top of page
  • Writer's pictureКултура β

Конкурс за филмска рецензија: Brokeback Mountain (2005) - филм кој заслужува извинување

Пишува: Гаја Смилевска


За млади луѓе кои припаѓале на ЛГБТИ+ заедницата и имале стотина денари за кино билет в џеб, Brokeback Mountain (Планина Броукбек) била првата шанса да се видат себеси во главен лик во холивудска продукција и воедно да се соочат со реакцијата на пошироката публика кон луѓе како нив.



Во Декември 2005та, по долги години седење како недопрено сценарио, Brokeback Mountain излезе од трезорот на холивуд и ѝ предаде на публиката една поинаква љубовна драма. Приказна што за некои беше долго и нетрпеливо чекана, а за други беше навреда кон филмската уметност и пристојност.

Земајќи го ова предвид, тешко е да се дискутира за филмот без да се земе предвид културната атмосфера во времето од кое е излезено. За секоја генерација се потребни проекти – филмови, музика или книги кои ја буткаат границата на толеранција на публиката.


За директор Анг Ли, создавањето на Brokeback Mountain бил голем зафат, не само од естетски туку и од културен аспект. Од мали нозе луѓе се приврзуваат за културни икони кои, благодарение на водите на историјата, се измазнети од било какви груби ќошеви и непријатни реалности. Фолклорот на американскиот див запад и иконите кои се пропагирани сѐ до ден денес (ликови кои најчесто се сосема отсранети од нивниот суштински историски контекст, за тоа може да кажеме едно големо благодарам до Џон Вејн) се толку длабоко врежани во западниот социо-културен платонски идеал за маж- дебелокожец кој гледа само за себе и е добро запознаен со бруталноста која го чека зад секој ќош.


Во двата часа и десетте минути во кои трае овој филм, следиме двајца мажи кои се сѐ освен тоа. Стереотипните каубојци не се препознаваат во нашите гланви ликови – Џек Твист (Џејк Џиленхол) и Енис Делмар (Хит Леџер). Џек е човек кој со кротко нетрпение бара човечка врска во осамениот свет, а Енис е човек кој е толку потиснат што публиката добива чувство дека се има затворено сам во себе и заборавил каде го оставил клучот. Бруталноста која проникнува помеѓу двајцата на моменти е токму тоа – моментален испад кој е резултат на социјализацијата на ликовите, а не рефлексија на нивните карактери. Оставени на само, помеѓу нив и тивката планината добиваме продлабочен поглед кон нив, околностите кои ги довеле и двајцата до овој момент и незаситените чувства кои ги извлекуваат еден од друг. Благодарение на деновите изминати заедно, нивните кратки животи се испреплетуваат и ги оставаат трагајќи по слободата за која нема место во нивните традиционални животи. За жал, сѐ што се случува на Броукбек не останува на Броукбек.


Од (не)разбирливи причини, овој наратив има оставено специфична деморафија на луѓе тресејќи се во нивните (каубојски) чизми.


Да се каже дека перформансите на главните ликови се фантастични би било потценување. Џејк Џиленхол внесува тип на умерена милина во ликот на Џек што физички се чувствува во секоја негова сцена. Совршено е во контраст со изведбата на Хит Леџер како Енис, човек кој е толку исклучен од себеси и сопственото тело што се движи како постојано да има јаже свиено околу него. Симбиотската врска што ја имаат двајцата на екранот го остава гледачот длабоко допрен (и за малку ќе го оставел Џејк Џиленхал со скршен нос по особено страствен бакнеж).


За опис на визуелниот јазик на Brokeback Mountain коректниот збор за употреба е долго. Долги кадри, долги моменти полни со тензија или пак полни со ништо преважно. Светот кој е изграден во овој филм е спор и простран, со пасторални пејсажи кои го тераат гледачот да си помисли дека режисерот открил начин да се врати во 18ти век и да му подаде камера на Каспар Давид Фридрих.


Ништо не брза во овој филм – телефоните ѕвонат долго, колите се бавни, луѓето се движат бавно, и писмата бавно си пристигнуваат во поштенските сандаци (писма кои прво го придвижуваат дејството со добри вести, па подоцна го најавува почетокот на крајот со лоши). Оставени сме со впечаток дека ликовите живеат во свет кој тешко движи. Работите си остануваат како што од секогаш биле и обидот да се изгради нешто кое штрчи од нормата има тешки последици.


Крајот на самиот филм не е ништо неочекувано. Со причина постои клише за секој ЛГБТ+ филм и неговиот исход- некој мора да умре. Иако има светови разлика од 1968ма и 2005та година, Хејс кодексот на Холивуд сеуште има рака во наративната структура на овие филмови.


Brokeback Mountain е класична трагедија. Трагедија што и двата ликови ја гледаат додека истата споро ползи кон нив. Трагедијата на губење на саканиот не е само во фактот што е загубен човек, туку и во фактот што со загинатиот умира и верзијата од тебе што само таа личност може да ја разбуди. Со смртта на Џек засекогаш е загубен и младиот Енис кој до крајот на неговиот живот ќе биде заглавен на Броукбек планината.





317 views
bottom of page