top of page

Млада словенечка поезија: „Планови за иднина“ од Вероника Разпотник

  • Writer: Стефан Спасовски
    Стефан Спасовски
  • Jul 29
  • 2 min read

Овој месец, поетската рубрика на платформите на „Култура Бета“ ја посветуваме на новата генерација словенечки поети и поетеси чии песни се поместени во антологијата со песни за војна „Крвав шах“. Во текот на целиот месец јули објавуваме неколкумина од застапените автори и авторки, а препевот од словенечки на македонски јазик го направи Стефан Спасовски.


„Крвав шах: песни за војна од новата генерација словенечки поет(ес)и“ (2026) е антологија во која се застапени словенечки поети и поетеси родени по 1990 година. Книгата е во издание на Словенечкиот ПЕН и Словенечкиот младински ПЕН како дел од одбележувањето на 100 години од Словенечкиот ПЕН. Антологијата е преведена на англиски јазик од Пино Пограјц, кој исто така е и уредник на изданието. Застапени се 39 песни кои ја прикажуваат младата поетска сцена во Словенија, нејзината посебност во однос на тематиката и стилот на пишување, но и силната општетсвена ангажираност.


Продолжуваме со Вероника Разпотник која е поетеса и преведувачка. Таа има завршено магистерски студии по биохемија и француски јазик и досега има објавено две стихозбирки.



Планови за иднина


брат ми на пет години

со денови се криеше под ќебето и плачеше

го прашавме што не е во ред

и тој липајќи рече

дека некогаш ќе умре

тогаш ми се чинеше смешно

сега мојата смеа станува горчина


бев гневно дете

ама не толку гневна како сега

брат ми го удрија со камен по глава

јас добив една по муцка

јас те мавам ти ме удираш

и си бевме квит

светската политка е комплексна

во америка некој пали динамит

се разнесува болница во газа

во иран паѓа бомба

деветгодишната во мене

со разбиен нос ги голта разбеснетите солзи


брат ми сака да поживее убаво

пред путин да фрли бомба

можеби тој го поправил графитот

на некој љубљански ѕид

од путине фрли веќе бомба

во разпутине фрли веќе бомбони


кога ќе го кажеме презимето во странство

секогаш го запишуваат

разпутин или спутник


кога светот ќе се распадне

двајцата ќе бидеме распарчени вселенски бродови

завиткани во целофан


 
 
 

Comments


bottom of page