top of page

Бета-муабет со Леонид Велковски: Секој процес, секое правeње на филм води кон нешто ново

  • Writer: Амелиа Георгиевска
    Амелиа Георгиевска
  • 16 minutes ago
  • 4 min read

По повод учеството на младиот режисер Леонид Велковски во нашата рубрика „Лик на месец“ објавуваме интервју со него каде што Амелиа Георгиевска разговара за творечкиот процес на режисерот, за неговите краткометражни филмови, омилените филмови и следните творечки предизвици. Прочитајте во продолжение!


Амелиа: Опиши го својот творечки процес. Од каде се инспирираш? Дали прво почнуваш да ги развиваш ликовите или приказната?


Леонид: Од сè се инспирирам. Од тоа што го гледам, што го слушам, што го читам. Но, најчесто, на свесно ниво, знам да се инспирирам од луѓе. Некогаш кога ќе здогледам некој човек што ќе ме примами, веднаш размислувам на тоа дека би бил одличен филмски лик и потсвесно ја кројам неговата судбина. Некогаш кога слушам некоја приказна, што некој ја раскажува, ако ме примами, веднаш размислувам како таа приказна може да биде филмска, односно забележувам дека е филмична, има потенцијал за филм и затоа ме интересира. Си водам белешки во умот. Инаку, за инспирација треба малку. Треба само да се опсервира нешто, да се набљудува и да се вклучи имагинацијата. Нешто ќе кликне. За идеите пак не сакам да се напрегам. Некогаш ќе те најдат, некогаш ќе ги најдеш. Тоа е еден момент, кога знаеш дека нешто ти се допаѓа и не те остава на мира. Кога ќе ми дојде идејата, најчесто ја оставам да созрее, не запишувам ништо, туку е само во мојата глава. Тоа се некои слики, неповрзани, најчесто од прилика има некоја наративна линија. Се трудам да стигнам до сржта на идејата. Сметам дека тоа секогаш го има во ликот. Треба само да се пронајде. Мислам дека секогаш започнувам од ликот, ги запишувам основните црти, но знам и паралелно накратко да ја напишам приказната, да ја извадам од себе, за потоа свесно да работам со нејзе. Ликот и приказната се поврзани и едното без другото во никој случај не можат. Откако ќе ги направам првите чекори и знам што сакам понатаму да постигнам, свесно или несвесно приказната самата си се составува. За некои работи треба повеќе размислување, за некои работи едноставно знаеш дека функционираат или не функционираат. Сметам дека секој процес е различен и дека секогаш има нешто што повеќе ќе те мачи или нема да те мачи. Некогаш си повеќе строг кон себе, некогаш не, но е процес и низ тој процес постојано осознаваш. Откако ќе напишам нешто целосно, сакам да го оставам  повторно да созрее и да создадам одредена дистанца, за да добијам некоја објективност, а потоа се навраќам на напишаното и сфаќам што не ,,штима'', па се трудам да го нивелирам. Некои приказни и идеи треба само да се остават, да си зреат, бидејќи можеби не им е дојдено времето. Тоа е лична проценка, само треба да се пишува. Тоа е најважно.


А: Кој филм што си го режирал до сега е твојот омилен и зошто?


Л: Немам омилен филм што сум го режирал. Секој процес, секое правeње на филм води кон нешто ново. Откриваш нешто ново и созреваш. Мислам дека сите ми се мили на некој начин. Знам каде сум можел подобро, знам што ми се допаѓа и знам што не ми се допаѓа. Треба одредена дистанца, за да се сфатат одредени нешта. Најважно ми е дека сум кажал нешто со филмот. Некои работи не треба да се сфаќаат премногу лично и сериозно.


А: Кој е твојот омилен филм? Кој е твојата инспирација?


Л: Сигурно не е еден. Мене повеќе ми се допаѓаат одредени правци и одредени режисери. Во главно европската кинематографија, артхаус киното и американската независна сцена. Го почитувам Холивуд, тие се добри мајстори, раскажувачи и занаетчии, а азиската кинематографија воопшто има извонредни автори и приказни. Треба да се гради вкусот. Знам да бидам догматичен, но се трудам да гледам и филмови кои мислам дека нема да ми се допаднат. Понекогаш се изненадувам. Некогаш сакам да гледам холивудски блокбастер, некогаш сакам да гледам поетски или метафизички филм или тешка социјална драма, некогаш и ситком, со добар британски или американски хумор. Но, ме примамува сето она кое што не влегува во калапот, кое е малку изместено, надвор од раскажувачката норма. Можеби е тоа експерименталното кино и сè измеѓу. Нешто во тоа ме предизвикува да истражувам понатаму.


А: Во ,,Пад" пораката беше јасна: последиците на врсничко насилство, која порака сакаш да ја пренесеш преку истиот?


Л: Процесот на созревање, сфаќањето на последиците од ,,грешките'', соочувањето со себеси. Некогаш едноставно некои работи не можеме да ги исправиме, не посебно од минатото. Истовремено и психологијата на насилникот. Тој постои во секој од нас, само треба да станеме свесни за тоа. Секој насилник има нешто кое го мачи, кое го повредило и таа агресија ја изнесува врз друга личност во која можеби се препознава. Насилникот е исто така човек. Демистификација на насилникот.


А: Зошто во филмот ,,Пад" родителите, поточно мајката не е присутна? Дали тоа може означува дека не е присутна во животот на Павел?


Л: Таткото е починат, а мајката се грижи колку што може. Павел се грижи самиот за себе. Да, буквално и метафорички Павел е оставен самиот на себе. Но, тоа и не е толку лошо, бидејќи на тој начин презема одговорност, што е дел од растењето.


А: Кој е твојот следен проект? На што работиш во моментов и дали сакаш да споделиш некои детали?


Л: Во моментов се трудам да работам на два проекта. Едниот е документарен, другиот е игран. Ќе бидат краткометражни филмови. Сценариото за играниот се крчка. Документарниот е исто така во почетна фаза, но полека веќе влегува во продукција. Не би откривал ништо повеќе. Треба да го видиме крајниот резултат. 


Comments


bottom of page