top of page

Го зборевме ова? :: Можеме ли да скршиме култура на исклучување?

  • Writer: Ангела Бошкоска
    Ангела Бошкоска
  • 1 day ago
  • 4 min read

Драга моја Калина,

 

Кога веќе ја начнавме темата за децентрализација на културата и ме прашуваш за Тетово, мислам дека е редно да се отвори и темата што (пре)долго време се смета за табу или мудро се одбегнува, а директно ја засега токму културата – соживотот со Албанците и творењето во град кој говори два јазика. Не сакам да зборувам за институционална култура што според про-форма мора да обезбеди видливост на еднаков број Македонци и Албанци и најавите за и по настанот да ги објави двојазично. Туку за независната, онаа што треба да никне автохтоно на местото што трпи различности и мешање јазик, вера и култура (на живеење, забавување, дејствување).


Прво што ми дојде на ум кога ти го прочитав писмото – за тоа каква е ситуацијата во Тетово како мој роден град – беше дека сѐ повеќе ми се чини таква што создава култура на исклучување. И како таква лежи во средиштето на она за кое зборуваш – иницијативи кои придонесуваат за градот и го разубавуваат со својата работа. На пример, кога пред еден месец бев поканета на поетско читање организирано од Јуроп Хаус Тетово, првпат слушнав дека во градот има Здружение на писатели во кое ми кажаа дека сум добредојдена кога и да посакам. Знаеш зошто? Затоа што здружението се вика: „Shoqata e shkrimtarёve Pro litera Tetovё“ и како такво никогаш не ми излегло на ниту една социјална мрежа, ниту, пак, имало кој да ми каже дека постои. Откако ги побарав на Фејсбук видов дека секоја објава е само на албански јазик, јазик што јас сѐ уште (за жал) не го владеам доволно добро. 


Друга, па можеби и единствена иницијатива за која знам дека постојано и активно прави нешто во и за градот е „Социјално културниот простор – Спејс Тетово“ (Social Cultural Space Tetovo). Јас го пишувам „Спејс Тетово“, а по некои медиуми гледам дека е назначено како „Спејс Тетова“. Додека употребата на TetovA наместо Tetovo/Tetovё индицира на подлабоки културолошко-лингвистички дистинкции (врзани се разбира и со политичкото), сакам да ти посочам дека нема кирилично/македонско име за овој социјално-културен простор што треба да промовира прифаќање. Имено, Центарот првпат почна да работи кратко пред короната и на него деноноќно работеа волонтери со финансиска поддршка од европска фондација за заживување напуштени простори. Тоа беше првата локација – поранешно Радио Тетово. Откако актуелниот градоначалник ги избрка од таму, тие се преселија на друга локација.


И во двата „Спејса“, секогаш сум се чувствувала добредојдено и пријатно изненадена што млади луѓе сакаат да обезбедат сигурен и креативен простор за други млади луѓе, нагласувајќи го неопходниот соживот во Тетово. Но, реалноста е таква што речиси и да не познавам друг што бил таму, уште помалку некој што одржал настан на македонски јазик. Можам со сигурност да кажам дека сѐ што направиле е за пофалба: Скејт-паркот спроти автобуската станица, средувањето на Радио Тетово и многу попатни настани кои сведочат за упорноста да се задржи концептот, со промена на дури три локации на различни страни во градот. Сепак, не можам а да не го отворам прашањето: какво е тоа прифаќање кога настаните ги објавуваат само на албански јазик, исклучувајќи ги, притоа, сите други етнички заедници кои живеат во градот, а пред сѐ одбегнувајќи обраќање на официјалниот јазик на државата?


На третата локација – таму каде што летово беше Грета Тунберг – уште не сум била, само ѕирнав кога го дотеруваа местото, се наоѓа во стара печатница. Секако дека сакам да отидам. Но, уште повеќе, Калина, би сакала да дојде и некој друг со мене и притоа да не мора да се убедуваме зошто да оди на настан за чие инфо на Фејсбук треба да притиснеме „See Translation“ и да го одбегнеме „Rate this translation“ затоа што не знаеме да го оцениме преводот. Се разбира, најмногу би сакала да направиме настан таму или на некое друго место, надвор од главниот град.


Тоа е можеби единствениот начин на кој ми текнува да се избориме со исклучувањето кое сигурно е плод на многу подлабоки прашања, денес веќе вкоренети во културолошкиот код според кој луѓето меѓусебно се сметаат за Другиот. Тешко е, но не треба да биде невозможно. Којзнае, можеби после ова ќе видиме објава за културен настан во Тетово и на македонски јазик. Или ќе се намножат националистички хејт-коментар. Или ова ќе помине незабележано. Ништо од тоа не е важно. Важно е да почнеме да зборуваме за ова и да престанеме да го третираме како забранета тема, затоа што е битна општествена компонента што ја гради културата на нашите генерации.

Мапата на културни простори во Скопје што ја направивте со Хана ни покажа дека градов нуди многу и мнооогу повеќе отколку кој било друг град. Но, тоа секако не значи дека другите градови не заслужуваат ваква мапа или помалку внимание, па дури и во нашиве писма. Не можам да тврдам ништо во ничие име, но знам дека сите „провинцијалки“ и „провинцијалци“ кои сме го избрале или не сме го избрале Скопје за свој дом, ѝ се радуваме на мапата и потајно посакуваме истото да (ни) се случи и во родниот град. Затоа, јас ќе ги охрабрам сите нив, да почнеме да размислуваме што може да направиме или како да се приклучиме кон унапредување на културата на градот кој (не) сме го напуштиле.


Освен што посакувам свирка во Топанско, ме скокотка идејата да направиме нешто во Тетово. Уште повеќе, се радувам на помислата твојот впечаток да не биде како мојот и да ми речеш: „Ангела, јас не знам за каква култура на исклучување ми збореше!“ А јас да ти кажам дека го скршивме ланецот. Макар на еден ден.


  (Сѐ уште) Имам надеж, Калина,      

Знам дека имаш и ти.До следниот пат!

Со љубов, А


Comments


bottom of page