top of page

Осврт кон делото на Алвин Луциер: музиката што го отелотворува човекот без човештвото

  • Writer: Марија Хана Трајкоска
    Марија Хана Трајкоска
  • Aug 7
  • 7 min read

Пишуваат: Марија Хана Трајкоска и Борис Дебси


Пред да почнам ќе ви поставам неколку прашања. Дали уметност може да биде создадена од машина? Дали мозокот без човечката есенција и несовршенсот, може да создава уметност? Дали постои уметност после смрт? 


Тука е Алвин Луциер, кој можеби ќе ни даде одговор на овие прашања или, можеби, само ќе постави нови или само ќе ни направи егзистенцијална криза. Сѐ што можам да направам јас во моментов е да ви дадам контекст и вовед за творештвото на Алвин и неговиот придонес во музиката, науката и философијата, а вие одлучете што ќе извлечете од тоа. 


Alvin Lucier беше значаен експериментален композитор во авангардата од ‘60 до ‘80 години, познат по неговите перформанси и обиди да ја претстави музиката како физичка, просторна уметност, наместо темпорална. Преку неговата уникатна уметност ни има дадено претходно невидени перспективи, кои не само што ја револуционираа музиката и нашето разбирање за музиката туку и акустиката, физиката, биологијата итн. За овој текст ќе земеме две негови дела/перформанси кои сметам дека се најрелевантни. Ова е само вовед и панорамен увид во животот и постживотот на Луциер, доколку сакате анализа и споредба на неговите дела, во продлжение на оваа статија ќе ви оставам едно дополнително текстче. 


I Am Sitting in a Room. Во ова дело, како што вели самиот наслов, Алвин седи во соба и чита поезија. Тоа читање е снимено и повторно се пушта преку звучници, па повторно се снима одново и одново заглавено во feedback loop, додека гласот на Алвин не стане целосно непрепознатлив и покриен од фонија и иритирачки звуци. Постојат повеќе интерпретации за значењето на овој перформанс, но јас ќе ја земам машината како клучен агент во ова дејство. Според текстот на поезијата што ја чита, добиваме импресија дека машината во перформансов ги отстранува несовршеностите во гласот на Алвин, но со доволно повторувања на процесот, гласот е целосно отфрлен и заменет со нешто сосема странско и непрепознатливо. Ова е со јасен постхуманистички карактер, но иако првично иритирачки, накрај, после извесно време доведува во некоја чиста хармонија која предложува што доаѓа после нас, луѓето, не мора да е страшно и загрижувачко, покажува позитивен егзистенцијалистичен поглед кон нови технологии, дури и во присутство на негативни импакти и импликации.



Music for Solo Performer. Овој перформанс е во голем дел инспириран од John Cage и неговата филозофија дека немузиката е музика со неговото дело „4’33’’, и означува времетраење за кое се ‘свири’ тишина, а музиката наместо од инструментите, доаѓа од просторот и амбиенталните звуци, музиката е во здивот на публиката, зуењето на светлата, шумот на листање празни петолинија итн. Инспириран од ваквиот поглед спрема уметностите, до голем степен и поврзано со философијата на Кант за целeсообразност без цел, Алвин седи пред публика, поврзан со електроди за неговата глава и преку појачало ги користи алфа-брановите од неговиот мозок како носители на сила со која свири разни ударни инструменти поставени низ собата. Мозокот произведува алфа-бранови само кога сме во целосно мирување, релаксирани и не размислуваме на ништо, дури е потребно и очите да се затворени затоа што самиот сензорен инпут од светлина ги нарушува тие бранови. За Алвин да го компонира неговото дело, седејќи пред публика, тој првично треба целосно да се дистанцира од неговата средина и перформансот може да биде успешен и музиката постои само ако тој ја отстрани целта да твори музика во тој момент. 



Revivification. Алвин Лусие беше мртов околу 3 и пол години, но пред тоа тој ја имаше донирано неговата крв за проект препорачан од неговите студенти, каде што белите крвни клетки му беа одвоени и репрограмирани во стем клетки, кои потоа беа програмирани во мозочни клетки. Сега Алвин Лусие продолжува да живее и да компонира како лабораториски израснат, ин-витро мозок, изложен во музеј во Австралија. Начинот на којшто работи е надвор од моето разбиранје, но многу просто објаснето, Таа жива материја, со систем кој ја одржува и храни, лежи врз мрежа од сензори и кондуктивен материјал кој ја мери активноста и ги перцепира импулсите на мозокот, неговото движење, умирање итн. Брановите од стимулација и сигналите ги праќа да се интерпретирани од вештачка интелигенција, но не зборуваме за ChatGPT или друг LLM со којшто сме запознаени туку ова е интелигенција кодирана специфично за проектот и на некој начин кроена само за неговиот мозок. Oвој систем се нарекува Органоидна интелигенција. Интерпретацијата потоа ги праќа импулсите и ја дистрибуира моќта на чеканчиња кои со различна сила удираат на некои од 20 рачно создадени коцкасти брас чинели. Потоа, како во првото дело што го наведов како пример, звуците од собата се снимани и преку звучник се пуштаат на мозокот, кој прави feedback loop на стимулација која предизвикува понатамошни импулси. Постоеле други обиди за компонирање музика преку органоидна интелигенција како cellF проектот, каде аналоген синтисајзер е контролиран од ин-витро мозок, преку стимулирање и како реакција на друг човечки музичар кој паралелно свири тапани, меѓутоа Revivification, ин-витро мозокот како музичар е целосно автономен самостоен и компонира нова и неповторлива музика.

Проектот на Алвин Лусие е уникатен и ги предизвикува нашите разбирања за што е тоа музика. Ова е новост во развитокот на науките, не постојат научни истражувања и толкувања кои можам да ги цитирам и препорачам, затоа се обидов да направам споредби со текстот на Аунер кои се прикачени и можете да ги прочитате, но наместо со заклучок ќе ве оставам со неколку мисли и прашања. Аунер ја претставува машината како продолжеток од нашите тела, не се ладни, монотони и безчуствителни туку им даваме човечки атрибути и чувства. Едноставно машините се нашата рефлексија.


Но прашањето кое ечи низ времињата е каде е човечкото во оваа машина? Дали постои компонист кој твори или потребна е човечката намера и интерпретација за уметноста да постои? Според мене, овој проект ги крши сите наративи во светот на човекот и машината. Нема контраст, нема симбиоза, нема индивидуализам и нема закана. Овој проект е споредлив со првото негово дело што го наведов, како машинско отстранување на човекот, но таа бескрајна небесна хармонија не постои без човечкото. Како вториот пример од Алвин, како и делото на Џон и филозофијата на Кант, каде што имплицира дека целосно треба се отстрани целта за компонирана музика за да произлезе најчистата форма на музика, така и во машинелното произлегува парадокс: За да го добиеме најчистиот машинелен звук првин е потребно да ги отстраниме сите човечки дејства. Но како што Алвин сепак седи во соба за да настапува, така и во машината, во коренот на системот стои неговиот мозок.


Извори:

Auner, Joseph (2003). “Sing It for Me”: Posthuman Ventriloquism in Recent Popular Music. Journal of the Royal Musical Association, 128(1), S. 98–122 (http://www.jstor.org/stable/3557466)


Lucier, Alvin (1998). Origins of a Form: Acoustical Exploration, Science and Incessancy. Leonardo Music Journal, vol. 8, S.5–11 (https://doi.org/10.2307/1513391)


N. Katherine Hayles (1999). How we became Posthuman, Virtual Bodies in Cybernetics, Literature, and Informatics. S.283-291


Smirnova L, Caffo BS, Gracias DH, Huang Q, Morales Pantoja IE, Tang B, Zack DJ, Berlinicke CA, Boyd JL, Harris TD, Johnson EC, Kagan BJ, Kahn J, Muotri AR, Paulhamus BL, Schwamborn JC, Plotkin J, Szalay AS, Vogelstein JT, Worley PF und Hartung T,

Organoid intelligence (OI): the new frontier in biocomputing and intelligence-in-a-dish (28/02/2023) (10.3389/fsci.2023.1017235) 


Shi H, Kowalczewski A, Vu D, Liu X, Salekin A, Yang H, Ma Z. Organoid intelligence: Integration of organoid technology and artificial intelligence in the new era of in vitro models. Med Nov Technol Devices. 03/2024 (10.1016/j.medntd.2023.100276)


Daniel Szelogowski (2024), Simulation of Neural Responses to Classical Music Using Organoid Intelligence Methods 


Анализа:


Границата човек-машина, гласот, авторството и постчовечката креативност


Alvin Lucier Revivification: Технолошки достигнувања и споредба со постхуманистичката перспектива на Joseph Auner:

'Sing it for Me': Posthuman Ventriloquism in Recent Popular Music - Journal of the Royal Musical Association, 128 (2003)


Глас наспроти неврони


Аунер: Човековиот глас е експресивен медиум на фузија човек-машина. Преку вокодери, автоматско прилагодување и синтетички говор, машините зборуваат со емоционално влијание во поп-музиката. Гласот е механизиран, но останува емоционално наелектризиран. (Аунер, стр. 103)

Лусиер: Нема глас. Revivification ја користи електричната активност на невронските органоиди за да генерира звук. Експресивниот медиум не зборува туку испушта звук. Не говорна содржина туку импулс. Тоа е отстранување на намерата, а не нејзина симулација.


Човечко присуство


Аунер: Човекот стои зад завесата, програмирајќи, земајќи примероци и контролирајќи дигитални интерфејси. Вентрилоквиумот имплицира куклар, дури и ако куклата изгледа емотивно. (Аунер, стр. 100)

Лусиер: Системот е биолошки, човечки, но без свест. Нервниот органоид потекнува од клетките на Лусиер, но не е контролиран од неговиот ум. Нема куклар, само резонанца без глас.


Агенција и авторство


Аунер: Уметникот продолжува да компонира со курирање јамки, дигитални гласови или звучни текстури. Дури и во роботизираните изведби (на пр., „Fitter Happier“ на Radiohead), човекот останува композитор на системот.

Лусиер: Revivification не е композиција во класична смисла. Тоа е авторство без автор, повратна јамка помеѓу биологијата и звукот, водена од толкувач дефиниран од корисникот. Органоидот не е алатка, туку ‘полужив’ изведувач.


Уметниците на Аунер користат машини како протези на намера. Системот на Лусиер е автономен, но не е свесен, креативен, но не компонира, радикален постхуман агент.


Симулација наспроти материјалност


Аунер: Машините се изразуваат преку имитирање или искривување на човекот.

Лусиер: Органоидниот систем го закотвува постхуманиот израз во материјално-органскиот живот. Тоа не е шема над супстанцијата, туку супстанција без шема - организам што генерира афект преку спонтана невронска динамика.


Постхуманизмот на Аунер е информативен (дигитален, кодиран), на Лусиер е биолошки (органски, стохастички). Едниот го симулира човекот за изразување, другиот го отелотворува човекот без човечност.


Емоционален афект и значење


Аунер: Машинските гласови евоцираат патетика преку неприродност. Умирачкиот глас на ХАЛ во 2001 станува трогателен, бидејќи неговиот неуспех симулира смртност. (Аунер, стр. 103)

Revivification: Афектот се јавува преку појава во реално време. Публиката проектира емоционално значење врз духовните импулси на поранешно жив композитор. Не афективен неуспех туку амбиентално постоење.


Машините на Аунер симулираат загуба; системот на Лусиер E загуба. Музика од свест што повеќе не е таму, но останува биолошки присутна.


Поп-култура наспроти био-уметност


Аунер: анализира мејнстрим и авант-поп музика (Radiohead, Moby, Cher) во која технологијата го проширува културниот израз.

Revivification: е био-уметност. Ги доведува во прашање претпоставките за животот, уметноста и звукот. Поблиску е до перформансот и концептуалната уметност отколку до популарната музика.


Онтологија на машината


Аунер: Машините се дизајнирани да бидат човечки слични со цел да генерираат познати емоции, наративи и желби.

Лусиер: Органоидот не е трениран, кодиран или наративизиран. Тој е несимболичен, афективен, емергентен. Неговиот дејствен агент е туѓ, а не театарски.


Две постхуманистички перспективи


Постхуманизмот на Аунер: Технолошка медијација, како што се машините што имитираат и заменуваат човечки гласови за да создадат културен израз.

Постхуманизмот на Лусиер: Преку материјална упорност, како што е животот (дури и без свест) може да произведе звук и значење.


Машините на Аунер зборуваат како нас. Клетките на Лусиер не зборуваат, но сепак пеат.



Comments


bottom of page