Пишува: Кирил Паковски
Наслов на филмот: Чисто место (A Pure Place)
Режисер: Никиас Хрисос
Година: 2021
Држава: Германија
Визуелно маестрално и оригинално дело во кои се испреплетени фашизмот, капитализмот, тоталитаризмот и детското созревање и кое на крајот се распаѓа под товарот кој се обидува да го подигне.
Една од првите секвенци во филмот се состои од две парталави деца на ледина кои брзаат да стигнат до местото на кое живеат. Дознаваме дека се брат и сестра кои се дел од затворена комуна составена од голем број деца на изолиран грчки остров. Комуната е култ предводен од Фуст (средовечен човек) кој се темели околу неговата опсесија со чистота предизвикана од трауматични настани од неговото детство.
Синoпсисот остава голема доза на сомничавост за сериозноста на филмот и тој често пати се наоѓа на една тенка линија помеѓу уверливост во приказната која ја пресликува и можноста да прерасне во пародија на самиот себе. Најдобро може да се забележи преку култот на личност кон Фуст, чија апсурдна грандиозност на моменти наликува на сатира. Со таква грандиозност пристапува и Сем Лувик, актерот кој го глуми Фуст па често е присутна претераност во манеризмите и гестикулациите, но која веројатно е неопходна за да се долови личност што создава фантазија базирана врз неговите несигурности и од неа прави религија во која учествуваат деца кои во реалноста се негови работници за производство на сапуни кои потоа се продаваат надвор од островот. Преку Фуст и хиерархијата на култот се прават паралели со Хитлеровиот нацистичкиот режим како главен мотив во филмот, а кон него се надоврзува и критика кон одредени капиталистички појави. Тоа што го одвојува филмот од останатите е вметнувањето на грчката митологија низ основните мотиви и која му дава една автентична убавина. Митологијата е централна во наративот на култот преку божицата на чистотата, но тоа што го обојува со посебен шарм филмот е визуелната митолошка симболика која во него е сеприсутна. Оваа визуелна еклектика е најсилната страна на филмот, а изборот на кадри, агли и темпо на снимање на секвенците што ги прави режисерот Никиас Хрисос (Германец со грчко потекло) технички, стилски и суштински речиси перфектно се надополнуваат.
Кон темите кои ги опфаќа филмот во последната третина се додава и причината за опседнатоста на Фуст со чистотата. Тој се враќа низ своето минато и преку тие настани дополнително се обработуваат фамилијарните односи, детското созревање и женската сексуалност. Под тежината на огромниот број комплексни теми кои треба да конвергираат до завршетокот на дејствието, филмот на крајот наративно пука и се распаѓа во серија на секвенци.
Визуелно и тематски ова филмско остварување е дело со јасни влијанија од некои модерни европски класици, пред се La Grande Bellezza (одредени секвенци се кадар за кадар идентични) но, кои не одземаат од неговата оригиналност. Уметничкиот израз на филмот е пријатна противтежа на современиот бран неинспиративни филмски франшизи кои го преплавија пазарот и ги истиснаа независните филмови надвор од кино-салите. Тој е исто така противтежа на бранот европски arthouse филмови кои се една модерна верзија на бледите социјално-реални филмови од минатите декади и последно е противтежа на азиските продукции базирани на техничко совршенство позади кое се кријат површно обработени комплексни егзистенцијални теми, а кои ги преземаа приматот и наградите на филмските фестивали.
За крај, имав можност филмот да го гледам во рамките на програмата на ланското издание на Beach Film Festival во Охрид. Амбиентот на летните вечерни проекции на плажата Славија во еден од најубавите предели кај нас само го засилува ефектот и дава едно уникатно и убаво искуство на гледање филм. Тој однос кон просторот, уметноста и културниот живот е вистински пример за тоа како може да биде. Посебно кога урбанистичкиот, емотивниот, интелектуалниот, креативниот и човечкиот простор тука, станува сѐ потесен и потесен.
Comments