top of page

„Пад“ од Леонид Велковски: Секој филмоман би се радувал на оваа филмска интрига

  • Writer: Амелиа Георгиевска
    Амелиа Георгиевска
  • Aug 28
  • 4 min read

„Пад“ од Леонид Велковски: Секој филмоман би се радувал на оваа филмска интрига

Овој месец имав прилика подетално да се запознаам со млaдиот македонски режисер Леонид Велковски и неговото разновидно и експериментално филмско творештво. Наместо да пишувам една рецензија за едно од неговите филмски дела, одлучив да го споделам целокупното искуство кое што го доживеав за време на глењање на неговите три филмови: „Крај“, „Пад“ и „Под пештерната црква“. Сите три филмови имаа своја уникатна приказна, но мислам дека најголем впечаток ми остави „Пад“.


„Пад“ е тринаесетминутен игран филм кој обработува една многу моќна, сериозна и сурова тематика: врсничко насилство. Хронологијата на самиот филм не го следи филмското дејствие од почеток до крај туку скока од иднината во сегашноста. Велковски ова го постигнува со почетната сцена во самата експозиција каде протагонистот Павел излегува од лифт и на ѕидот од својот влез приметува соопштение, поточно жална вест, за Марко Трајковски. Токму ова е иницирачкиот инцидент и ние како гледачи забележуваме дека овој момент е од огромна важност за понатамошниот развиток на драмското дејствие. Сѐ уште не е воспоставена врската меѓу Павел и Марко. 


Дури кога Павел оди на игралиштето и се се среќава со другар му Стефан, спомеанто е дека двајцата придонеле до неговото самоубиство, шегувајќи се со него, снимајќи го и дерејќи му се ,,Педер!" и понижувајќи го во јавност. Тука има еден контраст помеѓу двајцата злосторници: Павел сѐ уште не може да ja прифати оваа реалност, додека пак Стефан ноншалантно и рамнодушно се помирува со фактот дека Марко се самоубил и дека самиот си наштетил на себе си. Токму во овој кадaр Велковски одлично го прикажува мотивот на духот, кој вообичаено се појавува во филмови кои обработуваат теми на: смрт, самоубиство, убиство, итн. Во кадарот не само што го гледаме Стефан во прв план, туку во позадината се појавува и Марко, кој впрочем е во фокус, без разлика што се појавува во втор план од кадарот. Таа физичка далечина меѓу ликовите е токму она што му помага на гледачот да го одвои реалниот свет од замислениот, човекот од привидот, т.е. Стефан од Марко. Мора тука да се напомене и пофали одличната актерска игра на Никола Петковиќ (Стефан). Иако се појавува само во оваа сцена од филмот, тој усшено го одглуми ноншалантниот Стефан, кој служи како еден мост, премин меѓу Павел и Марко (вистинскиот материјален свет и духовниот свет).


Вториот чин започува од телефонски разговор меѓу Павел и мајка му, која никогаш не се појавува во филмот. Функцијата на мајката може не е толку важна колку нејзиното отсуство. Самиот телефонски разговор и самото отсуство на мајката низ филмското дејствие алудира на тоа дека недостасува таа блискост помеѓу мајката и синот и дека нема воспоставена врска која се темели на доверба и безбедност. Тоа се докажува и во следната сцена каде што Павел седејќи дома, пушејќи цигара и пиеjќи пиво го гледа видеото во кое го малтретира својот врсник, Марко.


Морам да исклучително да го пофалам вниманието кое Велковски го посветува на деталите: на пример сцената во која Павел одбира лижавче од тезгата во продавницата и наеднаш се појавува Марко со лижавче во уста, покрај фрижидерите со пиво. Секој филмоман би се радувал на оваа филмска интрига. Во овaa сценa, овие два лика се отсликуваат себеси, ги имитираат своите манири.


Веќе во деветтата минута од филмот се одкрива причината кон пошироката јавност и на сите им е јасно зошто се самоубил Марко, вклучувајќи и мајката на Павел. Стефан го споделува видеото на интернет и му соопштува на својот дугар дека се ,,вирални". Додека ја гледав оваа сцена помислев на серијата „Адолесценција“ (Adolescence), во која протагонистот исто така го имаше снимено своето злодело за да добие некакво внимание, некаква валидација, повеќе лајкови, повеќе коментари. Овој феномен на врсничко насилство е нешто за кое треба да се зборува многу повеќе, затоа што за жал станува секојдневие и норма. Мислам дека режисерот на „Пад“ многу подлабоко го претстави овој проблем и многу умешно ги покажа последиците со кои се соочува еден насилник, кој малку предоцна ги забележува своите грешки, а воедно пробува со истите да се помири. Токму на крајот од филмот се забележува психичкото страдање на Павел. Го гледаме како спие и се врти во својата постела, а во позадина зуи некој звук, кој не е јасно дали доаѓа од надвор од домот, дали е ѕвончето кое го ѕвони полицијата, дали е будилникот на Павел, или пак е придружник на неговиот кошмар и не постои. 


Расплетот на филмсото дејствие започнува одма по кошмарот, откако Павел се гледа себе си во огледало и почнува да се удира по лицето, да плаче. Во еден момент плачејќи кажува: „Машките не си играат со кукли“, како да сака да се оправда и да се ослободи од таа вина која ја чувствува длабоко во себе си. Потоа прашува: „Од каде ти е тебе оваа кукла?“ Неговото реторичко прашање длабоко ме замисли и по неколку гледања на филмот заклучив  дека се обраќа на самиот себе, поточно самиот се прашува од каде му е куклата, а куклата во овој случај е самиот Марко. Павел е тој што си поигрувал со нечиј живот. Си играл со Марко, како да си играл со кукла. Во позадина на кадарот го приметуваме одразот на Марко, кој е присутен за време на овој исповед на Павел. Павел во овој момент признава дека не сакал да умре, гледајќи во огледалото и обраќајки се за на одразот од Марко кој вечно ќе го прогонува. 


„Пад“ е приказна за самото паѓање, паѓање од зграда, паѓање во депресија, паѓање (повторување) на истите стари и лоши навики, паѓање и заглавување во истиот колосек, запаѓање во истата рутина, запаѓање во дупка од која не може човек да се спаси, а во таква дупка падна Павел и ќе пробува до крајот на својот живот да се извлече од неа.


Comments


bottom of page