но, работата ќе тапка во место сѐ додека не ги земаме сите фактори предвид и сѐ додека трчаме брзо пред да ги поправиме дупките на патот.


Нема подобар пример за ова што го зборувам од моментално актуелната ситуација со дигитализацијата на учебниците. Супер е тоа што сакаме конечно да бидеме во тренд во светот, но реалноста е дека заостануваме многу и не може туку-така да ги стигнеме другите. Но, доколку Скопје е три чекори назад, Битола, Струмица, Охрид и Штип се десет, другите градови петнаесет, а останатите помали места и села се триесет! Да, во главниот, модерен град, најголем процент од населението веројатно би можело да си дозволи една таква драстична промена во однос на учебници и дигитализација. Но, еве, како може во села во кои едвај има струја, едвај има вода, едвај има некои основни услови за живот, одеднаш да се почне со читање лекции за училиште од лаптоп или таблет?! Во ред, да беше само оваа реформа, само оваа промена од огромно значење, но не е. Со години и години, најголем процент од одлуките кои се носат во оваа држава се направени само со Скопје на ум.


Како резултат на односот кој самата држава го има врз оваа тематика се јавува и одреден надмен однос на „стари скопјани“ кон оние новодоселените. Општопознато е дека особено во последно време, во градот постои прилив на население од помалите места во Македонија во потрага по подобри животни услови. Од една страна, еден дел од овие претходноспоменати „стари скопјани“ обожава хумор на нивна сметка, исмејување на различните дијалекти кои сѐ почесто се слушаат, а друг дел од нив обожава да се жали за тоа како Скопје веќе не е Скопје, леле, леле, не останаа скопјани во градов, аман, сите тука!


Па добро, зарем оние кои се доселуваат треба да ги кривиме? Нив ли да им се потсмеваме? Секако дека ќе доаѓаат сите тука. Нормално е дека ќе дојдат во единствениот град каде има асални животни услови. Нормално дека ќе се преселат во единствениот град со културно-уметничка сцена и со (полу)функционална администрација. И што, да се жалиме дека се губи духот на градот? Духот на градот не е едноличен и не припаѓа само на скопјани и причина за неговото губење или модифицирање не е поради доселувањето на луѓе од други места. Знаеме кои се виновниците. Па така, слично тоа, не само Скопје и неговиот дух, туку и Македонија не е еднолична и не припаѓа само на едни или на други.


Во оваа држава не е крајно време за промени, туку е крајно време за промени кои не го засегаат само Скопје.

Bình luận


bottom of page