Го зборевме ова? :: We are tired of injustice, indeed
- Ангела Бошкоска

- 2 days ago
- 6 min read
Драга моја Калина,
Растејќи во град без кино, одењето на кино во Скопје навистина беше дешавка во мојот тинејџерски живот. Тогаш не зборувавме кого сме виделе таму (и не знаевме кој е кој), не одевме на филмски фестивали, туку зборувавме за тоа колку била голема кино-салата, дека била полна со црвени столчиња, за пуканките во голема цилиндрична кутија. Потоа, дома ме прашуваа и за филмот, што сме гледале, како ми се допаднал, што мислам за содржината. Затоа, од детството, секогаш ќе го паметам „Megamind“, а од подоцнежните години „Now You See Me“ двојката. Дома, во Тетово, моите се навраќаа на спомените од кино „Братство“ и кино „19. Ноември“, кои редовно ги посетувале со друштво или на дејт и ги гледале барем најновите југословенски филмови. Овие локации денес се апстрактни точки според кои се ориентираат генерациите родени ’70 и ’80, а во мојата глава се слики што не можат да се оформат докрај.
Уште кога го гледав „Megamind“ не ми беше јасно како во Тетово нема кино што сега е постојано отворено, а кога мајка ми била млада имало?! Потоа, одвреме-навреме, се појавуваа некои проекции во просториите на невладината „Лоја“ и, се разбира, кратките филмови во 3D и 7D во моловите. Со друштвото, жедни за гледање филм заедно, а да не е во нечија детска соба, се нацртувавме каде и да слушневме дека ќе има проекција. Од тие денови се сеќавам и на студот во „Лоја“ додека, интересно го гледавме токму „Frozen“ :) и на стресот да отидам во тоалет кога го гледавме „Пипи долгиот чорап“. (Требаше да поминам низ тесни ходници полни ѓубре и мочка лоцирани позади градскиот трговски центар. Но, секоја чест на дечките од „Лоја“ и учителките за тоа што се трудеа колку-толку да направат нешто. Сами.)
Како што растев сѐ повеќе ме фасцинираа приказните за дискотеките на Попова Шапка. Порано, ги слушав половично; бев убедена дека секоја младост е уникатна и дека секоја ја доживува на најдобриот можен начин. Но, пред некој ден кога шетавме горе и гледав во тезгите ситници за скијање и опрема што се изнајмува пред хотелот „Попова Шапка“ мајка ми рече: „Овде некогаш беше најактуелното диско“, приказната ме затекна неподготвена. Почнав да ја прашувам, а кога слеговме и татко ми почна да ми раскажува и приказните се сумираат некако вака: Од почеток на скијачка сезона до крај (отприлика од декември до март) секој викенд градот се празни и главните дешавки се горе на планината. Едно време активно работеле две дискотеки. Преку ден се скија, се дише чист воздух, се шета на планина, а навечер се забавува. Во вистински диско-клубови. Музиката се движела од пеачи како Дорис Драговиќ до алтернативни бендови од Скопје и музичка селекација на најактуелните рок (да не заборавиме дека ова е во ’80 и рани ‘90ти) и поп-хитови. Можеш да го замислиш квалитетот на ноќниот, културен, па и викенд-живот? И да не било тоа толку слатко како што звучи откако го спакував во зборови, сепак, фактот што Попова Шапка била скијачки центар преку ден со богат ноќен живот навечер – дружење што често продолжувало по викендици и хотелски соби – ѝ предничи на сегашната состојба во која се наоѓа центарот на Скопје. Не знам дали овде можеме вината да ја ставаме на институциите, мислам дека улога играат повеќе фактори. Но, она што ме провоцира е вистината дека млади луѓе, како нас сега, се собирале на скијање, дружење и забава на планина без да се договараат преку интеренет и без тоа да го објават на Инстаграм story. И, тоа не биле мал круг луѓе, одделна група или заедница. Не биле алтернативци, ниту шминкери. Биле сите, или повеќето. Културата на вакво викендашење масовно се градела на овој начин и низ нејзините кулиси минале генерации. Сакаш–нејќеш ќе слушнеш малку југословенски треш, малку скопски грув, но ќе бидеш таму.
Деновиве, Калина, често се наоѓам во кругови во кои зборуваме за генерацијата Зет и оправаме кои се добри, кои лоши карактеристки. Добрите, секако ги припишуваме на bubble-от, но и таа илузија се крши кога некој ќе ги наведе студентските протести во Србија и протестите во Непал. Лошите пак на растечката глобална десна идеологија и политика. Некогаш настрануваме со идеите дека левицата сама себе се уништува и дека корпоративниот и невладин феминизам постигнал контраефект. Но, тргајќи го сето ова настрана, зарем повеќе не знаеме да се забавуваме или, како што велиш, да разговараме за чувствата од она што сме го гледале, читале и слушале? Колку и да носталгичарам за приказните што ги немам доживеано, не сум докрај убедена дека тогаш (порано) сѐ им било овозможено за на младите да остане само уживањето. Но веројатно се снаоѓале. Како се снаоѓаме ние сега?
Шапка е претворена во зона на обележување територии. Од едната страна е црквата и впечатливиот 15-метарски крст, а од другата, џамијата што како објект сѐ повеќе се проширува криејќи ги викендиците од првиот ред. И како во таква клима некој да размислува за дискотека, музика и дружење што ќе нѐ спои?
Викендов бев во Тетово и кога им кажав дома дека во сабота ќе тркнам до Скопје на концерт и ќе се вратам, тоа создаде премолчена тензија. Не можеа да ми кажат не оди, а јас немав што да додадам. На сите сѐ ни беше јасно. Бев на промоцијата на новиот албум на еден од најактивните (ако не и најактивниот!) реге бендови во Македонија, „Conquering Lion“. Звучеа одлично, и албумот е одличен (иако мене омилен ми останува „Revolution Time“). Но она што особено ме исполни беше атмосферата. Луѓето, верувала или не, беа дојдени да танцуваат и пеат. Некои од нив сигурно им одат на секој концерт. За сите присутни, од артистите до другите во публика, може да речам еден збор: истрајност, а потоа — градење култура. Реге-културата во македонскиот контекст се чини отсекогаш била и ќе биде маргинализирана. Дури и кога се случува(ше!) легендарниот Bob Marley Day, настан што вистински го полнеше скопскиот Градски парк, луѓето повеќе го посетуваа за да бидат таму отколку поради артистите и самата реге музика. Што, се разбира, во никој случај не е лошо. Сакам да кажам дека истрајноста на „Conquering Lion“ во оваа клима, викендов ја доживеав како нешто за кое можам да се потпирам кога се чувствувам безнадежно за она што се трудиме да го правиме. И сама знаеш колку труд, љубов, волја и упорност е потребно за да направиш нешто што ќе никне на неплодна почва. Па дури и кога трудот ти е повеќе препознаен надвор, оваа заедница љубители на регето го ценат она што го прават, и за тоа, фала им!
Додека слушав како со оние пред, зад и до мене ги пееме стиховите од „Injustice“ и мислев да, „We are tired of injustice“, но чувствував дека во колективното пеење и препознавање на овој стих се генерира отпор кон она што е поголемо од нас. Пркос кон она што нѐ попречува да твориме и да уживаме во тоа – културата да е (и) нашата забава. Слично катарзично чувство имав на отворањето на новата „Буква“. Калиниć, wow!!.. Се радувам што ќе дојдеш и ќе го почувствуваш тоа… За настанот „Градот чита“ на кој не стигнав да отидам, читнав осврт од писателката Нина Шуловиќ Цветковска. Во него, Калина, меѓудругото таа пишува и за овие наши другари – поет(ес)и, па вели:
„...имаа впечатливи настапи во кои покажаа една нова уметничка, активистичка, бунтовна, свесна и ангажирана сила која твори некаде на маргините на ова општество и создава богата алтернативната сцена“.
И, додека го слушав концертот на Лајонси мислев на ова конкретно: некој, таму некаде, на маргините на ова општество создава култура. Таа култура е кул, но, можеби, да ти одговорам и тебе и себе – ќе биде единствениот начин за снаоѓање во ова време во кое се затекнуваме како млади (и како возрасни!). Еден ден, можеби ќе прерасне во култура што не е само кул. Не ти спомнав, но сигурно знаеш дека овој реге-бенд е од Тетово.
Пред да се одјавам ќе ти напишам уште за ова. Деновиве го читав Музил и од она скромно познавање што го имам за него сега, секси ми е неговата идеја за растечкиот морал на новиот човек кој сугерира да не се остане на една писта во животот. Односно, да не се остане на една позиција, било таа да е маргина, аура на алтернативата, комерцијална уметност или дистанца. Тоа ги отвора вратите на перцепцијата уште пошироко и уште повеќе ме збунува, но пријатно ми е да знам дека постои како идеја и начин на размислување. Ти го препорачувам. Ако не книгата, тогаш барем филмот правен по неговиот роман „Поматувањата на воспитаникот Терлес“. Филмот се вика „Young Törless“ во режија на Фолкер Шлундорф (Volker Schlöndorff).
Мене ми претстои шестиот дел од Декалогот, и за гледање и за читање :) И, секако, промоција на стихозбирката „На Балкан, сам!“ и концерт на „Дивоградба“... во новата „Буква“!
Многу љубов од Скопје,
А.





Comments