Репортажа од Белград, 25.10.2026

Дали правам грешка што патувам за Србија на денот на изборите? Што ќе кажам на граница, каде и зошто одам? Да речам дека одам за Хрватска или Словенија? Само да не спомнувам факултет. А да речам дека одам да ја посетам баба Рада? Да го тргнам ли стикерот СТУДЕНТИ ПОБЕЂУЈУ од лаптоп, случајно да не ме претресуваат? Да покажам лична или пасош?
Ова беа само дел од прашањата што си ги поставував вчера сабајле кога тргнав накај Белград. Се чувствував како шверцер што се плаши да не го фатат, како да имам нешто да скријам. Срцето ми чукаше двеста на саат. И сево ова, за на крај граничарите да не ни постават ниедно прашање и да завршиме со контрола во помалку од 30 секунди. Сепак, и ова не ме опушти.
Стигнавме дома во Белград, на Баново Брдо, околу 15:30. Ги оставивме работите, се средивме, и излеговме, сакавме да бидеме долу, во град, во центар, каде што ќе се случува нешто, иако уште не знаевме што. 30-минутното возење кое обично е толку пријатно, сега ми беше како кошмар. Влегуваа полицајци, еден по еден, се возеа нелоку станици, ќе се симнеа, па веднаш ќе се качеше некој друг. Никој не зборуваше меѓу себе. Земав книга, како што земам секогаш кога сум во автобус, и иако ја држев отворена, не можев да прочитам ниту збор. Си ги грицкав ноктите, а не грицкам нокти.
Отидовме дома кај другарка ми Анастасија, да следиме излезност, првични резултати, да видиме што кажуваат на телевизија. Не можам да речам дека се изненадивме кога сфативме дека на кабловска ја нема Н1, главната опозициска телевизија, ама затоа има РТС Коло, на пример. Исто како што не се изненадивме кога видовме дека на пола саат пред затворање на избирачките места, на РТС1 имаше емисија за земјоделство, па Слагалица. Брзо сфативме дека од тоа нема фајде, па решивме да си се вратиме на стариот добар интернет, Инстаграм, Редит, преноси во живо. Сите вести беа поврзани со две нешта - 1) високата, рекордна излезност и 2) огромни групи мажи облечени во црно, со капуљачи на главите се движат накај Ќациленд. Па така, од една страна бевме возбудени, зашто секако, поголема излезност значи многу поголема шанса студентите да победат. Од друга страна, како да бидеш возбуден кога гледаш како стотици мажи се собираат во центарот на градот (15 минути од станот на Анастасија, на пример), дека полицијата ги пушта само нив, дека веќе почна насилство, дека Галеб Никачевиќ беше удрен…
Се чув со моите, се чув со другарите од Скопје и од Варшава, и сите ми рекоа да не изглегувам, да се чувам, да седам дома. Другарите од Белград исто седеа дома, не само што седеа дома, туку ни велеа да не излегуваме без нив. Нормално, тоа го мислев и јас, тоа го мислевме и ние. Но, некаде околу 20:50, со Борјан решивме сепак да излеземе, не да одиме каде што може да биде опасно, туку само да излеземе на улица, чисто за да ја осетиме атмосферата.
Не знам како, слууууучајно, патот нѐ одведе токму на раскрсницата кај Главната Пошта. Стоевме точно дијагонално од Ќациленд. На секое островче од раскрницата беа поставени помали групи од 6-7 ќаци, истите што ги гледавме на лајв стрим пред неколку минути дома. Уште повеќе влегуваа внатре во Ќациленд. Одеднаш почувствував многу слично чувство на страв како утрото пред граница. Целото тело како да ми беше закочено, како нешто да ме стегаше. На улица немаше премногу луѓе, па немаше со кого да одиме за да се почуствуваме побезбедно. Кога одвреме-навреме ќе поминеше кола и покажуваа три прста од прозор, се плашев да им вратам, се плашев да не е провокација, да не некој од овие мажи во црно околу мене ќе ме нападне. Решивме да си одиме, бев премногу извадена од памет за да останам. Гледавме да одиме по големи улици. Но, однеднаш, нешто се смени. Повеќе и повеќе коли свиреа, a повеќе од луѓето на улица почнаа да им ги возвраќаат поздравите, без страв. Видовме дека е веќе 21:20, и отворивме телефон. ВУЧИЌ ПРИЗНА ПОРАЗ!!!!!!??????
Не ни се веруваше што читаме. Како е можно, па од сите сценарија што ми се вртеа низ глава, од сите анализи, според секоја логика, не очекував ова да се случи. Не е дека не очекував студентската листа да победи, туку не очекував победата/поразот да ја објави токму самиот Вучиќ, толку брзо.
Откако го прочитавме ова, одеднаш улицата која до тој момент беше толку страшна и празна, почна да се полни. Прво видовме една група момчиња како вика на цел глас, како креваат три прсти, и не можевме да не се поздравиме. Така беше со секој следен што ќе го видевме, сите се гушкаа, сите скокаа, сите викаа. Неколку хипици одма отидоа на улица, дур уште возеа коли. Телово ми се ослободи, ама одеднаш видов група од 50 ќаци како оди на другата страна на улицата. Сѐ уште бев исплашена, ама видов дека никој околу мене не се плаши, дека единствено чувство што постоеше во тој момент беше радост. Во рок од неколку минути целата улица се пополни, и станавме многу побројни.
Продолживме надолу, накај Лондон, и поминавме покрај РИК, местото каде што се бројат гласовите. Групата полицајци што го штитеше местото стоеше неподвижна додека огромна маса на луѓе поминуваше покрај нив, им викаше и им покажуваше три прста. Веќе не можеа ништо. Ја изгубија својата сила. Ќаци поминуваа, со скиселени фаци, затоа што и тие не можеа ништо. Во рок од неколку минути атмосферта се смени целосно. Она што пред 15 минути беше страв, сега беше радост, оние што до пред 15 минути удираа новинари, сега се враќаа дома, оние што до пред 15 минути се плашеа да излезат на улица, сега ја полнеа улицата, вкочанетоста што ја чувствував до пред 15 минути, сега се претвори во тотално опуштање.
Цела толпа луѓе тргнавме надолу, додека некој гласно не рече „СЛАВИЈА!“, со што сите заеднички го завртевме правецот. Движејќи се натаму, не можев да верувам дека ова го живеам, дека сум тука, а јас не сум ни од овде! Како е да се живее ова кога Србија е твоја држава? Луѓето се фрлаа и бањаа во фонтаната, парови се бацуваа и не се пуштаа, некој дечко си ја запроси девојката, сегде се вртеше коло (оро)... Кога се видовме со другарите од овде, се гушкавме цела минута. Ова се луѓе кои се паметни, образовани и кои се свесни што значи промена на власт. Свесни се какви разочарувања можат да дојдат, свесни се дека работата допрва почнува. Но, што ти останува во тој момент освен чиста радост? Зарем пола саат по прогласување победа да зборуваш за следните чекори и за можните проблеми? НЕ! Во првите моменти, со право, се слави. Се слави победа, но се слави и пораз на диктатор, пораз на корупцијата, пораз на насилството. Се слави СЛОБОДА! Во тие први моменти, не е важно колку долго ќе трае таа слобода. Во тие први моменти, не постои време, но не постои ни право за цинизам и скепса, за сериозна политичка анализа. Сѐ што им беше важно на овие луѓе оваа вечер беше дека барем сега и тука, тие се слободни.
За земја и народ во чија култура насилството е толку длабоко вкореното, да се победи на мирен начин, да се слави без никакви инциденти, е за мене можеби и најважната победа. Србија веќе подолго време е симбол на трубофолк, пинк тв, насилство и кичерај. Секако, истите тие симболи се пренесуваат и кај нас. Оваа победа, се надевам, ќе го смени тоа. Србија конечно има на што да се гордее, конечно може да биде достоинствена.
Додека гледавме што се случува околу нас, разговаравме со Борјан. Тој ми рече дека размислува за тоа како се чувствува кога е кај мене дома, со моите, на пример. Дека темите за кои зборуваме, луѓето што ги спомнуваме, прашањата што си ги поставуваме, како сето тоа да е временска машина, како да е нешто што сега постои само во тој затворен простор. Но, според него, овие луѓе и овие теми сега ќе бидат дел од српската влада и српскиот парламент. Дали тоа значи дека таквите разговори веќе нема да бидат временска машина, туку ќе бидат реалност? Не знам, но зарем ми останува нешто друго освен да се надевам дека навистина ќе биде така?
Во хаосот во кој излеговме, заборавивме да земеме било што со нас. Но, она што се случуваше на Славија беше атмосфера на споделување, па со луѓето околу нас си споделивме вода, пиво, паломи. Додека зборевме со дечките што ни даваа пиво, Борјан ми шепна: „Еве, овие поим немаат дека ќе бидат спомнати во новиот текст на Култура Бета.“ Поим немаа, и еве го тој дел кај што ги спомнувам.
Со некои од нашите другари отидовме до Чилтон, кафиќ во близина на Славија, да се измочаме и да се напиеме ракија. Дури и таму беше преполно, и на цел глас ечеше ПАДА ВЛАДА од Бајага. Кога се вративме на Славија, како да имаше уште повеќе гужва од претходно, и како уште погласно да се пееше. Сепак, во сета таа гужва неколку пати се видовме со луѓе што се знаеме, и иако со никој од нив не сум посебно блиска, во тие моменти се чувствував како да ми се најдобри другари. Некои од нив ме научија и на српското коло, па следна година на Илинден во Лазарополе, единствениот пат во годината кога имам шанса да играм оро, ќе можам да се пофалам со едно оро плус.
Накај 3 решивме да си одиме дома. Баново Брдо не беше опција, улиците сѐ уште беа полни со луѓе, што значи дека автобуси немаше. Се вративме кај Анастасија, и сите тројца си легнавме во ист кревет. Легнавме со помислата и чувството дека оваа вечер бевме дел од светската историја, дека лично го живеевме она за што еден ден ќе се пишува во учебници. Бевме дел од голем ден и од голема ноќ. Со памет во глава, се надевам дека ова ќе биде и голема историја, сегашност и иднина.
П.С. Ова е само репортажа од денот и ноќта на изборите. За значењето и позадината, за она што ќе следува, и за тоа зошто е ова важно и за Македонија, ќе пишувам во редовната рубрика, „Го зборевме ова?“ Во овој текст сакам да бидам само радосна, не и паметна.




Comments