top of page

Што се чита?: „Тирза“ од Арнон Грунберг

  • Writer: Теодор Тасевски
    Теодор Тасевски
  • Jan 25
  • 4 min read

„Ако сум главен грешник, тогаш сум и главен страдалник“

Роберт Луис Стивенсон, „Доктор Џекил и мистер Хајд“, 1885


Во двете години откако постои, издавачката куќа „Илика“ нема промашено со ниту една книга, без разлика дали се зборува за изданија на домашни автори или за преводи, за фикција или за теорија, па така и со „Тирза“ на Арнон Грунберг во превод на Ацо Пероски, којашто ми е прва книга прочитана во 2026.


Слободно може да кажам дека годината ми започна со феноменален роман од жанр во кој не сум доволно навлезен, но можеби треба. Не бев сигурен што да очекувам, а не знаев ни за што се работи пред да ја почнам, па така, книгата за мене премина од семејна драма во авантуристички роман, па во морбиден трилер. 


Книгата нè запознава со квазипензионираниот уредник Јерген Хофместер и со неговиот однос со помладата ќерка Тирза (која заминува на подолго патување во Африка). Неговиот психо-сексуален однос со ќерката е клучен фактор што диктира како се одвива голем дел од сижето, но ќе се фокусирам на еден друг аспект од романот. 


  1. Углед


На прв поглед, Јерген, протагонистот на приказната, е симпатичен и посветен татко, кој, и покрај отсуството на сопругата, се обидува да ѝ пружи што е можно поудобен и посреќен живот на својата осумнаесетгодишна ќерка Тирза. Дознаваме дека вложува огромен труд во организирање и одржување на забавите на Тирза, не ѝ се меша во приватниот, ниту во љубовниот живот и генерално остава впечаток на стабилен, услужлив и либерален татко.


Затоа, кога на почетокот ќе дознаеме дека бил напуштен од страна на сопругата, не можеме, а да не сочувствуваме со Јерген, кој постојано нè убедува во сопствената пожртвуваност. Но, како што навлегуваме подлабоко, така сфаќаме колку, всушност, овој човек е предводен од идејата за тоа како треба да изгледа пред светот, наместо од емоциите (кои тој, впрочем, ги смета за болест). 


Јерген Хофместер е одлична метафора за бел човек од средната класа и тоа, попрецизно — бел маж од средната класа. Маж што смета дека парите се слобода, маж што пред своите гости и пред светот сака да претставува урнек за цивилизираност, стабилност и либералност, а во себе крие длабока крволочност, насилство и неприфаќање на другото. 


  1. Контраст


Секој гостин на семејството Хофместер секогаш бил дочекан и прифатен со достоинство, елегантност и посебно внимание; никој не останал гладен или жеден и секој бил услужен според преференциите. Тоа што се случува зад завесата е сосема друга приказна. Неговото насилство врз семејството, како и насилните „игри“ што ги водат Јерген и сопругата целосно ја негираат таа слика на повлечен и воздржан семеен човек. Понатаму, неговата сексуалност зазема една дополнителна, подлабока димензија штом ќе ни се разоткрие неговото фетишизирање на „нечистите“ или „прости“ жени. А, тука е важно да се напомене и уште една негова скриена, а можеби и не толку скриена, карактеристика – расизмот. 


Ова е доста воочливо во начинот на кој зборува за својата афера со куќната помошничка од Гана и, подоцна, во начинот на кој зборува со Касија (девојче што тој го запознава во Африка) за нејзиниот народ во Намибија и општо за населението на Африка. Свесен е за состојбата во којашто живеат некои од селаните, меѓу нив и мајката на Касија, но неговиот евроцентризам не дозволува да признае дека нивните маки ги надминуваат неговите. 


„Не може да ти одземат ништо затоа што и немаш ништо. Тебе ти е сеедно како ќе те наречат зашто ти не си ништо. Дури и кога некој би ти го прекинал животот, тоа не би те повредило. Суштински, ти си веќе мртва.“ (стр. 442)


„Вие сте веќе спасени“, вели. „Вие сте живи мртовци, овде во Африка. Ништо не може да ви се случи. Вие сте вистински неранливи, неранливи како машини, како производ, како… предмети. Вие сте надвор од секаква иднина, а со тоа и надвор од секаков очај.“ (стр. 443)


Сè на сè, кога Јерген зборува, тој не зборува само за себе, тој зборува и за белата средна класа, тој зборува и за белиот Европеец. Тој ги прикажува болката и страдањето како привилегии што не секој може да си ги дозволи; емоциите ги смета за болест, а финансиската независност за единствена прифатлива цел. Тука се зборува за човек, за народ, што во случај на финансиска криза се свртува против, и бара исклучителен виновник во секој „Мухамед Ата“. Впрочем, и самото именување на сите муслимани како Мухамед Ата од страна на Јерген не е случајно (како и при средбата со дечкото на Тирза, Чукри, кој е Мароканец и не ја следи религијата), тој одново и одново ни признава што се крие во неговата глава – непробирлива горчина спрема неприпадниците на белата раса. Јерген чувствува потреба да најде виновник во „Мухамед Ата“ за неговиот несреќен живот исто како што и Западот има потреба да најде виовници и жртвени јагниња на Блискиот Исток при секоја закана по нивната доминантност, истовремено оправдувајќи ги сите свои злодела и криејќи се под наметката на „културниот свет“. „Тирза“ на Арнон Грунберг умешно и не толку суптилно ни го илустрира овој контраст, оваа недоследност, овој човек и народ што под својата „цивилизираност“ знае да крие страшна бруталност. 


За други изданија од „Илика“ можете да си прочитате на нашата бев-страница каде што Андреј и Марија имаат убави текстови за некои од поетските збирки, а мене ми останува уште да ѝ посакам среќен втор роденден на „Илика“ и уште многу, многу изданија и уште многу, многу години со нас!



Comments


bottom of page