top of page

Што се чита?: „Базирано врз речиси вистинити настани“ од Ѕвездан Георгиевски

  • Writer: Андреј Медиќ Лазаревски
    Андреј Медиќ Лазаревски
  • 1 day ago
  • 5 min read

НЕРЕД ОД НЕОДРЕДЕН БРОЈ МОЖНОСТИ

Калвинистичкиот принцип на пишување во „Базирано врз речиси вистинити настани (Првите реченици од романите што никогаш нема да ги напишам)“ од Ѕвездан Георгиевски



Ако би барале еквивалент на романот „Ако една зимска ноќ некој патник“ од Итало Калвино во македонската книжевност тогаш со сигурност може да зборуваме за Ѕвездан Георгиевски и неговиот роман „Базирано врз речиси вистинити настани“ со уште поинтересен поднаслов „Првите реченици од романите што никогаш нема да ги напишам“. Во оваа книга, како што вели и Иван Шопов во неговиот поговор, Георгиевски го зема романот на Калвино и уште повеќе ја радикализира неговата постапка нудејќи мноштво почетоци на романи што никогаш нема да бидат напишани и притоа се гледа авторското уживање во тоа несовршенство создавајќи текст што е привлечен за читателите. 



За романот на Ѕвездан Георгиевски со сигурност може да се каже дека е постмодерен. Тој во него ги крши сите нешта што се карактеристични за нешто што се нарекува роман во стандардната смисла на зборот и ни нуди книга која ем забавува, ем е информативна, ем си игра со формата и притоа во целата неконзистентност останува конзистентна на тоа наративно прекршување. Веројатно од самата структура на книгата се наметнува прашањето дали ова воопшто можеме да го наречеме роман. Зошто? Бидејќи едновремено книгата функционира како целина, значи има смисловно заедништво помеѓу сите 16 поглавја, но функционира и како збирка раскази составена од 16 (не)заокружени цели што можат да опстојат и независно од останатите. Дополнително можеме да зборуваме за оваа книга и како дневник и како скицник за романи, па и како збирка белешки од едно време на главниот нараторот којшто експлицитно ни кажува дека е самиот Ѕвездан Георгиевски, нешто што исто така придонесува кон постмодернизмот во оваа книга.


Веројатно за да може да зборуваме за оваа книга треба да почнеме од самиот наслов. И тој како сѐ останато во книгата има недовршена форма, а притоа има и едно значење кое е често присутно во популарната и комерцијална книжевност и кинематографија. Ова земање на наслов што самиот по себе е маркетинг слоган е уште една од низата постмодернизми во книгата со кои авторот како многу автори од постмодернизмот искористува сегмент од популарната култура и целосно го става во функција на романот. Притоа самиот наслов добива и едно реално значење во книгата, бидејќи поглавјата се базирани на вистински настани, барем како што кажува нараторот и токму затоа оваа книга може да се гледа и како дневник и како бележник на едно време. Но целата работа дополнително станува поинтересна кога на тие вистински настани им се додава едно „речиси“ што, пак, прави и да се соменваме во вистинитоста на настаните со што авторот си поигрува со концептот на мешање на фактите и фикцијата. Поднасловот, пак, е исто толку индикативен за анализа. Тој гласи „Првите реченици од романите што никогаш нема да ги напишам“ и со тоа ни се дава една рамка низ која се поставува оваа книга и низ која треба неа да ја читаме.


Како што веќе кажавме, романот се состои од 16 поглавја. Тематски тие не се поврзани меѓу себе, ниту пак се повторува присуството на одредени ликови од приказните, со исклучок на главниот протагонист што во овој случај е и наратор. Во секое од поглавјата Ѕвездан Георгиевски започнува да пишува еден роман давајќи му увид на читателот барем во првата реченица од тој роман којшто авторот решил да го пишува и притоа секогаш жанровски или концептуално го определува. Па така, со ред, Георгиевски ни понудува обиди за настанување на: мистерија, роман во кој раскажувачот е веќе умрен, потоа роман за смртта, љубовен викенд-роман, роман за романот, пандемиски роман, роман базиран на хороскоп, класичен/реалистичен/праволиниско-криминалистички роман, роман за ракијата, егзистенцијалистички роман, политички роман, мал обичен роман, роман за деца и млади, социјален или битов роман, научно-фантастичен роман и роман за ликовната уметност. Сите овие типови на романи во книгата започнуваат со нивните први, две до пет, реченици и потоа авторот преминува во раскажување на тоа што тој планирал да направи со овој роман што тргнал да го пишува и, секако, потоа да ни објасни зошто тој роман не успеал да го напише. 


По изложување на првите реченици од романите, Ѕвездан Георгиевски преминува кон една метафикционалност. Имено, тој почнува да раскажува за самото раскажување, притоа, прави една демистификација на секој идеја што ја имал за романот, како и за сите принципи и постапки што планирал да ги употреби. Неуспешноста на пишувањето, пак, секогаш е предизвикано од некоја надворешна работа што поради некаков контекст од секојдневјето го спречува авторот да го допише овој роман – и тука се протегаат причини од пишувачки дилеми (како да се продолжи со пишување на таа тема, како да се заврши, како да се развијат ликовите), па сѐ до, условно речено, најбанални причини како потреба да се продолжи да се пие ракија во романот за ракија наместо тој да се напише или, пак, немањето соодветно дете-слушател на кое ќе му се раскаже детскиот роман. 


Уште нешто важно за постмодернистичкиот контекст на книгата е мотото на книгата односно цитатот од Борхес што е ставен пред првото поглавје, а кој гласи „Сеќавањето на човекот не е збир; тоа е неред од неодреден број на можности“. Со овој цитат ни се отвораат неколку призми низ кои може да го читаме романот на Георгиевски. Првин, како роман за сеќавањата на авторот, приказни што може да се користат како предлошки за пишување, но притоа истакнувајќи го проблемот со сеќавањето дека тоа никогаш не доаѓа збирно туку, напротив, во секвенци и нејасно подредено и во просторот и во времето (тоа е можеби најдобро видливо во поглавјето каде што нараторот тргнува да пишува роман за деца и млади). Потоа со цитатот се дава и определба на книгата како неред од неодреден број можности. Имено, авторот ни дава шестнаесет потенцијални романа што во перспектива и би можело да бидат напишани, а некои од нив како поглавјето за роман за романот е присутно во првата книгата на Георгиевски, „Недела дена во животот и смртта на Гроздан“, потоа поглавјето за научно-фантастичен роман, но романот за деца и млади се присутни во романот „Плачеш како кит“, а романот за ракија и генерално за алкохолот е присутен во неговиот најнов роман „Страв од чекорење“. Така што Георгиевски ни покажува дека овие потенцијални романи се можни за остварување, а некои од нив и се реализирани. 


Накрај, може да се каже дека Ѕвездан Георгиевски прави еден успешен постмодернистички експеримент и напишал книга која си игра на повеќе рамништа и тоа: на рамништето на книжевноста играјќи си интертекстуално и метатекстуално, на спојот меѓу реалноста и фикцијата, на линијата на нараторот којшто е самиот автор што постојано игра со автореференцијалноста, како и со формалното рамниште кршејќи го секој изглед за стандардна норма на роман. 


Comments


bottom of page