top of page

Хана и Борис во дијалог за Топ 10 албуми што ни ја одблежаа 2025

  • Writer: Марија Хана Трајкоска
    Марија Хана Трајкоска
  • 6 hours ago
  • 3 min read

После долга пауза, Борис и Хана се вратија во музичкиот свет за малку да ви позборуваат за 10 албуми што ја одбележаа нивната 2025. Се надеваме ќе ви се допадне нашиот вкус во домашна музика. 


Хана: „На Балкан, сам“ од „Животни“. Листава, реално, немаше да ја бива без овој албум. Несомнено најдоброто нешто што излезе минатава година. За овој албум можам да кажам дека е еден вид на пресврт во творештвото на Мартин Џорлев. Од политички ангажиран уметник којшто пред не толку одамна процени дека ништо нема да се процени, овој албум на слушателите, а верувам и на самиот автор му дава надеж дека сепак нешто може да се промени. „На Балкан, сам“ ми побуди носталгични чувства за моите средношколски денови бидејќи содржи звуци кои одамна ги немам слушнато на македонската сцена и ме инспирираше да се вратам на некои албуми од тоа време.


Хана: Еден од тие е „Сизиф“ од „Pluto’s Doubts“. Ова е албум кој го дефинираше мојот вкус за музика и мислам дека е важен бидејќи е создаден пред новиот т.н. БАМ (бучен алтернативен музички) бран и служи како еден вид отскочна даска за она што се создава на македонско тло минативе 5 години


Борис: Arhangel 2“ од „Архангел“. Можеби најдоброто нешто што има излезено на македонската рок сцена. Овој легендарен албум е основата и инспирацијата на многу од музичарите коишто се дел од листава и музичарите коишто израснале со Архангел во нивната крв. Безвременски албум, сѐ уште и засекогаш свеж, забавен и возбудлив.


Хана: Уште еден албум кој одеше, за БАМ да може да трча е „Политика“ од „Бернајс Пропаганда“. Евергрин чија музика е погодна за секаква атмосфера, а текстовите се толку длабоки и погодуваат таму каде што најмногу трне дури и после 10 години откако се напишани. 


Борис: „Дали е ова живо?“ од „Vagina Corpоration“. Албумот на „Корпорација Вагина“ одново снимен и изграден во форма на филм. Сите учесници во реализацијата на овој проект се цигли во статуата (no pun intended) која стои како сведоштво дека македонската младина е незапирлива сила.


Борис: „…и за работа и за дружење“ од „IVL“ е 50-минутен албум со само 2 песни од свежа група на музичари којашто ќе ве повлече во длабочините на шумите и шумовите. За мене е многу бараното оживување на авангардата од раните 70-ти, а во 2025 ни го однесоа звукот на индустриализмот од иднината.


Хана: „Краток албум за двајца“ од Телемама и Пиколомини. Овој албум има посебно место во моето срце главно поради темите што се обработуваат, а коишто многу резонираат со душевните процеси низ кои поминувам. Сепак, тоа што го издвојува албумот е јаснотијата на гласот, кој е особено сензуален и карактеристичен за Телемама.


Борис: „korka (EP)“ од „Корка“. Иако официјално е ЕР, а не албум, морам да ви ги препорачам дечките што ја совоија „People’s Choice“ титулата на Imagine Music Experience натпреварот во Брисел. Млади се, гласни се и вреди да се слушне нивната приказна за суровиот живот на Ристо.



Хана: „Warm Hands“ е дебитанскиот албум од истоимениот соло проект на виртуозниот Алекс Галевски. Убаво музичко освежување од минатата година. Ако ве интересира подетално што мислам за овој албум, можете да го прочитате освртот што го напишав за него пред неколку месеци, ТУКА


Борис: „Зајак“ од Кокиче. Ако барем еднаш сте отишле на џез во „Буква“ минатава година, тогаш сигурно сте запознаени со барем еден од чудаците во групава. Прекрасна музика и за лежење на кауч со добри слушалки и за да е пуштена во позадина додека си ги правиш обврските на денот. Крем де ла крем на современиот македонски џез којшто многу блиску се натпреварува со џиновите на жанрот.



Листава е сведоштвото за плодната музичка 2025, но и за подеднакво плодната подлога врз којашто може да се создава музика што расцветува со секој нов музички проект. Направивме плејлиста со дел од овие албуми што може да служи како потсетник за тоа колку ни е добра музиката. Чао!


Comments


bottom of page