top of page

Што е квир книжевност?

  • Writer: Култура β
    Култура β
  • Jan 22
  • 4 min read

Пишуваат: Марија Велинова и Андреј Медиќ Лазаревски


На 17. декември, во кафе-книжарницата „Буква“ со Култура одржавме  Q-фоурм на тема „Колку е квир современата македонска книжевност“. По скоро еден час посочување карактеристики, разгледување на историскиот тек на квир книжевноста, издвојување и посочување на одредени книги од македонската книжевност, зборување за преводот и за издаваштвото, дискусијата заврши со прашањето: Според што се определуваат книгите како квир? Секако, како и сите пред нас, не дојдовме до конечно решение, затоа што не постои само еден одговор на ова прашање. Напротив, се споменаа многу аспекти што би оделе во прилог кога сакаме да заклучиме дали една книга е, меѓу сите други нејзини карактеристики и одлики, квир.


  1. Што ја прави една книга квир?


Клучната одлика, што воедно го поставува и темелот за градењето на книжевна содржина што би се определила како настрана, е сомневањето во и преиспитувањето на какви било општествени норми. Ова подразбира отуѓеност на ликовите од типичниот начин на функционирање на општеството и чувство на нелагодност од воспоставениот поредок, со потреба за излегување од него. Дополнително можат да се набројат уште сродни карактеристики кои спаѓаат под ова: субверзивноста на темите, ликовите, дејствијата; осветлувањето на она што се наоѓа на маргините; отфрленоста или отпаднатоста на ликовите; отворање на теми поврзани со родот и полот; истражување и ослободување на сексуалноста и нејзините неконвенционални форми; поместување на хетеронормативните очекувања; и, во најопшта смисла, прикажување на сето она што е предизвикувачко и необично.


Доколку една книга ги поседува некои од овие карактеристики, но притоа ги реафирмира и обновува стереотипите за горенаведените теми, тогаш ја губи поентата. Затоа, една од поважните нешта кога станува збор за квир книжевност е да ги руши и разбива стереотипите и да одново да го поставува дискурсот. Пристапот кон темата и ликовите игра важна улога на ова поле. Односно, може да се постигне преку прикажување на квир ликовите како вообичаени луѓе со маани и доблести, луѓе што се присутни во секојдневната средина. За оваа цел може да фунцкионира и целосно различниот пристап – преку брзо „одлепување на фластерот“ – со поставување на безмилосно субверзивни ликови кои целосно и без извинување да ги отелотворуваат и актуализираат своите светогледи во рамки на околината која, најчесто, не е толку отворена.


Временската и просторна ситуираност на приказната е, секако, конститутивен аспект на секоја книга, но во овој случај имаат дополнителна вредност. Со тоа што ќе се смести дејството временски и просторно близу до местото на издавање на книгата се доближуваат темите до изворните читатели и на суптилен начин се покажува дека ова постои сега и тука. Во спротивниот случај, кога се поставуваат временски и просторно далеку тоа може да им биде еден вид на одбранбен механизам на авторите, кој за среќа денес не се принудени да го користат.


Уште една специфика која е интересна за разгледување, но потекнува од не толку интересниот факт што за квир темите не можело отворено да се зборува. Станува збор за кодираната комуникација која помагала да се сигнализираат и навестуваат овие теми без експлицитно да бидат изнесени. На тој начин, вистинската идеја ја сфаќале само оние кои се дел од заедницата. Ваквиот вид на комуникација и корпус на зборови што се користи сè уште е присутен, иако книжевноста во светски рамки го има надминато криењето на квир темите.


Во просветителството и 19 век, поради зголемената контрола и законската забрана за хомосексуални врски и односи, авторите го користеле реферерирањето кон римски и грчки митолошки ликови како индикатор дека ликот е геј, а хетеро читателите не можеле да го препознаат значењето на кодот. Додека денес, кодираната комуникација е начин да се создаде и прикаже културата и означителите на таа култура. Така, на пример, во посовремената квир книжевност на овој начин можат да се искористат референци кон поп културата и асоцирањето со одредени музички икони.


  1. Историски однос


За македонскиот книжевен контекст ќе зборуваме во следниот текст, но за да се постави основа добро е да се помине накусо низ историјата на развојот на квир книжевноста. Во 20 и 21 век може да се забележи навраќање кон и редефинирање на одредени канонски и неканонски дела, со цел да се увиди и истакне квир нишката што дотогаш не била запазена. Додека денес се прават нови прочити на одредени книги, во минатото случајот бил спротивен, се преземале мерки за да се прикријат или избегнат таквите сегменти од книгите.


 Како пример за ова можеме да ја земеме поезијата на старогрчката поетеса Сафо која денес ја сметаме парадигматична за лезбејската поезија. Преводите на нејзините песни на англиски јазик, во 17 и 18 век, биле направени низ хетеронормативна призма и со тоа одредени именки од старогрчкиот јазик што биле во среден род биле преведени со нивниот еквивалент во машки род. Исто така, родот на лирскиот објект бил пренесуван во машки род бидејќи, многу често, нејзините љубовни песни биле читани во контекст на легендата за нејзината врска со Фаос кој е маж. Друг пример е промената на зборови во петтата приказна од десеттиот ден во „Декамерон“ од Џовани Бокачо. Во преводите, на англиски јазик, од 17 и 18 век, бил на цензуриран колоквијален израз за сперма која се однесувала на секс помеѓу двајца мажи.


Во 19 век полека се појавуваат поотворени квир асоцијации во книжевноста како, на примерм во романот „Нана“ од Емил Зола каде што има лезебјски сцени помеѓу Нана и Сатин, а секако мора да се спомене и излегувањето на „Сликата на Доријан Греј” од Оскар Вајлд. Во 20 век се случува поголемо размрдување и се пишуваат текстови кои уште поотворено ги дискутирале овие теми. Овде можат да се споменат полуавтобиографискиот роман „Иморалист“ на Андре Жид и „Морис“ од Е. М. Форстер, кој иако бил напишан во 1913/14 година, бил објавен постхумно дури во 1971 година. Овде спаѓа и творештвото на Вирџинија Вулф која со нејзиниот опус ги изместува границите и на квир и на феминистичкото поле. Може да се издвои нејзиниот роман „Орландо“ кој ја тематизира андрогиноста, а одредени  читања го толкуваат како роман за  трансродовноста.


Секако, историјата на квир книжевноста е многу поопширна, подетална и покомплицирана од ова, но овие неколку примери можат да го посочат текот и да се видат тенденциите во одредени временски периоди. Следната недела ќе го претставиме прегледот на современата македонска книжевност, како во прозата, така и во поезијата, а ќе заокружиме со мал коментар за издаваштвото и важноста на преводот на квир книжевноста. 


Автори на овој текст се Марија Велинова и Андреј Медиќ Лазаревски, тој произлезе како резултат од соработката за настанот „Q Форум: Колку е квир македонската книжевност“ со Коалиција „Маргини“ којшто и го поддржаа неговото објавување.


Comments


bottom of page