top of page

БЕТА-МУАБЕТ со Васја Мицковски: Сакам да бидам дел од оваа нова уметничка преродба

  • Writer: Андреј Медиќ Лазаревски
    Андреј Медиќ Лазаревски
  • 12 minutes ago
  • 13 min read

Васја Мицковски е млад автор којшто пред скоро време го објави својот прв роман „Сета боја зад црнината“ во издание на издавачкиот центар „Три“. Станува збор за роман што умешно го следи крајот на животот на еден возрасен руски ликовен уметник кој во животот не успеал да направи изложба. Истовремено, него го следат многу непогодни политички ситуации во однос на неговата уметност бидејќи во општествата каде што се движи (во Русија и во Франција) одредена револуционерна група ја смета ликовната уметност за аристократска и ствар на богатите против што оваа револуционерна група се бори. 


Покрај оваа приказна, се развива и љубовна приказна помеѓу ликовниот уметник и неговата несудена сакана Олга во типичен наратив за неостварена љубов која кон крајот на животот конечно се остварува и остануваат заедно сè до смртта. Иако за ваквата типична љубовна приказна се очекува да биде патетична, сепак Васја успева тоа да го направи на крајно непатетичен, смирен и непретенциозен начин при што љубовната приказна ја надополнува онаа за животот на сликарот. Уште нешто што е значајно за овој роман е неговата интермедијалност. Имено, целиот роман е преплетен со колажи и илустрации од Дариа Илиевска и Јана Самарџиева кои визуелно го дополнуваат романот. Приказната е надополнета со куп референции и осврти на други книжевни дела, како и на значајни философи и философски концепти што ѝ даваат на приказната дополнителна исполнетот и значење.

По повод објавувањето на романот разговараме со Васја!


Андреј Медиќ Лазаревски: Најпрво ти благодарам за одвоеното време и ти честитам за објавувањето на романот! Па, за почеток, сакам да те прашам како се чувствуваш по онбјавувањето на романот и по неговата промоција? Каков е фидбекот на читателите, што ти кажуваат оние кои го прочитаа „Сета боја зад црнината“?


Васја Мицковски: Ти благодарам за инспиративниот осврт, Андреј. Мошне веројатно сѐ уште ги собирам и интерпретирам сите импресии од самото објавување – се навраќам на сиот процес секојдневно и напати потсвесно. Можам да кажам дека се наоѓам во состојба на духовна прелест. Среќен сум и горд на себе и на сите кои беа вклучени во овој, за мене најзначаен проект. Среќен сум што луѓето ја препознаа моќта на уметноста, што книгата отвори нови гледишта кај читателите уште во првите мигови по нејзиното отелотворување, дословно речено, а тоа воедно во мене влева надеж дека читателите и, воопшто, сите уметници сѐ уште располагаат со духот и желбата да восприемат различни мислења, да се соочат со реалноста и да се постават да иницираат промени. Речиси сите читатели на романот досега го имаат споделено истиот впечаток: „Додека го читав делото се чувствував како постојано да сум прогонуван, исто како главниот лик, а кога го завршив како да падна сиот товар од мене“. Тоа за мене значи дека делото го задржало нивното внимание и дека револуционерната порака која е длабоко проткајана во страниците допрела до публиката. Фидбекот е навистина позитивен, но најмило од сѐ ми е тоа што читателите вистински ја разбраа и, можам да констатирам, впија замислата за романот, се ставија во кожата на еден прогонет уметник, а со тоа, во кожата на секоја поединечна единка во општествената заедница.


А: Романот го следи крајот на животот на еден руски ликовен уметник, како и неговата животна историја. Преку овој лик разглобуваш одредени ставови за уметноста, философски и естетички проблематики, даваш видување на повеќе различни уметнички концепти. Оттука, како работеше на конципирање на твојот главен лик, од што сѐ тој се состои и што тој претставува на едно пошироко ниво?


В: Ликот на Фјодор Вјаземски – централниот лик во „Сета боја зад црнината“ всушност претставува свое сопствено, поединечно уметничко дело. На него работев слично како што сликар работи на своите пејзажи. Со помош на бојата (збиднувањата, перипетиите, дисконтинуираното дејство проткајано низ пресеците меѓу хронолошката и ретроспективната сижејна линија), четката (ликовите во романот и нивните меѓусебни односи) и водата (историскиот контекст и сите емоции кои служат како урнек за Фјодор), јас во сиот процес на пишување главниот лик го третирав како слика. 


Првенствено, заодот на неговиот живот е претставен на самиот почеток од делото, и тоа, во 2040 година: Фјодор лежи во болнички кревет во Париз и го набљудува светот кој нималку се нема променето. Во сржта на таа циклична природа на перцепцијата на уметноста и смислата на постоењето подлежат токму философијата и естетиката. Главниот лик – изнемоштен старец, веќе не може да ја поднесе состојбата во која се наоѓа, па излезот го наоѓа во навраќањето, во реминисценцијата, на сличен начин на кој човекот спасот го наоѓа во постојаното преиспитување, во созерцанието и контемплацијата. На едно пошироко, метауметничко ниво, Фјодор го претставува секој философ, уметник, писател, поет, творец, и воопшто, човек кој ја бие најтешката битка во општеството, сосредоточена во прашањето: Што значи да се биде разбран во свет во кој луѓето самите не се разбираат? Што значи животот да ти биде ставен на линија, кога сѐ што луѓето прават повеќе наликува на преживување одошто на некаква повисока форма на егзистенција? Оттука, Фјодор има универзално значење, а во потесна смисла на зборот, како лик кој раскажува и дејствува во романот, тој е најчистата инкарнација на уметничкиот ерос – нескротливата креативна страст која лежи во секој човек. Всушност, самите уметнички концепти во делото не се ништо повеќе од креативни изблици на Фјодор – начини на кои се пројавува неговиот лик, своевидни хипостази кои се потчинети на највисоката уметност, кон која тој очигледно постојано цели во романот. Секој уметнички концепт, како што се: борбата за самостојност на уметникот, градбата на неговиот идентитет апсурдот на постојаната борба со надворешниот и внатрешниот свет (општеството и самиот човек), минливоста на животот на човекот како извор на неговата борба да биде свој и автентичен, го обликуваат сето дејство во романот, а воедно и го менуваат самиот главен лик додека раскажува за своето минато. Всушност, уметничките концепти имаат исцелителна улога за Фјодор, како своевидни жигови кои ја менуваат неговата личност одвнатре.


А: Кажав во воведот на интервјуто дека многу умешно и непатетично вметнуваш и една љубовна приказна во романот што е исто така многу тесно врзана со овие концепти споменати во претходното прашање. Зошто ти беше важно, покрај приказната за личниот живот на уметникот да се вметне и оваа љубовна приказна? Каков лик е Олга и што таа тебе како протагонистка ти значи? Колку љубовната приказна е нужна кога зборуваме за живот на еден уметник?


В: Љубовта несомнено е најбурното чувство кое го обзема секој човек. Таа всушност го прави секој човек уметник бидејќи токму низ неа човекот ја стекнува желбата да биде единствен во мноштвеното, да биде поединец со свое его, со своја автентична и непоколеблива животна борба. Љубовта на човека, особено на Фјодор кој се обидува да исплива од црнината, да го изнајде излезот од прогонството кое го демне сиот живот, му дава надеж до толкав степен што во книгата, уште во првите неколку поглавја, надежта ја изедначувам со љубовта, на онтолошко ниво. Оној кој љуби е спотнат, оплеменет со надеж, а оној кој се надева не знае ништо друго освен љубовта – страсната вљубеност во целта на борбата, во дестинацијата на пловидбата (во делото се чини дека ова место никогаш вистински не се достигнува, туку останува само идеја во умот на главниот лик). Од таа причина, важноста на љубовта во едно уметничко дело од овој маштаб е непроценлива. За волја на вистината, можеби таа останува единствената неискривоколчена идеја по „замавот“ на протестантите.


Оттука, ликот на Олга Шафирова – уметница која дури однадвор, на прв поглед, се чини како да ја носи сета револуција која жожори во срцето на главниот лик, се јавува како резултат на постојаната надеж која еманира од Фјодор. Љубовната приказна помеѓу Фјодор и Олга напати делува потполно непостоечка и вакантна, особено кога се јавуваат вистинските можности таа да прерасне во нешто повеќе, да воспостави свој нов, подинамичен зачеток во диегезисот. Верувам дека љубовта е тлеечки оган кој гори во срцето на човекот, сè додека тој живее, или, да бидам попрецизен, додека се надева.

Како протагонистка, Олга ги обединува сите уметнички концепти во еден борбен лик кој останува непобитна инспирација, муза и копнеж до крајот на животот на Фјодор. Таа го гради неговиот идентитет, и тоа, на еден мошне парадоксален начин: што подалеку се наоѓа од него, тоа Фјодор станува посвесен за нејзиното постоење, го пробудува копнежот во себе, се пронаоѓа себеси во најнеочекуваните нешта, а не случајно, тоа се најубавите спомени од неговото детство (руската природа, пејзажите на Шишкин, естетиката на скромниот дом во кој живее со мајка му Аглаја). Олга го брани Фјодор – заедно се засолнуваат од протестантите, заедно сликаат и цртаат, што всушност ги прави двајцата обострани уметнички сопатници (колку и да отсуствува ликот на Олга во животот на главниот лик во повеќе од половина од неговиот живот). Олга, пројавена во своевиден револуционерен и, често во делото, феминистички пандан на борбата за самостојноста на уметникот, ја претставува најубавата, женствената страна на уметноста, од другата страна на „кафезот“ кој неретко е апострофиран во делото.


Верувам дека ликот на Олга е најразбирлив од сите ликови, од причина што без разлика на апстрактната и трансцендентна природа на љубењето, самата љубов никогаш не може да биде вистински неразбирлива или неподатна. Самиот стремеж на уметникот да постои како таков го води кон љубовта, и тоа, мошне веројатно, најмногу кон своите сопствени дела.


А: Во романот има една приказна врзана со одредени револуционери како движење кое ѝ се спротиставува на ликовната уметност и уметниците. Раскажи ми повеќе околу овој концепт, зошто вакво решение? Колку ти е политичката/ангажираната страна на книжевноста важна и потребна? Што во едно општество значи кога одредена уметност се забранува и колку е важно таа тема да е присутна во книжевноста?


В: Уште на самиот почеток од романот се забележува влијанието кое го има историскиот контекст на сите збиднувања во него, а особено се истакнуваат разлозите зад т.н. протестантско движење против уметноста. Како млад библиотекар и новинарски службеник, еден ден Фјодор одлучува самиот да објави напис во кој остро ја критикува состојбата во која се наоѓа неговата држава. Ова дополнително го разгорува пламенот – го втурнува Фјодора подлабоко во бескрупулозниот вител. Сенародното движење во Русија и Франција, во овој наративен контекст, се однесува на честите бунтови кои одекнувале во минатото, предимно против буржоаскиот сталеж и крупните феудалци кои се криеле зад лицето на уметничките дела. Патем речено, и двете држави во кои се одвива дејството претставуваат носечки културни столбови на европскиот континент во текот на XVIII и XIX век, но што е уште поважно, и во Русија и во Франција долго време постоел овој непомирлив јаз помеѓу „богатите сопственици и колекционери на уметннички дела“ и „угнетените набљудувачи кои немируваат“. Дијалектичкиот пристап во книжевноста е тој кој ги придвижува сите различни светови во делата, кој воведува динамика во наративот и, пред сѐ останато, ја доловува природата на човештвото. Луѓето постојано војуваат едни против други. 


Револуцијата во романот очигледно не значи само плотунска битка против неправдата, или како што велат протестантите: „НЕ за аристократијата, ДА за демократијата“, туку бидува и автодеструктивна борба на човештвото – на наивните луѓе кои се незадоволни од средината во која живеат. Отсекогаш постоела тенденција уметноста да биде цензурирана, на ист начин на кој вистината била забранувана и искривоколчувана за време на најтурбулентните пресврти во науката. Почнувајќи од декретот на Јустинијан со кој се затвораат сите антички философски школи (заедно со Академијата на Платон и Ликејот на Аристотел), па низ схоластичкиот период и владеењето на Инквизицијата (судбината на Џордано Бруно и Микеланџело Караваџо), сѐ до дваесеттиот век и постмодерната епоха во која избувнуваат дотичните движења на незадоволство, можам да констатирам дека политичкиот ракурс на секое книжевно дело е од исклучителна важност. Човекот е zoon politikon (политичко суштество) и како автори не смееме да ја пренебрегнуваме суровоста на општествениот живот кога пишуваме за човекот, за уметникот.


А: Романот исто така е дополнет и со колажи на Дариа Илиевска и Јана Самарџиева – како гледаш на односот книжевност и визуелна уметност. Колку ти е лично важно твојата книжевност да комуницира и со другите уметности? И зошто токму колажот како решение за визуленото помеѓу страниците на романот?


В: Допирот помеѓу уметностите на творештвото му дава една силна, стихина, сестрана компонента. Оттука, мошне природно се роди идејата за соработка со моите најблиски пријателки, а воедно и извонредни уметници, Дариа и Јана. Можам да речам дека овој допир помеѓу уметностите за овој роман е важен не само од естетски или белетристички аспект, туку проникнува на едно длабоко сентиментално ниво. Јана и Дариа успеаја сите наши разговори и дилеми за уметноста да ги срочат во еден питорескен, а сепак, ахроматски приказ на внатрешни илустрации. После секое поглавје се гледа по еден печат од нивното уметничко срце. Како техника мошне спонтано го избравме колажот – самиот Фјодор во дел од романот е новинар, па сиот негов живот може визуелно да се претстави како циклус од сечени, лепени и распоредувани новинарски написи, слики извадени од дамнешни списанија, фотографии од апстрактни тела и фигури. Илустрациите не пројавуваат боја бидејќи ги отсликуваат сите внатрешни чувства, немири и перипетии кои жожорат во срцето на главниот лик, кои најчесто не може да се дефинираат или вкалапат во хроматска целина. Тоа е воедно и заднината на окултниот наслов на романот. Сета боја излива зад црнината, зад сивите кулиси кои се преслекуваат пред м(р)ачниот живот на човекот, зад несфатливата природа на светот во кој живееме. Очигледно, како што можеме да воочиме на прв поглед кај илустрациите на Јана и Дариа, а воедно и кај внатрешната корица на Викторија и Михаела, бојата сама треба да излезе на површина и на виделина. Читателот единствено треба да му се препушти на допирот помеѓу уметностите, а што е тоа, ако не самиот живот.


А: Видлив е твојот интерес за философијата. Кои концепти и учења ти се значајни и важни, што од философијата посебно те интересира? Како тие омилени концепти ги вклучуваш во романот и колку ти беше важно при пишување да се вметне и таа философска подлога особено шри градењето на ликовите и оформувањето на нивните животи внатре во романот?


В: Философијата е истовремено провениенцијата и врвот на сето креативно делување. Кај мене, а и кај сите кои философскиот ерос го инкорпорираат како составен, нераскинлив дел на творештвото, не станува збор само за интерес, туку и за длабока љубов кон философијата. Самите принципи според кои ги пишуваме делата може да се објасни на философски начин, почнувајќи од гносеолошките и онтолошките тематики со кои се занимава секој автор, свесно ли не. Поконкретно за „Сета боја зад црнината“, клучни философски поими и концепти се: естетиката (суштината на „убавото“ наспроти „грдото“); пантеистичките елементи во романот (Бог, иако е апсолутно неприфатлива категорија за главниот лик кој е атеист, во текот на целото дело е изедначен со природата; Бог е самата природа на нештата, двигател на случувањата – битката помеѓу протестантите и високите сталежи; Природата не е трансцендентна и надвор од светот на боите, туку иманентна – таа проникнува во секоја поединечна боја, во секој лик, во секој нивен збор, во секоја слика и секој цртеж); дијалектиката (постојаната борба меѓу спротивностите, меѓу оние кои мислат поинаку, меѓу општествено подобните и оние кои за народот биваат „закана“) итн. Кога се навраќам на текстот од гледна точка на негов читател, можам да забележам некоја скриена амбиција која сум ја имал, која дури сега ја воочувам. Се чини како во романот да се обидувам да создадам некојаси своја, нова, философија на уметноста. Бездруго, двете се неразделни една од друга.


А: Што читаш во слободно време? Кои ти се омилени наслови од домашната и светската книжевност? Кои ти се омилени философски наслови? 


В: Во слободно време читам психолошки романи, и тоа честопати се навраќам на класиците од светската и домашна белетристика, а во последно време знам да прочитам и неколку редови поезија. За волја на вистината, ретко кога раката ми посегнува по некое ново, свежо издадено дело, единствено ако не е навистина впечатливо и приемчиво на прв поглед. Од светската книжевност како омилени наслови мора да издвојам повеќе: „Ловец на змејови“, „Браќата Карамазови“, „На Запад ништо ново“, „Клетници“, „1984“, „Животинска фарма“, „Соларис“, „Злосторство и казна“, „Процес“, „Чекајќи го Годо“, „Мајсторот и маргарита“ итн., додека од македонската, домашна книжевност несомнено би ги издвоил: „Пиреј“, „Ќерката на математичарот“, „Диво месо“, „Бели мугри“ и многу, многу други. Омилени философски наслови ми се дефинитивно: „Така зборуваше Заратустра“ од Ниче, „Критика на чистиот ум“ од Кант, „За страстите на душата“ од Декарт, „Општествениот договор“ од Русо итн.


А: Покрај прозата пишуваш и поезија, а моментално на домашната книжевна сцена има многу активна млада книжевна, особено поетска, сцена. Ги читаш ли младите автори, како гледаш на твојата генерација книжевници и уметници? Што е она што ти се допаѓа на нашата млада книжевна сцена? Што ти, како млад автор, би сакал да видиш и да направиш во рамки на сцената во која сега влегуваш?


В: Мислам дека нашата книжевна сцена, кога станува збор за младите творци, особено поети, дури може да служи како урнек за простор во кој секој има што да каже, каде тоа успешно и слободно го преточува во автентично книжевно дело кое допира до поширока публика, но најважно од сѐ, млада публика. Како држава и општество, но воедно и писателски колективитет, соочени сме со сѐ помал интерес за читање кај младината, но како човек кој е во секојдневен контакт со млади луѓе, мислам дека она што го прават младите македонски поети и поетеси е инспиративно и во извесна мера, револуционерно кога станува збор за развојот на мислата, а оттаму и на самата уметност. Андреј, Милена, Иван, Стефан… ова се сѐ имиња на луѓе кои се сосредоточени и наполно посветени на „одбраната на книжевноста и младиот дух“, на сличен начин на кој Фјодор во романот го брани она што е останато од слободната уметност.


Лично сакам да покажам дека искрената авторска мисла може да промени многу нешта, често дури и радикално. Историјата покажала дека на секоја историска револуција ѝ претходат години и години авторско, философско истражување и изразување. Сметам дека она што ѝ недостига на македонската книжевна сцена, а кон кое како младина треба да се стремиме, е вистинскиот, недвосмислен приказ на реалноста која ја живееме. Мислам дека ни фали малку повеќе храброст – одважност да излеземе од одбранбениот плашт во кој вешто се скриваме и на уметнички, несекојдневен и неприкосновен начин да ја претставиме реалноста, без разлика дали станува збор за проза, поезија или драма. Јас сакам да бидам дел од оваа нова уметничка преродба, ако може да се рече.


А: За крај, останува уште да те прашам дали моментално работиш на нешто ново, што пишуваш, имаш ли некои планови за сопственото творештво? Плус, со оглед на тоа што сега го завршуваш своето средно образование – што планираш поматаму, дали и професионално сакаш да влезеш во уметничките води?


В: Како што и самиот Леноардо да Винчи вели: „Ниедно уметничко дело не е завршено, туку само напуштено“, веднаш можам да кажам дека постојано работам на нешто ново – тоа е резултат на креативниот инстинкт кој тлее во сите писатели, кој наизглед никогаш не може ни да угасне. Моментално работам на мојот трет роман, кој планирам да го издадам наскоро, а воедно за блиската иднина сакам да ја издадам и својата прва стихозбирка – нешто што сите го очекуваат од мене веќе неколку години. Не сакам да избрзам со ништо, но истовремено, во еден кафкаескен контекст, не сакам времето да биде црвот кој постепено ќе го јаде јаболкцето во мене. Во поглед на мојот професионален развој, засега амбициите ми се свртени кон правните студии т.е. Уставното право на нашата држава, но радо би сакал да се запишам и како студент на Филолошкиот факултет. Сметам дека уметничките води се секогаш отворени и широки за сите оние кои се подготвени да пловат и да ги издржат бурите. Во нашата држава, за млади автори, овие бури се чести и напати немилосрдни, но искрената авторска мисла и ангажман е единствениот начин на кој нашите ставови и светогледи ќе се најдат на другата страна од страницата. Затоа верувам дека без разлика на сѐ во животот, без разлика на факултетот за кој ќе се определам, животот кој ќе го живеам, условите во кои ќе творам, јас длабоко верувам, и знам, дека нема да престанам да пишувам. За уметниците, пишувањето е исто што и живеење.


Comments


bottom of page