top of page

БЕТА-МУАБЕТ со Александра Спасеска: Работата на овој роман ме омоќи како авторка, како преведувачка и како жена

  • Writer: Андреј Медиќ Лазаревски
    Андреј Медиќ Лазаревски
  • 1 hour ago
  • 8 min read

Крајот на минатата година, издавачката куќа „Илика“ ја збогати својата едиција на современа проза со романот „Дух во грлото“ од ирската писателка и поетеса Дорин Ни Грофа. Преводот на романот го направи македонската поетеса и преведувачка Александра Спасеска со којашто разговараме за ова нејзино преведувачко првенче, за процесот на преведување, преведувачките предизвици, работата како преведувачка, но и за нејзината авторска работа како поетеса.


Инаку, станува збор за еден поетски и феминистички роман бидејќи неговата приказна се движи помеѓу две главни наративни линии што истовремено доминираат во романот на Ни Грофа. Најпрво, тоа е феминистичката линија или линијата на женското писмо во романот што главно е посветена на темата на мајчинството, имањето деца, процесот на раѓање, со посебно акцентирање на доењето. Оваа тема, дополнително се поврзува со поетичката тема во книгата и потрагата по загубената песна на ирска писателка со име Ајлин Дов Ни Конел. Токму оваа потрага е втората линија во „Дух во грлото“, тоа е една книжевно-поетичка-поетска тема со која, пак, акцентот е ставен на книжевноста како таква, на занимавањето со превод, истражувањето на книжевноста и потрагата по загубениот женски глас на една култура.

Овие две линии чии наративи течат паралелно, во еден момент се испреплетуваат креирајќи т.н. женски роман за книжевноста, но и силно книжевно дело за женскоста. Тоа е така, бидејќи како што споменавме, на пример, темата на доењето, тешкотиите коишто ги има главната хероина со мајчинството и со одгледувањето на децата се поврзува и се отсликува со книжевната страна на приказна и со интересот на хероината за загубената поема на Ајлин Дов и тешкотиите што ги има со пронаоѓањето детали за нејзиниот живот, постоење и творештво. Потоа овие две линии се испреплетуваат бидејќи во еден дел од романот има и една опсежна анализа на семејството на Ајлин Дов низ чија историја, практично, Ајлин ја нема, па нараторката и главниот лик на романот го даваат гласот на загубената авторка и одново го оживуваат нејзиното творештво. И третото поврзување што постои во романот е со поемата на крајот на романот – впрочем, тоа е загубената поема на Ајлин Дов што книжевно се реактуализира во овој роман, но притоа и во неа има силен феминистички набој и поемата како и целиот роман одново се занимава со женското писмо, силната феминистичка тема и бидувањето авторка во едно патријархално општество.


Андреј Медиќ Лазаревски: Најпрво, сакам да те прашам, како ти го доживеа романот „Дух во грлото“? Што тебе лично ти значеше романот? Колку ти е близок до твојот книжевен сензибилитет?


Александра Спасеска: Уште од првото читање на романот бев фасцинирана, пред сè, од гласот со кој пишува Дорин Ни Грофа. Различен од сè што дотогаш сум прочитала, и тематски и стилски. Бидејќи првото читање ми беше наменско - за да одлучам дали сакам и можам да се нафатам да го преведувам, а не стануваше збор за книга што ми ја препорачале или на која сум наишла истражувајќи или случајно во книжарница - ме изненади инстиктивниот порив да ја преведам Ни Грофа и да ја препеам Ајлин Дов. Дорин ми беше ново и возбудливо четиво особено со пластичноста преку која го доловува мајчинството, а Ајлин ја почувствував преку тажалката, пеење што ми е блиско во поглед на литературата што ме формирала мене како поетеса. Двете заедно се една моќна симбиоза што висцерално трогнува и влече да продолжиш да читаш, восхитувајќи им се на посветеноста да ги зачуваат од заборав нивните мисли, чувства и искуства на умешен и непобитно женски јазик. На многу полична нота, моќта на тажалките како катарзичен крик преку кој се справуваме со смртта на блиските ме поврза одново со баба ми на која се сеќавам како ревносно редеше тажалки, на нејзината плачна песна во која наоѓавме утеха во време на голема лична загуба. 


Андреј: Реков погоре дека станува збор за еден поетски роман – преовладува темата на книжевноста, загубената поема којашто на крајот се пронаоѓа (па правиш и препев), генерално низ целиот роман се зборува за авторката Ајлин Дов Ни Колен. Од друга страна, пак, романот има и една силна феминистичка страна, типичен е за женското книжевно писмо, се занимава со мајчинството, доењето итн. Како гледаш на ова умешно испреплетување на овие теми? Што тие за тебе значат на едно лично ниво? 


Александра: Често го слушаме и читаме терминот „женско писмо“, но овој роман беше првиот текст за кој непоколебливо реков и секогаш ќе кажувам дека е токму тоа - женско писмо. Веднаш се слеав со текот на мислата на Ни Грофа бидејќи таа пишува како што размислува: со набојот на толку многу испреплетени доживувања, со мноштво „отворени табови“ во главата, од навидум банални секојдневни обврски, преку процесирање на емоции (свои, и туѓи!) до секогаш одново разбудена љубопитност и страст за животот. Целиот роман е тивко сведоштво за тој невидлив умствен и физички товар што го обременува секојдневието на многу жени, за несносливоста на женското постоење, без обид да се тривијализира или да се направат помпезни истрајноста и пожртвуваноста на жената како нејзини најсилни адути, како што често се правело и уште се прави со женските ликови во литературата. Ни Грофа е целосно ослободена од ограничувањата - наметнати и интернализирани - на пишувањето проза онака како мажите пишуваат и/или сметаат дека треба да се пишува. Целосно е ослободена од товарот на допадливоста. Со должна почит на авторките пред неа, секако не е прва, но со сигурност е различна. Тоа што и самата е поетеса (ова ѝ е прв роман), само го збогатува нејзиниот веќе раскошно лирски израз и тоа придонесува за леснотија во читањето дури и на најутробните делови од романот. Можам слободно да кажам дека работата на овој роман ме омоќи како авторка, како преведувачка и како жена.



Андреј: „Дух во грлото“ е твое преведувачко првенче. Каков предизвик беше да се преведе овој роман? Колку време работеше на него? Што ти беше она што ти беше особено предизвикувачки, што ти претставуваше тешкотија? Што ти беше важно и што најмногу го сакаш од овој преведувачки процес?


Александра: По повеќе од 15 години работа како преведувачка во печатени и дигитални медиуми, а истовремено препејувачка на низа македонски поети и поетеси на англиски, преведувањето на роман за жена која преведува следуваше како многу природен тек на нештата. Како што Дорин се опседнала со Ајлин, така и јас се опседнав со неа и се вложив максимално за да им овозможам и на читателите да се опседнат со нив. Се надевам дека успеав во тоа. Повеќемесечната работа почна со обемно истражување и за двете, но и за ирската историја и литература. Истражувачкиот процес провејуваше и низ преведувачката работа, честопати со повеќечасовно губење во многу текстови, видеа и речници, отворени табови во компјутерот и во главата. Верувам дека секој посветен преведувач поминува низ тие процеси, а за мене беше едно многу обогатувачко искуство во кое често толку се претопував што сè друго што правев беше само позадина на преведувањето. Прекинував нешто друго што правев кога ќе ми дојдеше некој „а-ха!“ момент и неретко се будев со решение за некој израз околу кој претходно сум тапкала. Најголем предизвик беше да ги пренесам и наштимам во точниот регистар различните реалности на Дорин преплетени со нејзиното обременето барање, преведување и (не)наоѓање на Ајлин. Тој наизменичен премин од една во друга состојба на умот, скокот од главата на едната во главата на другата жена и сите нивни верзии. Најтешка беше транскрипцијата на имињата, за што ѝ сум многу благодарна на Аура Кенеди, млада едукаторка со ирско потекло која безрезервно се вложи да ми помогне. Многу ми беше важно да им останам верна на Дорин и Ајлин и начинот на кој тие се изразиле, но и на читателите  - за да ги доживеат нивните приказни на својот мајчин јазик, без притоа да се изгуби автентичноста.


Андреј: Што е она што ти е посебно драго во работата како преведувачка? Колкава е одговорноста да се пренесе туѓ глас на сопствениот јазик? 


Александра: Без преводите ќе сме биле толку сиромашни, не ќе сме знаеле за толку многу светови. Тоа го кажувам како читателка. Како преведувачка, секогаш тргнувам од старата италијанска поговорка што не случајно вели „Traduttore, traditore“ (Преведувач, предавник). Никогаш нема да бидеме целосно верни на оригиналот, но мора да ја вложиме целата наша кадарност - научна и човечка - да го доближиме оригиналниот текст на јазикот на кој преведуваме. Кога преведуваме на мајчиниот јазик, влогот е уште поголем. Затоа ако потфрлиме, „предавството“ е поголемо. Преводот е понекогаш магичен процес, и самите ќе се изненадиме како некои невидливи раце ги коваат зборовите и фразите во нашата глава. Таа магија, секако, не е можна ако преведувачот не чита гладно, ако не е неуморно љубопитен, ако не се сомнева, дури и дрско понекогаш. Да разбереш текст кога го читаш на туѓ јазик е знаење, да го преведеш е мајсторија.


Андреј: Кои се книгите или авторите што би сакала да ги пренесеш на македонски јазик? Дали работиш на некој нов превод или, можеби, препев?


Александра: Мојата секојдневна работа подразбира постојано преведување и толкување, а кога читам за задоволство преведувачката во мене будно следи. „Клетвата“ на преведувачите е да го преведуваат во глава секој прозен текст или стих што ќе им се допадне, веднаш почнува да вртат тие запчаници. Тоа, чинам, доаѓа од поривот да се сподели восхитот за исклучително парче литература, да им се доближи на што е можно повеќе луѓе тој глас што сме го слушнале, да го ослободиме тој „дух во грлото“. Се зафатив, од лична фасцинација, да препеам неколку песни од книгата New and Selected Poems (2024) од американската поетеса Мари Хау, добитничката на Пулицеровата награда за поезија за 2025 година. Додека го работев преводот на „Дух во грлото“, Дорин Ни Грофа го објави нејзиниот втор роман, „Said the Dead“, па одвај чекам да го прочитам. Се надевам дека ќе успееме да ги добиеме правата за преводи на двете книги и ќе ја имам привилегијата да работам на нив. Во меѓувреме, со задоволство работам на препеви од македонски на англиски на песни од новата генерација македонски поети кои одвај чекам светот да ги запознае.

Андреј: Важно е да се праша и околу уредувачкиот процес и работата со тимот на „Илика“. Имаш зборувано за твоето убаво уредувачко искуство со издавачката куќа „Илика“, па какво е искуството при работата со нив како преведувачка? Колку е важно уредувањето како процес по преведувањето?


Александра: Искуството со уредувачкиот тим на „Илика“ повторно беше прекрасно. Тие веќе ги имаа правата за превод на наградуваната книга „Дух во грлото“, што зборува за исклучителниот вкус и визија на уредниците за она што сакаат да ѝ пласираат на македонската читателска публика. Благодарна ѝ сум на уредничката Катерина Шекутковска што ми ја довери за превод оваа книга, познавајќи го мојот сензибилитет, а на уредникот Ацо Перовски за неуморната работа во целиот процес и што трпеливо ги читаше моите мејлови испратени во 3 наутро со измени што ми дошле „на сон“. Многу ми беше важно што ја имав временска удобност за работа на преводот и што го охрабрија мојот стил на превод и препев. Уредникот е тука да те врати „на точниот курс“ ако преводот почнува да станува технички или повторлив (што се случува после интензивна работа или ако си ги прецениш силите), да ти ги преиспита изборите (почесто да те осигура) и да преговара со лекторите (хахаха). Секој следен пар кадарни очи што го гледа преводот го прави текстот подобар.



Андреј: Во 2024 година, исто така во издавачката куќа „Илика“, ја објави твојата втора стихозбирка „Координати на болката“ за којашто ја доби и наградата „Антев златник“. Како си задоволна од приемот на твојата поетска збирка од страна на публиката? Како ја чувствуваш збирката сега? И дали работиш на некој нов поетски концепт?


Александра: Многу ме радува што „Координати на болката“ е топло и срдечно прифатена од читателите и со задоволство можам да кажам дека подготвуваме второ издание на стихозбирката. „Илика“ организираше промоции на книгата во неколку градови низ Македонија и работиме на уште гостувања и со другите автори на издавачката куќа со кои ќе придонесеме за децентрализација на книжевните настани од главниот град. Книгата ми е многу драга и се гордеам со целиот тим што работеше на тоа да биде лична каква што е. Благодарна сум за секое споделено доживување на моите стихови од читателите и се радувам секојпат кога некој ќе си открие своја координата преку која ќе стигне до спознавање на своите емоции. Работам на нова збирка поезија со која излегувам од „удобноста“ на она по кое се препознатливи „Прости песни“ и „Координати на болката“ и попатно учам да пишувам раскази. За тоа многу помагаат групните уреднички работилници што ги организира „Илика“, каде одново ме восхитува силата на заедницата и спознанието колку може да научиме едни од други ако сме отворени да бидеме ранливи.


Comments


bottom of page