top of page

Осврт кон Warm Hands: сиров, нежен и автентичен звук

  • Writer: Марија Хана Трајкоска
    Марија Хана Трајкоска
  • 2 hours ago
  • 3 min read

Оваа недела од нашето едномесечно запознавање со Александар Галевски, ќе зборувам за моите импресии од Warm Hands. 


Warm Hands е соло-проект од Скопје зад кој стои Алекс Галевски: гитарист, тапанар и урбан каубоец. Музиката зема инспирација од други indie-folk состави како Sun Kil Moon и Elliot Smith, а истоимениот ЕР Warm Hands покрива теми на љубов, болка, несигурност и оттуѓување од себеси. Песните се состојат од акустична гитара и вокали кои заедно ги искажуваат овие чувства на искрен и ранлив начин. – вели Галевски

ree

Иако до сега не сум била најголем фан на инди-фолк жанрот, ми се допаѓа Warm Hands бидејќи е сиров, нежен и автентичен и само дијадата од гитара и глас може да му ја даде слободата да биде тоа што вистински е. ЕП-то кое е бесплатно достапно на Bandcamp од август 2025, е составен од 4 траки, имено Black Cat, I Cannot Help The Genetic Predisposition of The Weakening Root, Urban Cowboy и No.4 


Black Cat е првата трака од ЕП-то  и тоа ми има многу смисла бидејќи звучи како воведен кадар од филм за полнолетство и со топли раце нѐ воведува во приказната што ја раскажува ова ЕП. Вокалната линија е тивка и трепери, како да се плаши да го изусти она што му тежи, како да има грутка во грло. Стиховите се кратки, исецкани и се приметува ритмичката позадина на уметникот иако се работи за акустично дело, можеш да го извадиш Алекс од тапаните, но не и тапаните од него. Песната има само две строфи кои стихијно доаѓаат и стихијно излегуваат, а во оној краток момент додека се тука создаваат бура од емоции. 



I Cannot Help The Genetic Predisposition of The Weakening Root е втората песна, а за мене претставува заплет и кулминација на приказната бидејќи тука лежи сржта на сѐ она што Александар Галевски сака да го каже преку неговата автентична музика. Спојот од музикалност и ритмичност во песнава ме потсетува на Dave Grohl за време на почетоците на Foo Fighters. Повторно имаме срамежлив глас, но овојпат како гласот да чувствува поголема потреба да се докаже, но не знам дали пред слушателот, светот или пред самиот себе. Мене ми е омилена, можеби поради начинот на кој што е деконструирана на подкастот „Демобилизација“. Многу ми се допаѓа она што на Виктор и Ива им го споделува за оваа песна, затоа што додава суштина на песната и му дава до знаење на слушателот дека уметникот искрено ја раскажува неговата приказна преку музиката, а ние слушателите сме тука да го слушнеме и можеби во неговата приказна да си најдеме некоја наша кога нецелосно ќе ја разбереме неговата. 



Третата трака од ЕП-то е Urban Cowboy, т.е. перипетијата и расплетот. Во оваа песна авторот повторно има многу да каже, но некако како да е погласен од претходно иако сепак малку се крие зад срамежливиот и трепелив глас. Инструменталниот дел ми го дава истиот впечаток како и првата песна, односно, целосно би се совпаднал во филм како Breakfast Club каде главниот лик си заминува со крената тупаница од сцената. Душевното ослободување на авторот го гледаме преку текстот иако е доста метафоричен, криптичен и остава слобода за интерпретација. 



Последната трака од Warm Hands e насловена No. 4. Фактот што нема име, т.е. е насловена според редниот број што го носи во ЕП-то, ми дава впечаток како авторот да немал што друго да каже за оваа приказна и немал како да ја наслови песната, па затоа и дал реден број. Тоа што сакам да кажам е дека со оваа песна авторот како да почнува нова приказна и затоа ја доживувам како вовед во нешто ново, што го прави ЕП-то едно целокупно, циклично, потопно слушачко искуство. 



Иако бев скептична за Warm Hands кога излезе на Bandcamp, настапот во живо на Алекс во Стровија ми остави толку силен впечаток што решив да му дадам шанса на тоа што испадна дека е маестрално акустично дело, а ова ЕП ме инспирира да навлезам подлабоко во инди-фолк жанрот. Поради тоа, Warm Hands топло ви го препорачувам на сите, особено на оние кои не слушаат инди-фолк. Толку од мене, следете нѐ за да видите како Алекс Галевски го откопчува копчето.  



Comments


bottom of page