Го зборевме ова? :: Копнеам по култура што не е само кул
- Калина Качоровска

- Mar 18
- 7 min read
Updated: Mar 19
Драга моја Ангела,
Денес решив да не ти пишувам за протестирање, за борење, за (не)правда. Ти пишувам еден ден по годишнината на пожарот во „Пулс“. Твоето последното писмо го завршуваш со надеж дека ќе се излезе на улица и ќе се искаже емпатија за најтажниот ден на нашата генерација. Освен комеморацијата во Кочани и собирите во Штип, Тетово и Куманово, не слушнав за ниедно друго одбележување на овој ден. Во Скопје, главниот град на државата, немаше ништо. Ултрамаратонот на 63 километри што требаше да се одржи на рутата Свети Николе - Штип - Облешево - Кочани во чест на загинатите, исто така не се одржа, затоа што полицијата не издала дозвола. И така, на ваков оскуден начин се одбележа една година од најголемата трагедија во Македонија, што е, впрочем, и соодветно на сѐ она што се случуваше во последните 12 месеца – ништо конкретно, проформа акција. Но, со цел да не се повторувам себеси од претходното писмо, тука ќе застанам.
Денес ќе ти раскажувам за нешто многу поинакво. Ќе ти раскажувам за една од моите први љубови – филмот. Кога бев во основно и средно, бев голема филмофилка. На многу мала возраст изгледав голем дел од култните светски, холивудски, европски, па дури и македонски филмови. Секоја година ги гледав сите филмови номинирани за Оскар и на секое доделување на наградите останував будна цела ноќ. За тие што памтат, ја водев и рубриката за филм на Култура Бета! Еее, како да било пред сто години! Со текот на годините, како што станував повозрасна, почнав со студии, обврски, пишување, работи, престанав да гледам филмови. Не целосно, но престанав да бидам посветена на филмот и како хоби, и како уметност. Но, во последниве неколку месеца, а особено во месецот откако сум вратена во Варшава, првпат после години гледам толку многу филмови, одам толку многу на кино и чувствувам толку голема возбуда. Па така, сакам да ти зборувам за тоа како филмот и киното, а со тоа и уметноста и културата, се третирани во Полска и во странство во споредба со Македонија.
Вратена сум во Варшава веќе четири недели, и во текот на тие четири недели, еве, избројав, бев на кино седум пати. Не памтам кога последно сум изгледала седум филма месечно, веројатно во моите филмофилски денови во средно, а не, пак, седум пати да отидам на кино. Секој од тие седум пати беше сосема различно искуство, не само затоа што станува збор за различни кина и различни филмови, туку различни филмски програми и настани. На пример, покрај тоа што бев на два филма номинирани на овогодинешните Оскари, бев и на нов полски филм, на „Опседнати“ од Жулавски, во рамки на неговата ретроспектива низ неколку варшавски кина, на италијанска сатира во Музејот на современа уметност, каде секоја среда во февруари имаше програма посветена на италијанскa политичкa кинематографија, на проекција на два дела од „Декалог“ на Кјешловски (од кој исто така прикажуваа по два дела секоја сабота), како и на „Без друг избор“ од корејскиот режисер Парк Чан-ук.
На секоја од овие проекции, кино салите беа преполни! Првиот шок ми беше кога бев на италијанскиот филм, после кој следуваше дискусија. Замисли, не зборуваме за некој култен филм, туку за прилично андерграунд филм од 1970, проекција во среда вечер, не во кино, туку во музеј, а во публика немаше ниедно празно место! Иако помалку, сепак ме изненади и гужвата за „Декалог“, кој иако е култен филм од култен домашен режисер, не мислев дека ќе донесе толку многу луѓе, токму поради таа причина, затоа што мислев дека сите го имаат гледано. Тоа е веројатно така, но тоа не спречи 238 луѓе (колку што е голема салата во Кино „Муранов“) да дојдат на филм. Имаше луѓе од буквално сите генерации, почнувајќи од оние кои биле доволно возрасни да ги гледаат сите десет филма од „Декалог“ кога првпат излегле во 1988, сѐ до млади, средношколци, кои многу веројатно го гледаат ова ремек-дело на полската кинематографија првпат.
Гужвата за корејскиот филм „Без друг избор“ не ме зачуди толку многу, со оглед на тоа колкава промоција има за филмот. Во секое метро и секој автобус се вртат реклами за овој филм, додека пред „Кинотека“, киното кое се наоѓа во најпознатата зграда во Варшава, симболот на градот, Палатата на културата и науката, висат два големи постери кои го промовираат најновото дело на Парк Чан-ук. И да, Парк е големо име, но сепак, замисли, не зборуваме за холивудски, ниту пак за полски, туку за корејски филм што го критикува капитализмот! Секако, како што очекував, „Без друг избор“ не се прикажува во ниедно кино во Македонија, ниту пак е најавена идна проекција.
Ваквата промоција на странски, не-холивудски филм во Полска ме натера да мислам на тоа како се третира одењето во кино кај нас. Нема потреба да зборувам за срамниот број на кина на ниво на главен град и држава, ниту за квалитетот на репертоарот во малкуте сали кои ги имаме. Покрај Кинотека, која редовно нуди програма без блокбастери (кои се едниственото нешто што се прикажува во кината во рамки на шопинг моловите), морам да го пофалам тимот на „Котур“, каде покрај фестивалот „Ѕирни“, редовно се одржуваат филмски проекции не само на поголеми македонски филмови, туку и на помали, краткометражни, студентски, независни и младински филмови. Единственото градско кино, киното „Милениум“, е веќе долго време нефункционално, со што градот го изгуби единственото некомерцијално и јавно кино покрај кинотеката.
На што се сведува одењето на филм кај нас? Има две опции. Едната е одење на кино во претходноспоментатите молови, каде, како што кажав, се прикажуваат (најчесто) само блокбастери. Другата е одење на кино само кога ќе излезе некоја македонска продукција, како на пример „Приказната за Силјан“ и „Диџеј Ахмет“, или кога ќе има некој фестивал. Тоа е единствениот пат кога одење на кино се гледа како „културен настан“ или „градење на култура“. Секако, сметам дека апслутно не само што треба, туку мора да се поддржуваат македонските филмови и македонските фестивали, но посетување на кино само во тие случаи е симптом на еден поширок проблем на македонската култура и уметност.
Имено, поради фактот што културно-уметничките кругови се мали и тесни, посетувањето на настани често станува одговорност, другарска/општествена/граѓанска должност. Па така, доаѓаме до една многу интересна ситуација, во која сметам дека моментално се наоѓа македонската уметност. Зборуваме за сцената, настаните, програмата, заедницата. Зборуваме за апстрактни поими. Зборуваме за тоа што одреден филм, албум, книга или слика значи за нашата култура, држава, општество, а не зборуваме за содржината на истиот тој филм, албум, книга или слика, не зборуваме за чувствата кои тие ни ги будат. Еве, кога сме веќе кај филмови, ќе го спомнам фестивалот за документарен филм „Македокс“. За мене ова е несомнено најдобриот филмски фестивал во државата, мој омилен. Но, кога последен пат си чула некој да зборува за филм што го гледале на „Македокс“? Колку често ти се случило да дојдеш до чаршија и да седиш со пијачка во рака на скалите пред Куршумли ан, без воопшто да влезеш да гледаш филм, затоа што секако сите седат надвор, и затоа што секако се подразбира дека не одиш таму како филмофил, туку за да го видиш цел град дотеран и поднапиен. Истото може да се каже и за кој било друг тип настан или уметност. Ете, кога последен пат си била на свирка за да го слушнеш бендот, а не за да ги поддржиш другарите кои ја организираат? Колку често после таа свирка зборуваш за самата музика која била свирена, наместо за тоа колку е убаво и кул што нашата алтернативна сцена се развива?
Да се навратам на Полска и на кината. Споменав дека меѓудругото, реклами за „Без друг избор“ има и во метро. Ова ми беше едно од најголемите изненадувања кога се преселив во Полска. Во јавен превоз, во метро, трамвај, автобус, воз, каде што се возат сите граѓани, од сите општествени слоеви и од сите генерации, најголемиот дел од рекламите се за културни настани! Секако дека рекламите сами по себе се капиталистичка и консумеристичка измислица, и секако дека не сите работи што се рекламираат се квалитетни, но сама не можам да избројам за колку убави настани сум дознала на метро-станица. На пример, пред неколку недели, на Swietokrzyska, станицата каде се спојуваат двете метро линии, одеше реклама за недела на ирански филм, организирана, меѓудругото, од моја познаничка и врсничка.
Оттука, сакам да се осврнам и на тоа зошто е важно да се оди на кино и да се гледаат филмови од различни земји, различни епохи и различни стилови, не само од културен, туку и од општествен аспект. Ете, во февруари имаше ретроспектива на ирански филмови (рекламирана во јавен транспорт!), додека во кино редовно игра филмот „Тоа беше само несреќа“ од иранскиот режисер Џафар Панахи, кој е осуден од тамошниот режим и не може безбедно да се врати во својата родна земја. Кога две недели подоцна Иран беше нападнат од САД и Израел, доколу сте биле во кино на филмот на Панахи или на некоја од проекциите од ретроспективата, шансите да го разберете политичкиот контекст во кој се случува нападот се многу повисоки. Слично на ова, кога премиерата на еден корејски филм се доживува како ваков спектакл, секако дека разбирањето и толеранцијата за туѓите, во случајов азиските, култури ќе бидат многу подлабоки. Исто како што кога редовно се случуваат ретроспективи на полски режисери како Кјешловски и Жулавски, не само што се развива поголема почит кон своето културно наследство, туку и подобро се разбира својата историја (како на пример комунистичката историја на Полска). Па така, кога во јавен транспорт се рекламираат изложби и фестивали, наместо казина и обложувалници, не е чудно што просечниот Полјак е далеку пообразован и поинформиран од просечниот Македонец.
Иако секако дека полските кина за кои ти зборувам не се дел од ланец на кина во некои шопинг молови, сепак не зборувам за мали, алтернативни кина. Зборувам за кина со големи сали, со долгогодишна традиција и со голема и сериозна финансиска поддршка од државата и државните институции. Значи, не зборуваме за независни културни простори. Но, сепак, зборуваме за кина со програми како ретроспектива на ирански филм или ретроспектива на италијанска политичка кинематографија, антикапиталистички, антивоени филмови, филмови кои јасно и гласно ја критикуваат, меѓудругото, полската власт. Државата вложува во својата култура, затоа што со тоа вложува во својот народ, народ кој, како што напоменав во претходниот параграф, е образован, информиран и љубопитен за својата држава, како и за светот.
Го сакам животот во Полска, затоа што во кој било вторник или среда можам да отидам на голема (и квалитетна!) претстава во државниот народен театар во сала со 500 седишта, а потоа да продолжам на свирка на белоруски панк бенд во сквот кој собира 15 души. Го сакам животот тука затоа што после двата настана ќе зборувам за содржината на тоа што сум го гледала и слушала, а не за тоа кого сум видела на настанот.
Копнеам по македонска култура што не е само кул, по култура која не мора да постои само во независни и алтернативни простори за да биде квалитетна. Копнеам по тоа да зборувам за суштината на македонската уметност, а не само за нејзиното значење.
Со љубов,
Калина





Comments