top of page

Го зборевме ова?: Како против партократијата во која живееме?

Writer: Калина Качоровска
Калина Качоровска
2 hours ago
6 min read

Драга моја Ангела,


Просто не можам да поверувам дека во последното писмо ми пишуваш за протестот против фемициди и дека оваа недела повторно зборуваме за нов случај (обид за) убиство на жена, девојка. Всушност, не е вистина дека не можам да верувам, можам, и тоа како, едноставно не сакам да мислам дека навистина сме држава во која секоја недела, речиси секој ден, има или фемицид, или обид за фемицид. А, сме, и знам дека сме. 


Нема потреба да ти го претставам последниот случај, односно, нападот врз охриѓанката Сара од страна на нејзиниот дечко и манијак, Кристијан Корабоски, но сепак ќе се обидам да го направам тоа накратко.


Значи, Кристијан ја претепал Сара до онесвестување, ѝ го скршил телефонот, ја исфрлил од автомобилот, мислел дека е мртва и барал совет од татко си за да „се ослободи“ од телото, па и нож за да „ја докрајчи“. Веднаш по ова дознавме дека Кристијан бил пуштен на слобода, дека за него не е предвиден притвор и дека добил пријава за „тешка телесна повреда“, а не за обид за убиство, што би било далеку посоодветно во дадениот случај. Обвинителството дополнително побарало мерки за претпазливост. Додека тој бил пуштен, таткото на Сара бил задржан во полиција речиси 24 часа, зашто на семејството на Кристијан испратил порака дека „ќе им вратат“. Многу брзо по овие вести излегуваат информации за идентитетот на Кристијан и на неговото семејство.

 

Неговата мајка, Љубинка Корабоска била член и претседателка на Антикорупциската комисија за време на владеењето на ДПМНЕ, а моментално е раководителка на подружницата во Охрид – АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор. Татко му, Гоце Корабоски, бил инспектор во Пазарен инспекторат, а моментално, според информациите, е раководно лице во УЈП. И двајцата се донатори на ВМРО-ДПМНЕ. 


По овие вести, со секое право, јавноста се крева на нозе против овие предлози, и побара итен притвор за Корабоски. По овие реакции, за брзо време излегува информација дека Кристијан е повторно приведен во полициската станица во Охрид, а брзо потоа и дека ќе оди во притвор. 


Во исто време, и Владата и опозицијата излегоа со изјави за тоа како најстрого го осудуваат насилството, како не смее да се повтори, и како правда мора да има, и ќе има. Значи, партиите, како и секогаш, си го направија своето: изразија сочувство, го осудија насилството и ќе донесат/бараат (во зависност дали се на власт или се во опозиција) правда. 


Поради овие „реакции“ на партиите, но и поради поврзаноста на Корабоски со владејачката партија, размислував многу за тоа како живееме во политички систем во кој партиите се над законот и над Уставот, како ние jа имаме надминато еднопартиската автократија и во суштина живееме во партократија. Во едно вакво уредување, партиската припадност или врска се еден вид имунитет од каква било одговорност. Па така, насилниците можат да бидат (и редовно се) заштитени од полицијата, од обвинителствата, од судовите, често и без разлика која партија е на власт, зашто во еден ваков систем важи правилото „денес јас тебе, утре ти мене“ или „денес ти мене, утре јас тебе“. 


Опасноста на партократијата не е само во неказнивоста туку и во недовербата во јавните и државни институции што доаѓа како резултат на тоа. Со оглед на тоа што овој систем ги претвора административните работници во слуги и должници на власта и партијата, просечниот граѓанин веќе не може да верува во ниеден административен работник, не верува во ниедна институција, и со тоа е убиена онаа основна доверба дека системот ќе те заштити и ќе ти помогне кога ти е тоа најпотребно. 


Но, она што е за мене можеби и најстрашно и најопасно за овој вид на уредување е тоа што во една длабока партократија, граѓанскиот револт и гнев е монополизиран од страна на партиите. Истото го гледаме и сега, по којзнае кој пат. 


Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, штом виде дека народот се дигна на нозе, веднаш штом сфати зошто и како Корабоски беше првично пуштен на слобода (секако, заради неговите партиски врски), со цел да го стиши граѓанскиот гнев, немаше никаков проблем да си жртвува еден свој човек, па брзо го смени мислењето и сепак го стави насилникот зад решетки (барем сега за сега). Вака, можат да кажат дека соодветно си ја вршат работата, дека сѐ е супер, и дека нема причина за бунење (читај: нема причина да се излезе на протест). Истовремено, семејството на Сара повика да се откаже планираниот собир, зашто наводно тие немаат потреба од протест, туку од правда -  како барањето протест да не е барање правда; како првичната „правда“ (заслуженото ставање на Корабоски во притвор) да ќе се случеше без јавниот револт на интернет. Но, имајќи го на ум следново што ќе го кажам, нивната изјава можеби и не е толку чудна. 


Од друга страна на приказната се партиите во опозиција, во случајов СДСМ. Откако тие првично на еден револуционерен и радикален начин најстрого го осудија насилството, Форумот на жени на СДСМ, најави протест пред полицијата и Обвинителството во Охрид, како што потврди претседателот на партијата Венко Филипче. Да, истиот тој Филипче под чија власт и раководство се случи пожарот во модуларната болница во Тетово, сега повикува на протест со цел „да се укаже на (не)постапувањето на институциите, а не да се собираат политички поени“. Што да речам, смешките сами се пишуваат. Со ова, за народот се оцрнуваат уште едни протести и уште еден отпор, само зашто опозицијата не може да издржи, а да не собере по некој поен од секоја трагедија којашто се случува во државата. 


Скоро го гледав поткастот на ИРЛ, веднаш по победата на студентите во Србија, во кој се споредуваат студентските и протестни движења таму со оние во Македонија. Една од гостинките е активистката Анастасија Павловска, која беше дел од „Кој е следен“, движењето што произлезе по убиството на Фросина Кулакова, што меѓудругото ги организираше протестите по Кочани. Таа зборува за тоа како движењето беше нападнато како „партиско“, „соросоидно“, „платеничко“, „извалкано“, „опортунистичко“, дури и „лешинарско“, без да му се даде на шанса воопшто да пркне, а не пак да се рашири. 


Па така, наместо првичниот инстинкт на народот да биде да излезе на улица, да се крене на нозе, да побара правда, реакцијата на барање правда беше скептицизам и цинизам. Токму затоа, во еден момент во интервјуто, Павловска вели: 


Трудот кој го вложивме со ‘Кој е следен’ за да докажуваме дека не сме партиски поврзани да го вложевме во мобилизирање на народот, нашето движење ќе беше многу поуспешно.


Оваа реченица ми остана во глава долго откако го ислушав поткастот, и ми се врти низ мисли особено деновиве, кога мислам на тоа како гневот што го чувствуваме да го канализираме во движење што може да биде поуспешно од сите претходни, зашто заслужува да биде.


Поради сево ова што ти го пишувам, сметам дека не можеме да зборуваме за Македонија како автократија, зашто не е, туку за чиста партократија, систем во кој опозицијата е и тоа како виновна, исто колку и власта, зашто и двете ја создаваат заробената држава во која живее. 


Но, и покрај ова, се радувам што сепак на повидок е ново движење, „Ниту една повеќе“, што го организираше протестот за кој ти пишуваш во претходното писмо. Сепак, за новите протести, што мене ми изгледа дека допрва ќе се случуваат, навистина да бидат успешни, мора се научи токму таа лекција од минатото за која што зборува Павловска. Односно, единствениот начин на кој можеме да му се спротивставиме на системот и на партиите е да престанеме да се браниме и да се докажуваме дека не сме партиски.


Секако дека не сме, и во ниеден случај не смее да се дозволи партиите повторно да киднапираат граѓанско движење. Но, постојаното правдање пред етикетирањето само го исцрпува и кочи движењето. Наместо сиот тој труд, тој напор и таа енергија да бидат трошени на празни објаснувања дека сме чисти, независни, треба да бидат вложени во она што најмногу му треба на движењето што ќе следи - мобилизирање на народот, солидарност и окрупнување. 


Оттука, сметам дека следните чекори треба да бидат поврзани токму со ова: како движењето да стигне до повеќе луѓе, како да го обединиме народот? Некои од одговорите можеби можеме да ги најдеме во Србија, како што пишува Борјан во нашето заедничко писмо, но јас сметам дека клучно за тоа едни протести да бидат успешни е да не копираме тактики и модели што се случиле некаде  на друго место, некогаш претходно, или што сме ги прочитале во текстови од 19. век. Наспроти тоа, мораме да се обидеме длабински да го проучиме контекстот, политичките, општествени, културни и економски околности во кои се наоѓаме, и според тоа да процениме какви модели на протестирање и самоорганизација можат да доведат до мобилизирање и обединување на народот, окрупнување на движењето, а со тоа и, надежно, конечни промени и сериозно спротивставување (а можеби и целосно рушење) на партократијата која секојдневно нѐ убива. Можеби, ете, токму тоа спротивставување на партиите е тоа што треба да нѐ обедини.


Во меѓувреме, јас се враќам привремено во Скопје, па се надевам дека се гледаме на обединет и окрупнет протест!


Со љубов, 

Калина


Comments


bottom of page