кон филмот „Слобода“ на Златко Ѓелески
Златко Ѓелески е филмски, музички и книжевен критичар. Познат е по своите емисии на Канал 103 каде што прави анализи, дава суштински критики, забелешки, коментари на актуелни, главно филмски, но и музички и книжевни остварувања во Македонија, но и низ светот. Тој е автор на три збирки раскази, на две збирки филмски критики: „Видеологија“ (ПНВ Публикации, 2021) и „Видеологија 2“ (ПНВ Публикации, 2023) и на една збирка интервјуа со македонски режисери „Мастерклас“ (ПНВ Публикации, 2022). Неговите збирки со филмски критики можеби се и едни од ретките на нашата филмска сцена особено кога би зборувале за издржана критика, критика која реално советува и помага на филмската сцена, особено на онаа младата и критика која е детална, зборува за сите сегменти за речиси сите македонски филмови пуштени во етер за една година.
Но, Златко Ѓелески во својата биографија има и три краткометражни филмови: „Од другата страна“, „Мемоари“ и најновиот „Слобода“. Па тука, веднаш ми се поставува прашањето какво е влијанието на филмскиот критичар Ѓелески врз режисерот Ѓелески и дали тоа можат да бидат две личности кога се работи на авторски филм.
Премиерата на филмот „Слобода“ на Ѓелески се случи на 12 октомври 2023 година во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар пред полна сала публика, со многу млади ликови во публика меѓу кои беа и повеќемина млади режисери (што лично ме радува бидејќи сметам дека тоа укажува на тоа дека Ѓелески е почитуван како филмски режисер, но и критичар; а тоа беше случај и на промоцијата на „Видеологија 2“ иако на поголем дел од нивните филмови им има напишано нешто што би го сметале за негативна критика или во најмала рака критика која не е пофално настроена). Филмот жанровски може да се смести како трилер-филм, иако очекував да биде жанровски хорор поради настојувањето на Ѓелески за хоророт како квалитетен жанр (нешто што е случај во неговите збирки раскази што главно се хорор ориентирани). Целиот филм е one-take филм односно од почеток до крај дејството се одвива без прекинување на снимањето што можеби беше проблематично поради немногу вештите транзиции од кадар во кадар коишто беа задлабочување во некој од ѕидовите на кафулето каде беше сместено целото дејство и потоа zoom out за да се премине на некое следно дејство во кафулето.
Целото дејство се случува во кафулето „Слобода“ сместено во некоја од улиците на градот Кичево во кое на неколку различни маси или на шанк седат десетина ликови кои влегуваат и излегуваат од кафулето, а во текот на филмот има фокус на секоја од масите и на сите ликови. Во филмот како актери се појавуваат Михајло Петревски, Ристе Ѓорѓиевски, Станко Стевановиќ, Тамара Ристоска, Весна Гаврилоска, Ивица Димитријевиќ, Игор Бошкоски, Дарко Мече Костески, Андреј Дукоски, Тале Никодиновски, Ренато Јеремоски и Марија Петреска од кои само Ристоска и Димитријевиќ се професионални актери, а останатите некои вешти, некои помалку вешти аматерски актери што на моменти беше приметливо, но до некаде оправдано доколку причината била нискиот буџет. Главните случувања во „Слобода“ се поставени во дијалозите на ликови и тоа со фокус на три дијалози: 1. дијалогот на првата маса меѓу три локални џаболебари кои трошат пари на пиење, дрога и обложувалници и чиј главен муабет се врти околу расправање за пари, лоши шеги за жени и муабети кои не се многу полни со суштина; 2. муабетот помеѓу две другарки на шанкот кои се жалат за својот живот и за неуспешноста на нивните љубовни животи што завршува со еден непотребен обид за бакнеж на крајот од муабетот и 3. случувањето на третата маса кога доаѓаат двајца локални криминалци и носат пиштол за продажба (изгледа Чеховски – кога пиштол ќе се појави на сцена, мора да пукне).
Овие три дијалози, што не се единствените, но ги издвојувам како поважни, на моменти со голема смисла токму во бесмисленоста на говореното, но на моменти целосно збунувачки и нејасни што е зачудувачки за Ѓелески за кого сметам дека е квалитетен автор. Имено, на моменти дијалозите толку се расплинуваа што како гледач посакував да завршат што е можно побрзо бидејќи ја губеа својата смисла и причина зошто се случуваат. Иако дијалозите беа олицетворение на тие џаболебари, локални осамени девојки и локални криминалци и факт е дека беа критика на нивното бемислено живеење, но сепак иронизирањето на нивните дијалози на моменти беше преголемо и звучеше премногу празно и нереално што пречеше во самиот филм. Уште еден сличен момент на овој е однесувањето на сопственикот на кафулето кон неговиот вработен кои вртеа една иста реплика околу бркање од работа неколку пати низ филмот.
Пиштолот. Во пиштолот и неговото патување од рацете на криминалците кон рацете на еден од гостите во локалот до рацете на вработениот во кафулето беше добро изведено. Пиштолот случајно завршува во рацете на келнерот кој на крајот од филмот го подигна пиштолот, а истрелот само се слуша. На црна позадина. И добро е што е така оти ќе беше уште побанално доколку некој од гостите беше убиен или, пак, доколку келнерот се самоубиеше што би било самоубиство за филмот. И токму во тој истрел се криеше главната поента. Имено, по него се промени сцената и камерата беше пред кафулето „Слобода“ на чиј знак се качија двајца и допишаа „или смрт“. Иако пораката е многупати видена на разни места во различни контексти, тука ја имаше својата функција и тоа добро изведена. Имено, општествена критика беше длабоко врежана во тој натпис „или смрт“ што заедно со името на кафулето испишано на знакот ја формираа паролата „Слобода или смрт“.
Но каде е критичарот Ѓелески во филмот? Ѓелески како критичар знае да биде многу критички настроен кон филмските дела. Во двете „Видеологии“ на Ѓелески можеме да прочитаме сериозни забелешки кон филмовите од домашната продукција. Па, прашањето е како критичарот, па и писателот Ѓелески не оставил да забележи некои од посочените послаби страни на неговиот нов филм „Слобода“. Зошто не се стегнати дијалозите до крај како што знаел Ѓелески да стегне во „Понор“ или во „Морбидизам“, зошто режисерот дозволил ликовите, кога веќе се играни од аматери, да не се поприродни и ослободени како што можат да бидат локалци во локален локал, зошто не е повеќе внимавано на она што треба да донесе до таква силна поента која овој филм ја има?
Слободата мора да е слободна и никако не смее да „подзаспива“ или „подзакочува“. Слободата мора да дојде од некаков стегнат след на настаните во спротивно се добива слобода која би донела хаос. Нешто, што за среќа не дошло во овој филм, бидејќи, сепак, Ѓелески со своето и гледачко и критичко искуство не влегува наивно во процесот на снимање на овој филм. Но, сепак, дејството наместа клизнува, но не се истркалува надвор од трасата предвидена од самиот почеток. Можеби со подобра транзиција или со тргнување на страна на идејата да биде one take сниман и со малку постегнати дијалози, филмот „Слобода“ ќе ја донесеше слободата без никаква пречка, особено со ваква силна суштина откриена на крајот.
コメント