top of page

Го зборевме ова?: ЗОШТО И ЛЕВИЧАРИТЕ И ПАТРИОТИТЕ ТРЕБА ДА СЕ РАДУВААТ НА ПОБЕДАТА НА СТУДЕНТИТЕ ВО СРБИЈА

Writer: Калина Качоровска
Калина Качоровска
13 minutes ago
11 min read

Пишуваат: Калина Качоровска и Борјан Гаговски 


Драга наша Ангела,


Повторно ти пишувам од Белград, повеќе од една недела по изборите во Србија, кои го срушија 14-годишното владеење на Вучиќ. За атмосферата на денот и ноќта на изборите веќе пишував репортажа, во која ветив дека следниот текст на темата нема да ми биде воден од емоции, туку од памет. Последниве денови толку многу размислував и зборував за темава со толку луѓе, но најмногу со Борјан, што немаше да биде фер сама да ти напишам писмо и да изнесам некои од заклучоците до кои дојде тој (или заедно) како единствено мои. Затоа, денес ти пишуваме заедничко писмо, во два главни дела. 


***

БОРЈАН:

Еве и јас да кажам, драга моја Ангела,


сметам дека победата на Студентската листа на последните парламентарни избори во Србија претставува еден од најиновативните експерименти во (вистински) демократски начини на уредување, и дека поради тоа треба да му биде возбудлива на секој левичар. Оваа победа значајно се разликува од победата на СДСМ по Шарената револуција, како и од повеќето понуди на која било левица на меѓународно ниво. Како што многу аналитичари потенцираа, Студентската листа успеа истовремено да ги победи и власта и опозицијата. Србија моментално влегува во тера инкогнита и самите ќе ги испишуваат правилата за тоа како едно движење предводено од млади луѓе, по директнодемократски принципи, може да води една држава. А, гледајќи колку многу високопоставени луѓе во државата веќе си даваат откази и како обвинителството веќе ги удира по глава сите кои одамна го заслужиле тоа, без притоа еден претставник од Студентската листа да седне на столче во Собранието, очигледно е дека Србија е веќе на пат да се оттргне од корупцијата нанесена врз нивната држава од страна на една мала група олигарси. 


Но, според многу прогресивци, следуваат сериозни препреки на патот на ова, само навидум прогресивно движење. Имено, многумина велат дека главниот проблем на ова движење е тоа што нема конкретна идеолошка потпора – на Студентската листа има и десничари и левичари. На протестите можете да најдете транспаренти со палестинско знаме, како и со слика од четникот над четниците Дража Михајловиќ. Како може тогаш еден левичар да се радува за движење кое не ги етикетира ваквите демонстранти како непријатели?


Но, ова движење направи нешто што одамна се нема случено, искористи алатка која современата десница ја узурпира, а која всушност историски била и левичарска: приклони човек на твоја страна врз основа на заедничка цел, дури и да не се согласувате за сите работи, па потоа ќе правите муабет од оваа заедничка појдовна точка. 


Ова движење препознава дека индивидуалци со проблематични ставови, кои не припаѓаат на владејачката класа, не се непријателот. Нивното исклучување може само да ѝ служи на владејачката десничарска елита, која со задоволство ќе ги приклучи на својата страна, тврдејќи дека активистите кои „авторитарно“ ги исклучуваат луѓето и одлучуваат кој е „проблематичен“ или не, се всушност, вистинските елити. Ваквиот став станува сè почест и е една од главните причини за зголемената скепса кон левицата. Кое било современо левичарско движење што сака да постигне масовност и слога, едноставно мора да се соочи со оваа реалност, не смее да ги презира и гледа со надменост оние кои имаат проблематични ставови. Но, надвор од таа „стратешка“ корист што би ја имале од вклучување на секакви луѓе, како левичари едноставно мора искрено да имаме емпатија кон сите, да сакаме подобар живот за сите, што нормално, вклучува луѓе кои, поради разни причини, не се пронаоѓаат во современата левица.


Претходно споменатата надменост не можеше да се најде никаде во српското студентско движење. На тој начин, како и преку узурпирањето на национални симболи како знамето во обединувачки, а не националистички, контекст, ова движење го постигна тоа за кое многу левичарски движења само сонуваат: солидарност меѓу секакви општествени слоеви во невидено големи бројки (бидејќи, историски, бројките се единственото оружје против тие со пари и моќ). Но, повторно, не мислам дека ова беше „чисто стратешка“ одлука, туку дојде од искрена љубов и желба да се обедини еден поделен народ, да се најде мост меѓу таа „прва“ и „друга“ или „втора“ Србија.


Историски гледано, ваквите, навидум некомпатибилни коалиции често се покажуваат како најсилните двигатели на промена. На пример, Движењето за правата на црнците во САД во само неколку години добило правна еднаквост меѓу различните раси. Но, тоа што помалку се знае за ова движење е дека немало да постигне толкава масивност во бројки доколку синдикатите на црнците не ја добиеле поддршката од синдикатите на белците. Иако при првите средби, црнците активисти се соочиле со уназадени гледишта од страна на белците, кога сфатиле дека заедно можат да се изборат за повисоки плати и почовечки услови, полека (но не наеднаш) и двете групи си ги подобриле своите услови. Но, ако црнците прво чекале да ги убедат белците да станат помалку расисти, немало никогаш да си ги добијат правата. Процесот за разубедување на луѓе од своите расистички или какви било -истички гледишта, всушност, единствено функционира обратно од она што би го очекувале – дај му на човека достоинство, па потоа ќе има капацитет да се соочи со своите гледишта вкоренети во омраза.


Дали истото ќе се случи во Србија? Не сум пророк, но знаците се добри. Се менува структурата на РТС, потенцијално ќе му се одземе дозволата на Информер итн. Замисли колку различно просечниот Србин кој гледа само РТС ќе го перципира светот сега, доколку тоа што го консумира е изработено од професионални новинари, со достоинство, а не од платени СНС-ботови. Но, на пофундаментално ниво, мислам дека граѓаните на Србија се полни надеж и се поразнежнети и поотворени да ги променат некои од досегашните поцинични и поогорчени ставови. 


Ќе искористам уште еден малку провокативен пример. Кога славевме на улиците во Белград по победата на 25-ти октомври, правевме муабет со секакви луѓе на улица – секој со секого сакаше да зборува, како што пишуваше Калина во својата репортажа. Една група млади дечки се возбуди кога го видоа возачот на една од колите која бавно се движеше низ толпата луѓе – беше еден постар господин кој со полна насмевка покажуваше три прста преку прозорецот. Го прашав дечкото кој е човекот и ми кажа дека на сите присутни им бил професор по ликовна уметност во средно, еден од омилените. Преслатко. Ми го забележа акцентот, па ме праша од каде сум. Кога му реков дека сум од Македонија, ко од пушка рече „а кога ќе ја исчистиме Македонија од Шип*арите?“. Кога му реков, „а кај да си одат? Тука се со стотици и стотици години. Не е до нив проблемот, проблемот е во разбирањето и комуникацијата“, добив одговор кој ме изненади, малку засрамено рече „ма слажем се, слажем се“. И, можеби сум наивен, ама не мислам дека го кажа тоа само за да биде фин, вистински ме сослуша. Дури и да го кажа за да биде фин, сакаше да биде фин и со „либерал“ како мене. Бидејќи сега не бев некој out-of-touch, образован либерал кој одозгора го подучува овој „сељак“ како да биде послободoумен. Двајцата бевме на истата страна, обединети против корупцијата која сите нам еднакво лошо ни влијае (игнорирај што не живеам во Србија). Полесно е да се сослушаме кога двајцата гледаме во ист правец, а не еден во друг. Дури и, хипотетички, да победеше некоја совршено идеолошки кохерентна опозиција, повторно половина од населението немаше да се согласи со неа, а овој дечко на улица немаше да има шанса да ме сослуша. 


Особено во ваквите примери се гледа огромната разлика меѓу студентското движење и Шарената револуција, која никогаш не допре надвор од нејзиниот меур на либерални интелектуалци и на ниеден начин не доведе до поголема слога во нашето општество, напротив.


Потенцијалот за слога во Србија се гледа и тоа како. По наједноставна сугестија од Инстаграм-профилот на студентите, граѓани низ цела држава се собраа да си ги исчистат маалата од ѓубре и од графити полни омраза. Поминував покрај Зелени венац – една од најпрометните локации во Белград, додека студенти, возрасни и пензионери со бел вар донесен од дома го чистеа. Луѓето беа толку радосни, малтене воздухот околу нас се смееше. Снимав теренска репортажа за ИРЛ и стигнав до еден од најдосадните делови од новинарството – молење луѓе за изјави. Првата жена на која ѝ пристапив ме одби. Класика, кај сега ќе ги убедувам да бидат снимени. Втората девојка едвај можеше да си ја заузди насмевката кога раскажуваше колку ја радува тоа што спонтано се собрале луѓе. Стиснав stop record и другарка ѝ до нејзе ми рече: „Еј, а мене нема да ме снимаш??“ Ајде, нема проблем. И уште една девојка ме замоли да ја снимам за да дополни нешто. Една постара госпоѓа ме замоли да земам од храната што беше таму. Малку ми беше незгодно, но таа ми објасни дека тие не го донеле јадењето, дека купиштето храна беше собрано од луѓе кои поминувале и оставале храна. Дури и работниците од една корпорација како „Старбакс“ поминале и им оставиле крофни. Па така, во знак на почит (и глад), си зедов кроасан. Ваквата доверба меѓу непознати, за жал, е речиси невидена на Балканот, но, не и во слободна Србија. 


Потенцијалот за слога не е ограничен на локално ниво. Хрватските медиуми континуирано искажуваат голем интерес и поддршка за движењето. Можеби и го виде видеото во кое на хрватска новинарка ѝ приоаѓа демонстрант, со лименка пиво во едната рака и со столче од Ќациленд во другата. Ѝ вели: „Седнете, одморете, заслуживте“. Како што би рекол еден мој другар, ваква слога во Балканот не постоела од 1945 година.


Но, покрај сиот потенцијал за разивање слога, сметам дека ова движење треба да му биде возбудливо на секој левичар, на едно многу фундаментално ниво. Како левичари, треба да размислуваме за како самите структури на јавниот и приватниот сектор доведуваат до корупција и експлоатација. Затоа, не можеме да се залагаме за едноставна промена на гардата и притоа да се надеваме на суштински промени. Мора да размислуваме за тоа како можат да се сменат самите структури, така што ќе се оневозможи клиентелизам и експлоатација. Навидум, победата на Студентската листа може да се чини како да е едноставно реформистичка промена – се сменила власта. Но, тоа апсолутно не е случајот. Студентската листа не е партија, туку е структура која се оформи од децентрализираниот начин на носење на одлуки на студентското движење. Ова го прави многу помалку подложно на корупција, кому ќе се обратиш за мито? И да победеше совршена левичарска опозиција, немаше да се смени таа класична партиска структура која овозможува корупција. Студентите ни нудат нешто ново, владини структури кои овозможуваат младинскиот глас да игра важна улога во владините политики.


Остануваат отворени многу прашања. Како ќе се носат децентрализирани одлуки во министерства каде што треба да се носат стотици одлуки дневно? Дали ќе се искоренат понационалистичките тенденции од движењето? Ќе видиме. 


Целото движење е далеку од совршено. Но, само несовршено движење може да ја обедини државата, да ѝ даде слога и со тоа да ѝ даде шанса нејзе и на нејзините граѓани да се променат кон подобро. Се надевам дека подобрените услови за живот ќе доведат до поголема отвореност кај луѓето, па дека нема да мора да слушаме погрдни зборови на следните собири. Се надевам и дека во Македонија ќе се отвори простор за вистинско обединувачко движење, што неминовно ќе вклучува соочување со одредени проблематични гледишта, особено кога станува збор за соочувањето меѓу Албанците и Македонците, во двата правци, за што и ти самата често пишуваш. Но, се надевам дека, како Србите, ќе сфатиме дека индивидуалците со проблематични ставови не се главниот непријател, туку дека непријател е тој што ни гради згради каде што не треба, тој што гледа низ прсти кога треба да се донесе пресуда некому што го подмитил, тој кому му одговара да останеме поделени во македонски и албански „блокови“, тој што не врши техничка инспекција на ноќните клубови.


***

КАЛИНА: 

Секако, како што наведува и Борјан, следното големо прашање што се поставува е ова: што значи оваа победа за Македонија? Што значи ова за концептот „српски свет“, во кој Македонија, сакале ние или не, е несомнено вклучена? 


Претходната недела, токму на денот на изборите, на влезот на Белград, од јужната страна, нè пречека огромниот графит на кој се насликани мапите и границите на Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора, и секако, Македонија, внатре исцртани и обоени со боите на српското знаме. Не сум сигурна дали во големата акција на чистење и боење на графитите по победата на студентската листа беше избришан и овој графит, но искрено се надевам.



Поддршката која ја добиваа Вучиќ и СНС од страна на македонските новокомпонирани дпмнеовски патриоти беше пресмешна, исто како што е пресмешно што истите овие патриоти станаа поголеми србомани дури и од старата добра црвена буржоазија. А, еве и зошто е ова смешно.


Според истражувањето на БИРН, српските државни институции континуирано финансираат про-српски, про-СНС и про-Вучиќ здруженија и организации во Македонија, како и во другите земји кои припаѓаат на т.н. „српски свет“. Имено, од 2023, Управата за дијаспора на Србија исплатила повеќе од 250.000 евра на ваквите организации. Секако, сето ова е официјално промовирано како заштита на кирилицата, православието, традицијата и заедничкото културно наследство. Но, кога се вели заедничко, секогаш во суштина се мисли српско. Секако, едначењето на Србија со нејзината сфера на влијание (Србија = Македонија + Косово + Црна Гора + Република Српска) е промовирано и спонзорирано од страна на Вучиќ и СНС, истите оние Вучиќ и СНС кои македонските патриоти тооооолку многу сакаа да победат. Па не ли е пресмешно? Оттука може да се постави и прашањето: зошто толку ни пречат мапи на Илирида и Голема Албанија, Санстефанска и голема Бугарија, а не ни пречи српскиот свет и Голема Србија? Но тоа е муабет за следен пат. 


Од другата страна на приказната се оние кои тврдат дека со цел да се оддалечиме себеси од одвратниот концепт на „српски свет“, воопшто не треба да нè интересира што се случува во Србија, односно, дека победата на Студентската листа не треба да ни значи, затоа што треба да сме независни. Како може да не нè интересира?!


Како прво, водејќи се според тоа дека не сакаме да бидеме под нечие влијание и дека сакаме да сме слободни и независни, апсолутно мораме да следиме што се случува во нашето соседство кое, ете, сака да нè доминира. Доколку не сакаме да сме дел од српскиот свет, како тогаш можеме да бидеме индиферентни за тоа дали на власт ќе останат човекот и партијата кои најдиректно го спроведуваат тој концепт? Иако сè уште не знаеме како новата влада ќе се однесува по ова прашања, не ни останува ништо освен надеж дека ќе биде поинаква. Впрочем, тешко ми е да замислам дека може да биде полошо од тоа јавно да се трошат државни пари за промовирање на, во суштина, србоманија. 


Како второ, колку и да сме независни и слободни, не постоиме и не можеме да постоиме изолирано од нашата околина. Како и секаде низ светот, така и овде, најприродно нешто е да се грижиш за тоа што му се случува на твојот сосед. Па така, доколку се согласиме дека, сакале или не, тоа што се случува во Србија ќе ни влијае и нам и дека несомнено некои работи што се случуваат таму ќе се пресликаат и овде, тогаш уште толку треба да се радуваме за победата на студентите. 


Што преземаме од Србија? Па, еве, преземаме турбофолк, кичерајска мода, гледаме Пинк ТВ и Звезде гранда, ријалити шоуа и напумпани усти, преземаме некоја нова форма на православен фундаментализам, пансловенски, про-руски светоглед, преземаме работи што се сосема несвојствени за (досегашниот) македонски идентитет. Но, ете, со текот на времето тие се врежаа во она што се едначи со Македонија и македонското, исто како што веќе подолго време многу подлабоко се врежани во она што се едначи со Србија и српското. 


Зошто тогаш да не се пренесат обединетоста и промената што потекнуваат од протестите и победата на студентите во Србија? Зошто да не се огледаме на нашите соседи, за првпат, за нешто позитивно? Зошто кога ги гледаме Цеца и Карлеуша, или Воајаж и Бресквица, се инспирираме да правиме таква музика, а кога гледаме како прво српските студенти, а потоа обединетиот српски народ масовно оди на улица да се бори за правда, да се бори против корупцијата и против системот, не се инспирираме и ние да се обединиме и да побараме подобар живот?


Најтрогателното видео од ноќта на изборите беше видеото од Дијана Хрка, мајката на едно од децата кои загинаа во трагедијата во Нови Сад пред точно две години. Таа плаче и вели дека две години чекала да се сруши власта која дозволи да се случи падот на настрешницата, дека победата на студентите е победа на сите деца и сите мајки. 


Колку што се радувам дека мајките и децата во Србија конечно ќе добијат правда, толку ми се крши срцето за мајките и децата од Кочани. Што добија тие? Година и пол инертност, година и пол седење на газ, година и пол незаинтересираност, година и пол заборав. Ќе ја добијат ли тие некогаш правдата која ја заслужуваат? Ќе успееме ли, барем еднаш, да ја научиме правилната лекција од нашиот северен сосед? 


***

Конечен одговор не можеме да дадеме. Дијана Хрка вели дека победата на студентите е сечија победа. Ќе си дозволиме да кажеме дека тоа значи дека тоа е победа на секој левичар, a и на секој патриот и во Македонија. Но, Хрка вели и дека оваа победа не е конечна, дека ова е само почеток, првиот никулец на правдата која допрва треба да биде спроведена. Со памет во глава, доколку се спроведе на правилен начин, победата на српските студенти може да биде една од најголемите победи што Србија, Балканот, но и светот ги паметат. Ова навистина може да биде сечија победа, а ние се надеваме дека навистина ќе може да ја оправда оваа титула. 


Со љубов,

Калина и Борјан 


Comments


bottom of page