Албум на годината: Колективност, младост и слобода!
- Андреј Медиќ Лазаревски

- Jan 15
- 4 min read
кон „На Балкан, сам“ од „Животни“
Ако нешто остави посебен впечаток на млада музичка и културна сцена во 2025 година, тоа е првиот албум на „Животни“ со наслов „На Балкан, сам“. Станува збор за новиот проект на Мартин Џорлев објавен од страна на музичкото издаваштво „Мртов коњ“. Нивниот прв концерт, по објавувањето на албумот, се случи во рамки на фестивалот „ПИН“ во Младинскиот културен центар, а на крајот на годината настапија и во кафе-книжарницата „Буква“ на настанот „Под роговите на упорноста“ што го организиравме со „Култура Бета“. Изборот да се настапи на настанот „Под роговите на упорноста“, настрана од квалитетот на самиот албум, беше направен токму поради упорната нишка во текстовите на албумот, надежта што ја буди, како и повикот на слободна младост како императив и во творештвото на Џорлев, но и во генералното творештво на новиот бран македонска алтернативна и независна музика.

Кога првпат го слушнав албумот „На Балкан, сам“ ја читав книгата на Милан Кундера, „Неподносливата леснотија на постоењето“. По некаква коинциденција, насловот на оваа книга е многу соодветен опис на чувството што го буди албумот преку неговите текстови. Имено, од една страна се потврдува неподносливоста на животот, тука на Балканот, во ова ужасно загадено, сложено, тешко време, но од друга страна ја афирмира и леснотијата на животот кога во него е присутна младоста, колективноста, заедничарењето и заедничката борба за подобро место, за подобар свет. Постоењето од насловот на Кундера ќе го земеме и како трет значаен елемент во албумот на „Животни“ бидејќи, покрај постојаната игра со дихотомиите пасивност-активност, заминување-останување, мразење-љубење, откажување-борење, живеењето секогаш избива како најлогичното и најпосакуваното решение. И тоа никогаш не е постоење заради постоење, туку активно, борбено, слободно и младешко живеење. Тоа живеење ги надминува овие дихотомии и секогаш одбира да постои активно и љубовно и со борба за да се остане тука, без разлика дали станува збор за оваа земја, овој Балкан или на оваа Земја бидејќи таа е наша и немаме друга.
Кога слушам музика, особено македонска, сакам текстот да биде јасен, разбирлив, вокалот директно да се обраќа на оној што слуша, со него да комуницира, полемизира. Притоа, сакам и текстот да биде поетски издржан, самиот по себе да функционира како поезија. Текстовите од „На Балкан, сам“ се токму такви! Ќе биде клише да се рече дека тие се чиста поезија, но Мартин Џорлев во овој албум покрај музиката креира цела збирка на песни коишто на книжевно ниво се одлични и може да комуницираат не само со слушателите, туку и со оние што би ги читале како книжевен текст. Песните осмислено зборуваат, пеат за младешкиот идентитет, бивањето млад човек во ова доба, во овој регион, во овие земји. Лирскиот субјект на моменти е и носталгичен, на моменти е тажен, почесто е оптимистичен и радосен и често се навраќа кон минатото кое секогаш е во некаква паралела со неизвесната иднина. Тој во неколку наврати реферира и на наследството на колективноста што е вкоренета во екс-ју земјите, а којашто денес, во нашата генерација, е донесена на ниво на решение за проблемите што постојат меѓу нас. Таа колективност е лајт-мотив на албумот, а се потврдува токму со стиховите „Ние сме млади / засекогаш млади“ коишто одекнуваа и во МКЦ и во „Буква“.
По сето ова, слободно можеме да кажеме дека овој албум е ангажиран албум! Треба да зборуваме што тој значи кога се појавува во овој контекст, што тој значи кога во Скопје исчезнуваат значајни места за култура, а истовремено и што тој значи кога имаме огромна креативна младинска сцена. Дополнително, треба да се согледа значењето на албумот светски контекст, како космополитизмот и слободата од албумот се спротиставуваат на налетот на национализам и фашизам што го обременуваат светoт. Да се објави ваков албум во вакво време, не само што е субверзивно и храбро, туку е повик за надеж и за заедништво. На крајот на краиштата, може да е и љубов, оти љубовта во овој албум има важно место, таа е онаа која ги полни песните со суштина, таа е онаа која песните ги пои.
На музичко рамниште може да се каже дека „На Балкан, сам“ е еден уреден еклектизам, тој е хаотичен ред создаден од многу инструменти, од многу различни звуци што доаѓаат од многу различни страни. Како и на тематски план, така и во музиката, овој албум игра со дихотомијата бавно-брзо. Постојано имаме движење помеѓу мирните, меланхолични и смирени игри со раскошните, брзи и гласни звуци на коишто човек може само да игра, игра, игра! Симболот на колективитетот од албумот е пресликан и на настапите на „Животни“ со голем бенд поставен во хоризонтала на сцена пришто секој музичар е дел од споменатиот хаос и ја креира синтезата којашто музицира, музицира, непрестано и заеднички музицира!
На крај, може да се каже дека „На Балкан, сам“ е редок и универзален албум. Тој е интимно и лирско себеанализирање, но и генерациско рефлектирање на многу аспекти. Тој е целосно локално посветен, а истовремено и глобално освестен. „На Балкан, сам“ е и осаменички и колективен повик, тој е и смирување и бунтување.
Затоа е албум на 2025 година!



Comments