Бета-муабет со Денис Шкофич: Во поезијата јазикот се доближува до магијата
- Култура β

- 3 days ago
- 9 min read
Интервју и превод од англиски јазик: Ивана Јовановска

Словенечкиот поет, прозаист и книжевен критичар Денис Шкофич гостуваше на 6. Скопски поетски фестивал каде беше промовирана неговата трета поетска стихозбирка „Тускулум“ пред македонската публика. Станува збор за издание на ПНВ Публикации, во превод на Драгана Евтимова, кое беше причина да поразговараме не само за неговата последна книга, туку и за односот меѓу пишувањето и историјата, личните приказни и колективното минато кои се определени од јазикот, сеќавањето и потребата за раскажување во поетска форма. Во разговорот со Шкофич кој за неговото творештво ги има добиено некои од најзначајните награди за поезија во Словенија, го истражуваме и авторското себеспознавање и улогата на поетот денес, во свет кој драматично се менува и секојдневно ја покажува својата суровост, но и потреба од уметност како закрила, но и бунт против стварноста која не е нималку поетична.
Ивана Јовановска: Како дел од „Скопскиот поетски фестивал“ во превод на македонски беше промовирана твојата трета стихозбирка „Тускулум“ пред македонските читатели – текст кој изобилува со симболика и слоевити слики. Како се формираше овој поетски текст и каква улога има поетиката на просторот во обликувањето?
Денис Шкофич: Пред многу години, разлистувајќи еден речник, наидов на терминот „тускулум“ кој целосно ме маѓепса, па го запишав во тетратка заедно со другите зборови кои ми го привлекоа вниманието. Некое време подоцна, исто така ги открив „Тускулански расправи“ од Кикерон, па и двете заедно ми се вкоренија во свеста. Ова беше околу периодот кога работев на мојата втора поетска стихозбирка, „Посегнување“. Меѓу последните песни кои ги напишав тогаш, имаше една во која го искористив зборот „тускулум“. Ја вклучив во стихозбирката, но по разговор со уредникот, на крај одлучив да ја тргнам. На крај, не заврши ни во поетската книга која беше именувана по зборот со кој завршува. Откако ги напишав песните „Народен обичај“, „Господарот на мувите“, „Дива мачка“, „Пуст“, „Oбред“ и „Атлас“ сфатив дека пишувањето ме води мене, и тоа е моментот кога ja скицирав структурата на книгата и одбрав наслов кој остана непроменет. Откако ја напишав песната „И сепак се врти“, кратко размислував да го променам насловот по неа, затоа што ми изгледаше дека покажува дека ги имав на ум цивилизацијатата и нејзините достигнувања, како и нејзините грешки и тенденции кон повторување. Сепак, одлучив да се држам до насловот „Тускулум“, кој не само што звучеше подобро, туку можеше да биде толкуван на повеќе начини. Еден од тие начини е дека наоѓаме засолниште во цивилизацијата, затоа што претставува безбедно и удобно засолниште за нас, иако многу нешта во неа се токму спротивното. Оттука, збирката се занимава со цивилизацијата, нејзините достигнувања и заблуди; но како и да е, ако зборуваме за поетиката на просторот на која се однесува прашањето, тоа се случува преку примерот на средината која ја знам најдобро – Прекмурје, регионот каде што пораснав. Токму затоа книгата е проткаена со неговата историја, јазик, обичаи, култура и последно, но не помалку важно, луѓето кои живеат на овие простори. Од друга страна, уште од мојата прва поетска книга, го проширувам фикционалниот простор со своја сопствена митологија која сум ја создал. Истото се однесува и на книжевните ликови и предмети, тие се движат од една поетска книга во друга. Тоа е имагинарен пејсаж кој потсетува на Прекмурје, што го изградив на сличен начин како Јокнапатафа од Фокнер, Макондо на Маркез и Санта Марија на Онети. Поради ова, сите мои поетски книги функционираат како трилогија. Најголем дел од нив раскажуваат приказна или отсликуваат сцена сместена во сегашноста, но бидејќи сакав да изградам чувство за универзалност, импресијата дека човечкиот живот, неговиот пат, копнежи и желби се секогаш исти, ги испреплетов со архетипови и алузии кои го будат ова чувство на универзалност кај читателот.
И: „Тускулум“ не е само игра со интертекстуалноста, повеќезначноста, митологијата и традицијата кои го истакнуваат поетското, туку и длабоко истражување на човекот и човечкото, како и други универзални теми и прашања. Во оваа смисла, како оваа стихозбирка ги предизвика твоите согледби за потребата од (лично) засолниште, потребата за личен „тускулум“ кој како да го губи своето значење во денешната презаситувачка врева на светот?
Д: Надоврзувајќи се на главната тема, дека цивилизацијата претставува безбедно засолниште за нас, а сепак често е точно спротивното, во стихозбирката ги истражувам „личните тускулуми“ кои ги создаваме за да се скриеме од вревата на секојдневниот живот. Сите го правиме ова, но овие безбедни прибежишта се разликуваат од личност до личност, како што се гледа и од главните протагонисти во стихозбирката. Во процесот на пишување, сфатив колку се важни овие засолништа за нашите животи, а истовремено колку кревки и залажувачки се тие, и кога ќе се срушат, брзаме да создадеме нови. Затоа, никако не би рекол дека тие места го губат нивното значење во денешниот свет; напротив, тие се зголемуваат. За мене, тие местасе литературата и природата; се повлекувам во нив да најдам мир и време за рефлексија, не за да избегам од светот.
И: Помеѓу минатото и иднината, насилството и губењето на човечноста, сведочиме циклуси на постоење кои деконструираат многу важни нешта како вербата во другиот, во мирот, слободата и поезијата. Сепак, оваа поетска збирка покажува дека ти како автор не ја губиш вербата во јазикот како алатка. Можеш ли да ми кажеш нешто повеќе за јазичната разноликост која ја користиш во „Тускулум“ и како таа ти помогна да го изградиш твојот поетски свет во неа?
Д: Јазикот ја чува и рефлектира целата наша култура, национално минато и иднина, просторот во кој живееме, нашиот социјален статус, интереси, нашите копнежи, стравови, достигнувања и несуспеси. За да го илустрирам ова, морав да користам секакви варијанти на јазикот во моите песни, од регионални како дијалектот на Прекмурје, кој е мојот мајчин јазик, до социјалните, како литературниот јазик кој е стандардна верзија на јазикот со свои правила. Ова е највидливо во песната „Народен обичај“, која, меѓу другите нешта, зборува и за создавањето на општество кое со текот на времето, повторливо уназадува во највисоката форма на насилство – војната. На почетокот, развојот на општеството е отсликан преку употребата на дијалект, но како што општеството се разбива и одредени закони и забрани се оформуваат и ситуацијата станува потензична, дијалектот, соодветно – најпрво градациски, а потоа забрзано се трансформира во стандарден јазик кој е точно определен од правила запишани во граматиката, речникот, пишувањето и изговорот. Јазикот очигледно рефлектира каква била нашата историја, под чии правила сме живееле, во што сме биле вклучени, какви ритуали сме развиле и каков социјален систен сме создале. Индивидуалните унгарски, германски и српско-хрватски зборови кои незнајно ги користиме на дневна основа – на пример во Прекмурје, не се вкорениле само од чиста убавина. Ако го земеме за пример зборот „kefa“ кoj на дијалектот на Прекумурје значи истовремено и убава жена и четка, кога се користи како глагол може да се однесува не само на четкање, туку и на брзо одење и на сексуален однос, откривајќи на тој начин многу за општеството. Во секојдневната употреба, ние не сме свесни за тоа колку длабоко се испреплетени со значење некои од зборовите што ги користиме, ниту дека одредени фрази некогаш биле оригинално метафори, но сега се дел од нашето секојдневие. Не сме свесни колку јазикот го определува социјалниот статус, како ги разоткрива професиите или нашите интереси. Свесни сме само дека јазикот „издава“ од кој регион доаѓаме, но тоа е само површината. И овде е точката каде литературата навлегува подлабоко, допира подлабоко, затоа што за неа јазикот не е само средство за комуникација, туку алатка која креира нови светови, или на некој начин го реобмислува светот и општеството во кое живееме, додека истовремено ни ги изложува неговите механизми. Особено во поезијата, би рекол дека јазикот, спореден со неговата основна употреба, извинете за клишето, се доближува до магијата.

И: Што бара „Тускулум“ од читателот кој се сретнува со оваа книга за првпат?
Д: Како што веќе споменав, во оваа стихозбирка сакав, на некој начин, да зборувам за цивилизацијата што ние како луѓе ја создадовме; во овој чин го имав повеќе или помалку на ум Западниот социјален систем, од чиј дел се некои интелектуални концепти – филозофски, научни, политички, културни и слично, по кои живееме и низ кои се обидуваме да го објасниме светот или да му дадеме значење за нашите животи. Низ образованието или индиректно, го стекнуваме ова знаење и овие обрасци кои ги интернализираме. Поради ова, во стихозбирката се испреплетени бројни референци – не само книжевни, туку митолошки, библиски, пикторијални, филмски, историски, научни и други. Сите тие се доказ за напредокот на цивилизацијата и истовремено, градат блокови без кои таа не би постоела. Низ историјата, конкретни погледни и системи се докажале – или се покажуваат како погрешни, поради што во самата збирка вклучив некои поими во кои лирскиот субјект верува, како убедувањето дека титанот Атлас, познат од грчката митологија, го држи светот. Во реалноста, сепак, тој го држи небесниот свод. Оваа погрешна претстава се раширила поради начинот на прикажување на Атлас во Меркатовиот атлас од 1559 година. Или да цитирам уште едно вакво погрешно убедување – го оставив лирскиот субјект со верувањето дека ноктите и косата подолжуваат да растат дури и по смртта, верување кое го споделуваат прилично многу луѓе. Не ја осмислив оваа збирка само за начитаниот читател туку на начин да, низ нејзината универзалност може да зборува со секој кој навлегува во нејзиниот свет полн со архетипови. Сепак, колку поначитан е читателот, толку повеќе слоеви му се откриваат, толку поголем свет може да види.
И: Дали веруваш во книжевен текст кој ја избегнува суровоста на светот денес? Каква е улогата на поезијата во времињата во кои живееме и каква е твојата позиција како автор во поглед на ангажираната книжевност денес?
Д: Не гледам ништо погрешно во книжевни дела кои не ги адресираат моменталните проблеми; ги читам за да проценам дали литературно ги задоволуваат рамките кои ги поставиле за себе. Од друга страна, тешко е кое било дело да се реализира себеси без, на некој начин, да допре или да го рефлектира времето во кое е создадено. Има доста книги кои, низ годините, покажале дека зборуваат повеќе за нивните времиња одошто оние кои директно ги тангирале проблемите на денешницата. Второ, токму поради директниот пристап, тие обично не го поминуваат тестот на времето. Затоа верувам дека добрата литература мора да ги адресира проблемите на своето време на начин на кој го лови и она што е универзално во нив. Се држам до овој принцип и во моето пишување исто така. Живееме во време кога сè е насочено кон брзото конзумирање на секакви видови информации , без разлика дали вербални или визуелни, тоа нема значење, или таму каде што има значење, тоа е многу вештачко или пак лажно. Да не ја споменувам вештачката интелигенција и нејзината сè поголема улога во нашето секојдневие, и последно но не и помалку важно, нејзиното влијание на перцепцијата на сите видови уметничко создавање. Сведочиме кршење на моралните вредности и демократските системи, и најпосле, на самото човештво. Во вакви времиња, ми изгледа дека поезијата има важна улога, бидејќи нè тера да направиме пауза и да погледнеме во себе, да го рефлектира светот и улогата која ја играме во него. Очекува од нас да се вклучиме во него и на емоционално и на интелектуално ниво, исто како што очекува да ги пополниме празните седишта во публиката. Последно, не соочува со комплетно различна фунција на јазикот од онаа што ја знаеме од секојдневието, каде нејзината примарна улога е пренесувањето на информации.

И: Што се менува во твојата поезија кога таа добива живот на друг јазик и со тоа отвора нов свет и комуникација меѓу тебе и читателите од друг јазик? Што ти значи лично тоа што твоите песни сега се преведени и на македонски?
Д: Верувам дека секој превод, особено кога станува збор за стихозбирка, е целосно нов свет кој зависи најпрво од способноста на преведувачот. Затоа што тој мора да најде културни и лингвистички еквиваленти, соодветни фрази, и да ги реши сложувалките од игри со зборови и метафори во јазикот за делото да може да ја види светлината на денот и неговата моќ во рамки на тој јазик и култура. Затоа многу ја ценам работата на преведувачите и чувствувам дека не им оддаваме доволно признание. За жал, не зборувам македонски, што мислам дека е штета, но според преписките со преведувачката Драгана Евтимова, убеден сум дека направила многу добра работа. Затоа сум и многу благодарен неа, како и на Јулијана Величковска која одлучи да ја издадат книгата со ПНВ Публикации и да ѝ направат толку прекрасна корица. Преводот на македонски ми е значаен, особено затоа што е мој прв превод на друг јазик од словенската група јазици. Истовремено, мислам дека е голема чест што мојата стихозбирка добива свој живот на јазикот кој создал такви ремек-дела како „Папокот на светот“ на Венко Андоновски или прозата и поезијата на Лидија Димковска, каде поезијата има посебно место и била славена низ годиниве преку исклучителниот интернационален фестивал Струшки вечери на поезијата.
И: Од каде произлегува твојата потреба за пишување денес и што ја одржува? Што ја обликува и ѝ дава нови форми, а ти го гледаш како неопходно и за тебе како автор, но и за тебе како човек?
Д: На некој начин, преку пишувањето поезија се обидувам да му дадам смисла на светот и мојата улога во него. Инаку, пишувањето зазема многу мал дел од мојот живот, бидејќи читам многу повеќе одошто пишувам. Но, кога пишувам, тоа се случува во бранови или во изблици. Понекогаш поминувам месеци мислејќи на одредени теми и мотиви, кои се поттикнати од одредена конкретна слика, па седнувам да напишам песна на хартија или на компјутер. Во текот на тие периоди, низ една недела или две, понекогаш трае и подолго, различен број на песни се надоврзуваат, понекогаш е само една, но понекогаш и десет. Тогаш ми е потребно некое време повторно за конкретни мотиви и теми кои ме интересираат и ми ги окупираат мислите да се насоберат. На некој начин, создавам во циклуси. За мене, стихозбирката не е само збир на песни напишани во одреден период, туку една кохезивна целина каде песните се како поглавја во роман, во кој различни наративни нишки и централни мотиви се преплетуваат, поврзувајќи се со главните теми на делото. Истовремено, се држам до принципот – бидејќи поезијата, поради нејзината формална и семантичка отвореност, го дозволува ова, да ја откријам содржината на формално ниво.





Comments